Пржинската влада требаше да има еднократна употреба, но продолжи да се практикува и на секои наредни избори. Сега се бара Албанец да биде премиер 100 дена, така што и оваа практика може да стане начин на функционирање на секоја наредна влада. Повеќе од јасно е дека не може врз такви незаконски практики да се гради држава, а уште полошо е што ваквите политички експерименти се повторуваат и стануваат практика и за во иднина. Уставниот суд е тој што треба да ги нотира сите дејства што се противуставни и навремено да реагира
СО НЕЗАКОНСКИ ПРАКТИКИ НЕ СЕ ГРАДИ ПРАВНА ДРЖАВА
Изминатите години во Македонија почна да се воспоставува една политичка практика на непочитување на законите и Уставот, почнувајќи од воведувањето на форматот на пржинската влада, па сега со барањето за Албанец премиер во последните 100 дена од мандатот на Владата.
Во македонскиот устав никаде не стои дека треба да има пржинска влада или Албанец премиер, туку точно е предвидено како се добива мандат, како се формира влада и кои се нејзините надлежности. Но очигледно досегашната политичка практика на договарање и правење компромиси по различни прашања е спротивна на заложбите за владеење на правото и ваквите експерименти немаат граѓанска поддршка.
Но кога станува збор за Македонија, очигледно почитувањето на законите и Уставот е второстепена работа, па постојано се изнаоѓаат некакви експериментални решенија надвор од законот и Уставот, само за да се исполнат одредени меѓупартиски договори и да се постигнат некакви политички компромиси.
Се покажа во практика дека неуставната пржинска влада е целосно нефункционална, а несомнено ниту евентуално идниот Албанец премиер ќе може нешто сериозно да направи за 100 дена мандат. Поголем проблем е што ваквата привремена функција е уште еден еклатантен пример за погазување на Уставот и законите, бидејќи така поставениот премиер, само врз основа на меѓупартиски договор, го нема изборниот легитимитет добиен од мнозинството граѓани.
Повеќе од јасно е дека не може врз такви незаконски практики да се гради држава, а уште полошо е што ваквите политички експерименти се повторуваат и стануваат практика и во иднина. Имено, пржинската влада требаше да има еднократна употреба, но продолжи да се практикува и на секои наредни избори. Сега се бара Албанец да биде премиер 100 дена, така што повеќе од извесно е дека и оваа практика ќе стане начин на функционирање на секоја наредна влада.
Уште потрагично е што на ваквите практики понекогаш шурува и самата Европска Унија, која од една страна инсистира на владеење на правото, но од друга страна де факто замижува пред ваквите незаконски практики, кои не можат да се сретнат во ниту една друга европска држава.
Лицемерно е што истата таа Европа ги подбуцнува македонските власти да експериментираат со вакви противправни дејства кога нешто е во нејзин интерес, но од друга страна постојано ја потсетува Македонија за слабостите токму во делот на владеењето на правото, основниот кластер во идните преговори со Унијата, кога и да се случат.
Универзитетскиот професор Живко Андревски во сето ова погазување на законите и Уставот препознава елементи на општество во криза.
– Една од тие практики што се востанови кај општествата што покажуваат кризи, за жал, такво е и нашето општество, е барање други решенија врз основа на политички договори, надворешни притисоци, присуства и мешање, така што сето ова што сега се прави почнува да добива впечаток на регуларност, за жал. Откако постои Уставот и во формална и правна смисла, може во реалноста да се јави и друг устав што не е во целосна согласност со пишаниот, кој отстапува во некакви помалку битни точки, но може да отстапува и во крупни точки. Кај нас во многу делови од животот мислам дека веќе почнува тука да дејствува еден друг устав што не е напишан, што не е формализиран, туку се применува една друга практика чии одлуки имаат правна сила и правна тежина како да се ниво на уставни норми. Меѓукоалициските договори практично стануваат решение со сила на уставен принцип. Таква беше пржинската влада, а еве сега истиот принцип се користи и за оваа иницијатива за 100 дена Албанец премиер – истакнува Андревски.
Според него, Уставниот суд е тој што треба да ги нотира сите дејства што се противуставни и навремено да реагира.
– Уставниот суд треба да го штити уставниот поредок според Уставот, тоа е една клучна идеја од која произлегуваат надлежностите – смета Андревски, притоа додавајќи дека некакви отстапки од законите се можни единствено при воени или вонредни состојби, но и тие треба да бидат со временски рок и подоцна да се легализираат во парламентот.
За професорот Андревски улогата на Европа во сите овие незаконски процеси е предвидлива бидејќи за Брисел најважно е да не се продуцираат проблеми.
– ЕУ за овие општества и овие држави се грижи само кога ќе направат проблем и кога ќе се продуцира некоја поголема криза. Тој збор европска бирократија, за жал, е точен бидејќи таа е трома и реагира само кога нешто ќе мора да се реши. Овие наши внатрешни експерименти не ги загрижуваат ако не генерираат покрупни проблеми – истакнува Андревски.
Тој се согласува дека противзаконските решенија што се применуваат кај нас стануваат практика за идно однесување.
– Пржинската влада тогаш беше нужна да се надмине одредена ситуација и тоа тогаш се сметаше за решение. Без оглед на привремениот карактер, тоа подоцна се претвори во облик на практика. Претпоставка е дека се основани исказите дека во рамките на меѓупартиските договарања е предвидено 100 дена да биде премиер Албанец, иако тие немаат правна тежина и можат да не бидат спроведливи. Но очигледно и оваа практика ќе се востанови, без оглед што ја нема во Уставот. Кај нас сè повеќе почнува да функционира некој непостоен устав, но видлив – заклучува професорот Андревски.