- На 5 февруари истекува Договорот за ограничување на стратешкото оружје, попознат како СТАРТ – последниот преостанат столб на системот за нуклеарна контрола меѓу САД и Руската Федерација. Неговата судбина сè уште е неизвесна, а одлуката што ќе ја донесе Белата куќа може суштински да ја промени глобалната безбедносна архитектура. Доколку договорот истече без замена или продолжување, тоа ќе биде првпат по повеќе од 50 години нуклеарните арсенали на САД и Русија да останат без формални, правно обврзувачки ограничувања
Договорот СТАРТ беше потпишан во 2011 година и стапи во сила со цел да ги ограничи стратешките нуклеарни арсенали на двете најголеми нуклеарни сили во светот. Тој предвидува максимален број од 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави за секоја страна, како и строги ограничувања за интерконтиненталните балистички ракети, подморничките лансери и тешките бомбардери. Покрај квантитативните лимити, договорот воспостави и систем на инспекции и транспарентност, кои со децении се сметаа за клучен механизам за спречување ескалација и недоразбирања меѓу Вашингтон и Москва. Доколку договорот истече без замена или продолжување, тоа ќе биде првпат по повеќе од 50 години нуклеарните арсенали на САД и Русија да останат без формални, правно обврзувачки ограничувања. Таков развој на настаните, според многу експерти, би отворил нова ера на неизвесност и потенцијално опасна трка во вооружувањето.
РУСКИ ПРЕДЛОГ, АМЕРИКАНСКА ДИЛЕМА
Русија уште минатата година предложи едногодишно продолжување на клучните квантитативни ограничувања од договорот, без дополнителни услови, со цел да се добие време за пошироки преговори. Кремљ неодамна соопшти дека сè уште не добил официјален одговор од Вашингтон на предлогот од претседателот Владимир Путин.
Американскиот претседател Доналд Трамп во еден момент ја оцени идејата како „добра“, но, според неделниот број на „Волстрит журнал“, конечна одлука сè уште не е донесена. Белата куќа кусо соопшти дека токму претседателот лично ќе го одреди идниот тек на дејствување во областа на контролата на оружјето, како и времето кога таа одлука ќе биде објавена. Украинскиот медиум „Страна“, повикувајќи се на „Волстрит журнал“, наведува дека внатрешните дебати во американската администрација и во Републиканската партија се интензивни и длабоко поделени. На кој начин?
ТРИ ПРИСТАПИ ВО КРУГОТ НА ТРАМП
Во политичките и експертските кругови блиски до претседателот Трамп се издвојуваат три јасни позиции околу иднината на СТАРТ.
Првата, поддржана од тврдокорните воени „јастреби“, се залага за целосно напуштање на договорот. Според ова гледиште, отфрлањето на ограничувањата би им дало на САД „одврзани раце“ за брзо зајакнување на сопствениот нуклеарен потенцијал, особено во контекст на растечкиот арсенал на Кина. Пентагон проценува дека Кина во 2024 година располагала со околу 600 нуклеарни боеви глави и дека таа бројка би можела да надмине 1.000 до 2030 година, приближувајќи се до нивото на САД и Русија до 2035 година. Поддржувачите на оваа позиција веруваат дека демонстрацијата на сила би ја зајакнала преговарачката позиција на Вашингтон во односите со Москва и Пекинг.
Втората позиција е попрагматична и предвидува условно, привремено продолжување на ограничувањата, но само доколку Русија се согласи да ги обнови инспекциите на своите нуклеарни објекти. Москва, потсетуваат американските претставници, го блокира пристапот на инспекторите од 2022 година, повикувајќи се на безбедносни и логистички причини поврзани со војната во Украина.
Третата група експерти и поранешни функционери за контрола на оружјето сметаат дека прифаќањето на рускиот предлог за едногодишно продолжување е најразумната опција во моментов. Според нив, тоа би било привремена мерка за „купување време“ и создавање простор за преговори за нов, поширок договор, кој би ги опфатил не само САД и Русија туку и други нуклеарни сили – пред сè Кина.
РИЗИЦИТЕ ОД НОВА ТРКА ВО ВООРУЖУВАЊЕ
Застапниците на контролата на оружјето предупредуваат дека целосното напуштање на СТАРТ би можело да предизвика нова, непредвидлива трка во вооружување, со сериозни последици за глобалната безбедност. Без механизми за транспарентност и проверка, ризикот од погрешни процени, недоразбирања и ненамерна ескалација значително би се зголемил.
Истекот на договорот доаѓа во момент на длабока геополитичка конфронтација, нарушена доверба и парализирани канали за дијалог меѓу големите сили. Токму затоа, според аналитичарите, одлуката на администрацијата на Трамп нема да биде само техничко прашање на контрола на оружјето, туку стратегиски избор што ќе ја одреди насоката на светската безбедност во наредните децении.
Дали утрешниот 5 февруари ќе означи крај на една ера на нуклеарни ограничувања или само кратка пауза пред нов обид за договор – останува да се види. Но едно е јасно: последиците од таа одлука ќе се чувствуваат далеку надвор од Вашингтон и Москва. Р.С.
КУС ИСТОРИЈАТ НА НАЈВАЖНИОТ ДОГОВОР ЗА НУКЛЕАРНО РАЗОРУЖУВАЊЕ МЕЃУ САД И РУСИЈА
Како стартуваше СТАРТ
Во јануари 1993 година, во Москва, претседателите Борис Елцин и Џорџ Х.В. Буш ги кренаа чашите и си се насмевнаа еден на друг по потпишувањето на договорот СТАРТ II. Неколку години по завршувањето на Студената војна, сцената симболично ја отсликуваше надежта дека децениската трка во нуклеарно вооружување меѓу Истокот и Западот конечно ќе остане во минатото.
СТАРТ е кратенка од „Договор за намалување на стратешкото оружје“ (Strategic Arms Reduction Treaty) – серија билатерални договори меѓу Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз, а подоцна и Руската Федерација, насочени кон ограничување и намалување на стратешкото офанзивно оружје. Под тој поим се подразбираат интерконтинентални балистички ракети (ICBM), ракети лансирани од подморници, тешки бомбардери и нуклеарните боеви глави што тие ги носат.
СТАРТ I: ПОЧЕТОК НА НУКЛЕАРНОТО НАМАЛУВАЊЕ
Првиот договор, СТАРТ I, беше инициран од американскиот претседател Роналд Реган во екот на Студената војна. Тој беше потпишан во 1991 година од претседателот на СССР, Михаил Горбачов, и неговиот американски колега Џорџ Х. В. Буш – само пет месеци пред распадот на Советскиот Сојуз.
Договорот стапи во сила кон крајот на 1994 година и претставуваше историски пресврт: за првпат двете нуклеарни суперсили се согласија на длабоки, проверливи и правно обврзувачки намалувања на своите стратешки арсенали. СТАРТ I воспостави строги лимити и детален систем на инспекции, со што значително се зголемија транспарентноста и меѓусебната доверба.
СТАРТ II: НЕОСТВАРЕНАТА АМБИЦИЈА
На тој темел, во 1993 година беше потпишан СТАРТ II. Овој договор отиде чекор понатаму: тој бараше целосно деактивирање на сите интерконтинентални балистички ракети со повеќекратни боеви глави и предвидуваше намалување на стратешките нуклеарни боеви глави на максимум од 3.000 до 3.500 по земја до 2003 година.
Иако договорот формално беше потпишан, СТАРТ II никогаш не стапи во сила. Во втората половина на 1990-тите, односите меѓу Москва и Вашингтон повторно се заострија – поради воените интервенции на САД и НАТО во Косово и Ирак, како и проширувањето на Алијансата кон исток.
Русија ја услови ратификацијата на СТАРТ II со зачувувањето на Договорот за противракетна одбрана (ABM) од 1972 година, кој строго ги ограничуваше системите за противракетна одбрана. Кога САД се повлекоа од договорот ABM во 2002 година, СТАРТ II практично престана да постои.
– Кога САД се повлекоа од Договорот за противракетна одбрана во 2002 година, СТАРТ II исто така беше мртов – оценува Хенинг Хоф од Германското друштво за надворешна политика.
ОД СТАРТ III ДО НОВ СТАРТ
Преговорите за СТАРТ III накратко започнаа, но брзо беа прекинати. Сепак, интересот за контрола и намалување на нуклеарното оружје не исчезна целосно. Во 2002 година беше склучен таканаречениот Московски договор (SORT), со кој двете земји се обврзаа да го ограничат бројот на распоредени нуклеарни боеви глави на меѓу 1.700 и 2.200.
Иако тој договор беше чекор напред, експертите предупредуваа дека бројките и понатаму се катастрофално високи.
– Тоа е сè уште повеќе од доволно за да се уништи целата Земја – изјави Хенинг Хоф во едно интервју за германски ДВ.
Вистинскиот наследник на договорите СТАРТ дојде со Нов СТАРТ (NEW START), кој стапи во сила во февруари 2011 година. Со него, САД и Русија се обврзаа да го намалат бројот на распоредени нуклеарни боеви глави на максимум 1.550 по земја, како и бројот на носачи – интерконтинентални ракети, подморнички ракети и тешки бомбардери – на 800.
Клучен елемент на договорот е механизмот за меѓусебни инспекции, кој овозможува проверка на исполнувањето на обврските и претставува еден од последните канали на доверба меѓу двете нуклеарни сили.
ПОСЛЕДНИОТ СТОЛБ НА НУКЛЕАРНАТА КОНТРОЛА
Последното продолжување на договорот „Нов СТАРТ“ за уште пет години го потпишаа претседателите Владимир Путин и Џо Бајден во 2021 година, со што неговата важност беше продолжена до 2026 година.
Денес, во услови на длабока геополитичка конфронтација и нарушени односи меѓу Русија и Западот, СТАРТ останува последниот активен договор што ги ограничува стратешките нуклеарни арсенали на двете најголеми нуклеарни сили во светот. Неговата историја не е само хроника на договори и бројки туку и потсетник дека дури и во најтешките периоди на меѓународни тензии, контролата на нуклеарното оружје била препознаена како заеднички, егзистенцијален интерес. Р.С.


































