Фото: ЕПА

Дали САД блефираат за „воведувањето огромни царини за земјите што тргуваат со Русија“

  • Предложениот закон во Сенатот на САД би можел да воведе царини од 500 отсто за земјите што тргуваат со Москва, вклучувајќи ги и големите купувачи како Индија и Кина

Американските законодавци наводно подготвуваат закон со кој „ќе се санкционираат земјите што купуваат руска нафта и гас“. Според некои американски медиуми, овој закон би имал цел „да се задуши примарниот приход на Москва, бидејќи мировните преговори за ставање крај на војната во Украина се во застој“.
Имено, предложениот закон во Сенатот на САД, според истите медиумски извори, би можел да воведе царини од 500 отсто за земјите што тргуваат со Москва, вклучувајќи ги и големите купувачи како Индија и Кина.

Трамп работи на повеќе полиња во функција на создавање мир во Украина?

Во разговор со новинарите во неделата, Трамп рече дека републиканците ја изготвуваат правната рамка за понатамошни санкции.
– Секоја земја што соработува со Русија ќе биде многу строго санкционирана – категорично истакна Трамп, додавајќи дека истиот закон можеби ќе се однесува и на Иран.
Во обид да се задушат приходите од енергетските ресурси на Русија, таканаречениот закон за санкционирање на Русија од 2025 година, би донел американски царини до 500 отсто за увоз од земји што купуваат руски ураниум или нафтени производи и не ја поддржуваат активно Украина. Слична царина од 500 отсто би можела да се примени и на стоки или услуги од самата Русија.
Американските сенатори Линдзи Греам и Ричард Блументал ја претставија идејата за овој закон уште во април годинава.
– Крајниот чекан за завршување на оваа војна ќе бидат тарифите против земји како Кина, Индија и Бразил, кои ја поткрепуваат воената машина на Путин со купување евтина руска нафта и гас – соопштија тогаш Греам и Блументал во заедничка изјава.

Трамп размислува за нов сет санкции, но подготви и нов план за мировен
договор

Споменатиот Закон за санкционирање на Русија од 2025 година би стапил во сила ако претседателот на САД констатира дека „Русија одбива да преговара за мировен договор со Украина, дека крши мировен договор или презема други агресивни дејствија во Украина“.
Досега, Трамп се двоумеше да ги поддржи ваквите законодавни иницијативи, бидејќи самиот Вашингтон организираше мировни разговори меѓу Украина и Русија, вклучително и она во Алјаска на 15 август 2025 година. А веројатно е дека ќе се согласи да организира и потенцијален мировен самит за Украина, во Будимпешта.
Во меѓувреме претседателот на САД излезе со мировен план што очигледно е искоординиран на највисоко ниво на релацијата Вашингтон-Москва-Пекинг.
За потсетување, новиот бран санкции од САД и ЕУ во октомври оваа година ги опфаќаа и двете најголеми руски нафтени компании, „Роснефт“ и „Лукоил“, со замрзнување на нивните средства во САД и забрана за лицата од САД да соработуваат со нив.
Речиси во исто време, Европската Унија го усвои својот 19-ти пакет санкции, вклучувајќи и фазна забрана за руски течен природен гас (ЛНГ), но ништо од тоа немаше посакуван ефект за западните сојузници. Р.С.