За 24 осомничени за трагедијата во Кочани определен 30-дневен притвор
Основниот суд во Кочани соопшти дека е определена мерка 30-дневен притвор за сите 24 лица за кои Основното јавно обвинителството во рамките на истрагата бараше изрекување на мерката во врска со истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животите ги загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени.
Меѓу 24-те лица за кои е одреден притвор се и тројцата градоначалници на Кочани, и тоа градоначалникот во заминување Љупчо Папазов, како и поранешните Ратко Димитровски и Николчо Илијев. Инаку, 30-дневен притвор му е одреден и на бившиот министер за економија Крешник Бектеши, поранешната државна секретарка во ова Министерство, Размена Чекиќ-Дуровиќ, како и на раководител во Министерството, Беким Хаџиу.
Со досегашната истрага за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се опфатени 27 физички и три правни лица.
Вкупниот број осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички и три правни лица, по првите истражни постапки против седум полициски службеници од СВР-Штип и ПСОН-Кочани.
Во првата фаза во постапувањето на МВР и Обвинителството се поднесени две кривични пријави против 34 физички и три правни лица, за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по членот 292 во врска со „предизвикување општа опасност“ по членот 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено и за „примање поткуп“ по членот 357 од КЗ.
Коцевски на прес-конференција посочи дека со завршување на истрагата ќе се разјаснат сите околности и факти за причината за пожарот, кој го предизвикал, начинот на предизвикување и со кое пиротехничко средство.
Лицата, како што информира Коцевски, се сомничат за кривично дело за кое е предвидена казна од најмалку три години, што значи дека максимумот на казната е 20 години, а се сомничат дека како соизвршители, подготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.
Двајца од пациентите од Кочани се на механичка вентилација, двајца оперирани
Една недела по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, се намалува бројот на критичните пациенти што се лекуваат во земјава и надвор од државата. Но, како што посочуваат надлежните, борбата не е завршена, таа допрва претстои, почнува ризикот од инфекции и претстои можно влошување на состојбата. Денес се очекува да бидат објавени протоколи за враќање во земјата на првите пациенти од странство што се во добра здравствена состојба што ќе се случи, најверојатно, во втората половина на неделата.
Во земјава моментално се лекуваат 54 пациенти од пожарот, на Клиничкиот центар се 27 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ – 11, во Градската општа болница – 10, додека на приватните клиники се лекуваат шест пациенти.
Од земјите во кои се лекуваат нашите сограѓани доаѓаат потврди дека наскоро ќе започне испишување на првите пациенти, како и подготовки за нивно враќање дома. Седумнаесет од вкупно 30 повредени од пожарот во Кочани што се лекуваат во Србија се хоспитализирани на Ургентниот центар во Клиничкиот центар во Белград. Двајца од пациентите се на механичка вентилација, а на двајца им е извршена операција, вели во изјава за РТС директорот на Клиниката за пластична хирургија и реконструкција, Милан Стојичиќ. Тој додава дека пациентите на кои им е извршен оперативен зафат се во добра општа состојба и дека постоперативниот тек се одвива непречено. Неделава, како што вели тој, најверојатно ќе бидат оперирани уште пет-шест пациенти, а неколкумина веројатно ќе може да бидат префрлени на одделение бидејќи респираторната функција успешно им закрепнува, а изгорениците им се такви што не бараат престој на Одделението за интензивна нега.
Од 116-те хоспитализирани во странство, 38 се пратени на лекување преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој Владата го активирала веднаш по несреќата, а преостанатите се пратени преку директна билатерална помош.
– Од Италија се планира еден испис, од Шпанија се планираат два исписа, од Шведска еден испис и од Австрија два исписа. Ова е планот, но не е дефинитивно, в понеделник ќе ве известиме точно. Подготвуваме протоколи што ќе бидат прифатени од Кризниот штаб и објавени транспарентно за да се види како ќе се третираат пациентите. Најпрво ќе ги примиме во болниците, потоа ќе ги пуштиме дома – рече министерот за здравство Арбен Таравари.
Според Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), денеска се очекуваат протоколи за враќање во земјата на првите пациенти од странство што се во добра здравствена состојба, што ќе се случи, најверојатно, во втората половина на неделата. Тимови од Израел и од Велика Британија, како што рече тој на прес-конференција, помагаат да се направи планот за враќање, рехабилитација и натамошен третман во земјата.
Финансиска помош за семејствата на настраданите
За секој настрадан во пожарот во Кочани ќе биде доделена итна финансиска помош во износ од 150 илјади денари, која ќе се реализира преку Црвениот крст, соопшти директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски. Владата им го плаќа престојот на најблиски на пациентите што се лекуваат во странство, за што право имаат по две лица од семејството за секој повреден. Томовски повтори дека лекувањето на пациентите во странство е на трошок на државата домаќин, а патот, сместувањето и други трошоци за семејствата ги покрива на нашата влада.
– Досега се згрижени и сместени 188 лица. Свесни сме дека оваа трагедија носи и неочекувани финансиски тешкотии. Затоа, како институција вклучена во овој процес, донесовме одлука за секој настрадан да биде исплатена сума од 150.000 денари како итна финансиска помош за покривање на почетните секојдневни трошоци. Оваа помош ќе се реализира преку Црвениот крст на Република Македонија – рече Томовски.
Министерството за внатрешни работи во изминатиов викенд, во содејство со претставници од Управата за финансиска полиција, Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување, Градежниот инспекторат и Комуналната инспекција, извршило координирани мерки
и активности насочени кон сузбивање незаконски поведенија на физички и правни лица
Засилени пошироки и посеопфатни контроли на надлежните државни органи по трагедијата во Кочани
Лишени од слобода 17 лица затоа што
не ја почитувале одлуката на Владата
за седумдневна жалост
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, за време на викендот на подрачјето на Скопје, Прилеп, Охрид и Куманово од страна на полициски службеници од слобода биле лишени вкупно 17 лица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по членот 387 од Кривичниот законик односно поради непочитување на одлуката на Владата за седумдневна жалост.
Притоа, на подрачјето на Скопје е приведено едно малолетно лице, како и управител на угостителски објект, на подрачјето на Прилеп се приведени 12 лица, од кои едно е малолетно. Во Кичево е приведено едно лице – сопственик на угостителски објект, додека пак во Куманово се приведени две лица – менаџер и управител на угостителски објект.
По целосното документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Констатирани 21 прекршок кај компании и физички лица што превезуваат патници и стока
Државниот инспекторат за транспорт извршил 138 инспекциски контроли во последните три дена, при што открил неправилности кај 21 правно и физичко лице. За прекршоците биле изречени соодветни казни, а случаите ќе бидат пренесени на Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство за понатамошно постапување.
Инспекторатот ги објави компаниите за кои биле утврдени неправилности: „Дурмо турс“ од Гостивар, „Дени интернационал“ од Илинден, „Свис мак алигега“ од Гостивар, „Зем промет“ од Сарај, „Словин Билјана“ од Охрид, „Бис“ од Охрид, „Пештер“ ДОО од Чаир, „Димитриоски“ од Гази Баба, „Хисари-ГД“ од Дебар, „Инком бизнис“ од Куманово и „Палас експорт-импорт“ од Гостивар. Покрај нив, неправилности се откриени и кај 10 физички лица што вршат превоз на патници и стоки.
Од денеска инспекторите започнуваат со интензивни инспекциски контроли, кои ќе вклучуваат проверка на документи, како што се лиценци, изводи од лиценци, дозволи, сертификати за професионална компетентност, тахографи и надзор на безбедноста во сообраќајот, како и спречување нелегален превоз.
При акциска контрола во Тетово и во Гостивар се затворени три угостителски објекти
Во саботата, во периодот од 10 до 15 часот, полициски службеници од СВР-Тетово и ОВР-Гостивар во содејство со претставници од Управата за финансиска полиција, Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување, Градежниот инспекторат и Комуналната инспекција, извршиле акциска контрола и презеле координирани мерки и активности насочени кон сузбивање недозволени криминални активности што се вршат во угостителски објекти на подрачјето на Тетово и Гостивар, со приоритетна цел на сузбивање недозволена трговија со дрога, посредување во вршење проституција, перење пари, коруптивни кривични дела од страна на службени лица вработени во државни институции поврзани со незаконско работење на субјекти што вршат угостителска дејност и други нелегални активности.
Извршени се контроли во 16 угостителски објекти (шест во Тетово и десет во Гостивар), кај кои биле констатирани низа неправилности и од страна на ДПИ, ДЗС и УЈП ќе им бидат подготвени соодветни поднесоци, додека од страна на ДПИ биле затворени два угостителски објекта во Тетово и еден во Гостивар.
Екипа на „Нова Македонија“