Каде е иднината на младите во образованието? (2)
Македонија се сочуваше и се соочува со криза во учењето. Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) покажува поразителни резултати. Во Западен Балкан сме најслаби (во читање, Математика и Природни науки). Поразителна е аналитиката што ја покажува дека: „По 11 години поминати на училиште, едно дете во Македонија во просек има образовни резултати еднакви на 7,3 години учење. Тоа е најлош резултат во Европа или, со други зборови, децата одат на училиште 3,7 години, кои им се залудно потрошени“.
Која е причината за слабите меѓународни резултати од ПИСА-тестирањето?
Меѓународната организација за економска соработка и развој (ОЕЦД) ги објави резултатите од меѓународните тестирања ПИСА (Програма за меѓународно оценување на учениците) по Математика, Јазична писменост и Природни науки. Нашите македонски 15-годишни ученици од вкупно 81 земја се на 62. место по Математика, со просечни 388 поени (просек ОЕЦД изнесува 472), на 71. место по читање, со забележани 358 поени (просек на ОЕЦД е 476), и на 68. место по Природни науки со 379 поени (просек на ОЕЦД е 489 поени), односно, како што истакнува претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Диџовани: „резултатите покажуваат дека три четвртини (74 отсто) од 15-годишните ученици во Македонија имаат слаби резултати по читање, додека двајца од тројца ученици покажуваат ниски резултати по Математика (64 отсто) и Природни науки (65 отсто). Нашите ученици се послаби од: Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, а се пред врсниците на Албанија и Косово.
Мрежата на основните училишта
Во поглед на мрежата на основните училишта во Македонија се констатира дека е составена од 1.000 училишта, од кои 363 се централни и 637 се подрачни училишта (овие податоци се пред пописот во 2021). Намената на подрачните училишта е да се обезбеди образование во подалечните урбани или рурални заедници, тие претставуваат две третини од училишната мрежа и во нив учат 7 отсто од вкупниот број ученици. Или, поконкретно, 93 отсто од учениците (171.000) посетуваат настава во 363 централни училишта и 7 отсто од учениците (под 12.800) посетуваат настава во 637 подрачни училишта.
Ситуацијата е таква (како што наведов) што најголем број училишта држат настава во две смени. Тоа е една од причините зашто учениците во Македонија добиваат помалку часови настава. Од друга страна, тоа ги ограничува ширината и длабочината на наставата и можностите за дополнителни предмети или дополнителни часови за учениците. Поконкретно кажано (како што наведов): на шестгодишна возраст, првачињата во Македонија имаат едно од најниските нивоа на планирано време за настава (552 часа) меѓу 79 земји што учествуваат на ПИСА. Додека достигнат четиринаесетгодишна возраст, овие ученици ќе имаат околу 900 часа помалку настава од просекот за учениците низ земјите на ОЕЦД. За да се надмине овој предизвик, реформата на основното образование треба да има цел да се зголеми бројот на часови за настава. Но за да се зголеми бројот на часови мора да се зголеми времето, училиштата треба да создадат услови за работа во една смена. Со реформата се предвидени и ревидирање и воведување нови образовни стандарди, вклучително и стандарди за училишна инфраструктура и опрема, како и за пристапност и безбедност. За да се исполнат овие стандарди треба да се приспособи физичката инфраструктура или преку дополнителни инвестиции или пренамена на недоволно искористени згради.
Кога се има предвид големината на паралелките, во согласност со Законот за основно образование (2019), се предвидува дека во секоја паралелка треба да има најмалку 20 ученици. Сепак, од истражувањето се констатира дека „…само 13 општини (16 отсто) го исполнуваат овој услов и над половина се со просечна големина на паралелките од 10 до 15 ученици“. Поконкретно: „Процентот на општините во кои просечната големина на паралелката е 11-15 ученици е 42 отсто, од 15 до 20 ученици се 33 отсто, од 21 до 25 ученици се 14 отсто, од 6 до 10 ученици се 7 отсто, од 26 ученици се 3 отсто, од 1 до 5 ученици се 1 отсто“. Покрај тоа, училиштата со најнизок сооднос ученик-наставник во земјата имаат помалку од пет ученици по наставник. Поради демографските промени, во одредени општини недостигаат наставници, а во други има недоволна искористеност на човечките ресурси. Покрај тоа, 9 отсто од наставниците се пред пензионирање.
Во подеталната анализа на структурата на наставничката работна сила на општинско ниво, исто така, се посочува на загрижувачки недостиг од наставници што се квалификувани да ја исполнат визијата за образовна реформа. На пример: има недостиг од квалификувани наставници за одделенска настава споредбено со наставници за предметна настава. И меѓу наставниците за предметна настава недостигаат наставници што се квалификувани за Математика, Физика или Хемија, во споредба со наставниците по предмети од општествените науки. Во училиштата со мајчин јазик различен од македонскиот јазик, дополнителните предизвици посочуваат на потреба од детална анализа на нивото на општини и училишта за да се разбере како треба да се приспособи наставниот кадар, а некои од општините ќе треба да ги прераспределат наставниците на други образовни профили.
Поради далекосежни демографски промени, карактеризирани со намален наталитет, миграција и зголемена урбанизација, некои училишта по ОПШТИНИТЕ, мора да работат на консолидирање на училишната мрежа. Има училишта што се пренатрупани, додека други се недоволно искористени, што понекогаш резултира во некои училишта да има повеќе наставници од ученици.
Колку се троши за образованието?
Истражувањата укажуваат дека во земјава се троши помалку за образование за разлика од просекот на меѓународно ниво, но и овој процент е во опаѓање. Со 3,7 проценти од БДП во 2018 г. (сега е 3,2 проценти), јавното трошење за образованието во Македонија и најниско во Западен Балкан и многу пониско од просекот од 5,2 проценти од БДП во ОЕЦД или од просекот од 4,9 проценти во 27 земји членки на ЕУ. Но каде плови овој брод?
Средното образование
Многубројни се проблемите во средното образование. Еден од најургентните проблеми во средното образование е отсуство, односно лоша конципираност на системот на дуалното образование, што детерминира негова неусогласеност со пазарот на трудот. Колку е значаен овој проблем (дуално образование) потврдува фактот што во последниве неколку години, нашиот македонски пазар на трудот побарувал и планирал 12.580 вработувања, од кои дури 63,5 отсто се работни места за кои е потребна средна стручна подготовка.
Соодветен квалификуван кадар со средно образование, со знаења, умеења и вештини, тешко се наоѓа – тоа е проблем што постојано го истакнуваат менаџерите на странските компании во земјата. За ова тие предлагаат и преземање соодветни мерки за развој на дуални програми во системот на средното стручно образование, односно практична настава што ќе се реализира во самите компании. Компаниите треба јасно да ги изразат и да ги планираат своите потреби за струките и занимањата неопходни за нивно успешно работење и во соработка со средните стручни училишта да изготват флексибилни наставни програми за реализирање на ваквата цел.
Што покажуваат искуствата на некои развиени странски држави
Искуствата на Германија, Австрија, Швајцарија, недвосмислено потврдуваат дека улогата на стопанските комори и на агенциите за вработување во профилирањето дуален систем на средно стручно образование е особено значајна – стопанските комори треба да ги анимираат фирмите и училиштата во изготвувањето и профилирањето на наставните програми, кои ќе осигурат оптимална комбинација на теоретскиот и на практичниот дел на наставата, а агенциите за вработување да им помагаат на учениците да одберат занает (соодветно стручно училиште), да аплицираат и да се запишат во соодветно училиште.
Нашата држава Македонија се наоѓа во длабока образовна криза долг временски период, бидејќи не се извршени битни промени во оваа сфера со издвојување за образование, наука, истражување и развој, кои ќе се третираат како инвестиција во иднината на земјата, а не како трошок. Со други зборови кажано, да се имаат предвид иновирање, трансформирање и реформирање на образованието.
Дали Македонија има образовна стратегија?
Од искуствата на некои развиени европски земји во делот на образованието, импликациите од ова за Македонија се дека треба да се замени постојниот неплански и стихиен систем на образование со плански, во кој државата ќе има јасна стратегија и план за тоа како сака да се развива, на кои сектори да се заснова, а потоа и образованието и економските политики да бидат координирани и насочени кон истите цели.
Во изминативе 30 години, Македонија нема развојна стратегија ниту за економијата ниту за образованието. Во економијата сѐ беше препуштено на пазарите, во образованието се одеше по инерција, и затоа и дојдовме до оваа ситуација, да немаме никаков развој, ниски стапки на економски раст, висока невработеност, висока сиромаштија од една страна, а недостиг од одредени работници и континуирано пропаѓање на образованието. Мора да се сфати дека не може веќе така и конечно да почнат да се менуваат работите, укажуваат експертите.
Државниот завод за статистика (ДЗС): Недостигаат работници
Според ДЗС, најмногу работници недостигаат во прехранбената индустрија трговијата и градежништвото. Гледано по занимања, кај нас најмногу недостигаат работници во услужните дејности и продажбата, па потоа техничари и машински работници, но, во суштина, тоа се позиции што се полошо платени и имаат тешки работни услови, па затоа луѓето не сакаат да работат во нив.
Исто така, на пазарот на трудот недостигаат сите видови производствени работници, угостители, работници во трговијата на мало, но исто така и ИТ-инженери, возачи на автобуси, металуршки и електроинженери, машински инженери и други висококвалификувани работници.
Каква е состојбата во Агенцијата за вработување на Македонија?
Во оваа агенција има пријавено вкупно 151.204 невработени лица, од кои 117.049 активно бараат работа, а 47.873 не бараат работа, а се пријавени како невработени.
Извештајот на Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) од евиденцијата за декември 2023 година покажува дека работа бараат вкупно 15 доктори на наука, 550 магистри и 6.688 лица со завршено високо образование. Од лицата со титули што чекаат вработување, најмногубројни се оние од областа на правните, но и економските науки. Информациите од АВРМ за невработени лица магистри на наука покажуваат дека најмногубројни се магистри на правни науки, економски науки, бизнис-администрација, инженери архитекти, политички науки, потоа магистри по маркетинг-менаџмент, психолошки науки, по меѓународни односи и други.
Невработени лица доктори на наука, според извештајот на АВРМ, што бараат работа се: доктори по политички науки, економски науки, информатички науки, по јавно здравје, од областа на безбедноста, по филолошки науки, социјална работа и социјална политика, по педагогија и други.
Загрижувачки е податокот дека 21.246 невработени лица, или 46 отсто, од вкупниот број невработени се без образование и со основно образование, 44,7 отсто се со тригодишно и четиригодишно образование и само 8,3 отсто или 3.774 лица се со завршено вишо или високо образование. Дополнителен проблем е што лицата со образование не прифаќаат обуки и преквалификации што им се нудат од страна на агенцијата.
Вистината лежи во огромниот број вработени на црно и работници што веќе си заминуваат во странство. Како проблем, економските аналитичари ги истакнуваат системот на образованието, кој не продуцира кадри потребни на нашето стопанство, и слабата контрола на сивата економија и социјалната заштита.
Затоа, најпрво мора да го исчистат списокот на невработени од вработените на црно, лицата заминати во странство и сите оние што не прифаќаат преквалификации и вработување.
Занимањата што ќе се бараат во иднина
Што се однесува до занимањата што ќе се бараат во иднина, експертите истакнуваат дека тие мора да го следат развојот на стопанството, дигитализацијата, роботизацијата, зелената трансформација и сѐ што носат новите технологии.
Со развојот на вештачката интелигенција, во некои професии од администрацијата ќе се намали нивниот број или целосно ќе згаснат, но во индустријата и земјоделството ќе останат голем број професии што ќе функционираат и понатаму.
Што е клучно?
Клучно е кариерното насочување на основците и средношколците, дуалното образование и акредитацијата на факултетите да одговараат на општествените интереси.
Образованието не чини многу пари, а ако тоа служи само за да квалификува какви било кадри што ќе заминат во странство, тогаш на долг рок Македонија нема да може да го задржи ова.
Македонија треба да гради образовна и економска политика, а не политика во образованието и економијата, што е практика во нашата држава.
МАКЕДОНИЈА ГО ЗАСЛУЖУВА ТОА.
(крај)
Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија