Фото: Маја Јаневска-Илиева

Заменик на претседателот на владата задолжен за политики за добро владеење е името на новата позиција што беше востановена со неодамнешното изгласување на новиот владин кабинет. Истовремено, беше укината позицијата вицепремиер за борба против корупцијата, која со големи очекувања беше востановена само една и пол година претходно. Дали е при крај офанзивата против корупцијата или таа отсега ќе се третира како интегрален дел на поширок зафат на доброто владеење се некои од прашањата што се наметнаа во јавноста по ова „ребрендирање“. Во суштина, треба да се остави простор и време, бидејќи „проблемот не е како тоа ќе се именува, туку како ќе функционира“!

ПО ПРОМЕНИТЕ ВО НАЗИВИТЕ НА ВИЦЕПРЕМИЕРСКИТЕ ПОЗИЦИИ

Заменик на претседателот на владата задолжен за политики за добро владеење е новата позиција што беше востановена со неодамнешното изгласување на новиот владин кабинет, при што беше укината позицијата вицепремиер за борба против корупцијата, која со големи очекувања беше востановена само една и пол година претходно. Дали заврши офанзивата против корупцијата или таа отсега ќе се третира како дел од една поширока институционална акција на добро владеење се некои од прашањата што се наметнаа во јавноста по оваа „ребрендирање“. Тоа особено што извештаите за распространетоста на корупцијата, и тоа на највисоко ниво, како и за степенот на перцепцијата на корупцијата, и понатаму се далеку од поволни.
– И кога беше воспоставено вицепремиерското место за борба против корупцијата, јас сметав дека тоа е лошо решение. Претставник на извршната власт да се бори против корупцијата во извршната власт е нереално за очекување. За тоа постојат Државната комисија за спречување корупција и Обвинителството. И во еден таков систем каде што ја имаме Комисијата со превентивни и Обвинителството со правосудни ингеренции, тоа навистина е непотребно преклопување. Зошто требаше претставките да се доставуваат до доскорашниот вицепремиер Љупчо Николовски, наместо до тие што се надлежни да примаат такви претставки? Мислам дека промената на називот не ја исклучува борбата против корупцијата. Сметам дека и во Владата го увиделе проблемот на мешањето на извршната власт во работата на Комисијата за спречување на корупцијата и на Обвинителството и затоа и ја направија промената – објаснува аналитичарот Сашо Клековски.
Но и понатаму, без намера однапред да се оспори потенцијалната улога на новоименуваната вицепремиерка Славица Грковска, која јавноста ја памети како една од најагилните пратенички од редовите на СДСМ, останува прашањето на целисходноста на нововостановената позиција во Владата.

– Во случајов, клучно е прашањето каде ќе биде разграничувањето помеѓу надлежностите на потпретседателот на Владата за политички систем и на потпретседателот за политиките на добро владеење, што, сепак, е дел од политичкиот систем, така што очекувам дека повторно ќе има преклопувања – дополнува Клековски.
А што очекува првата антикорупционерка Билјана Ивановска во однос на подготвеноста на овој владин состав, на чело со премиерот Димитар Ковачевски, да се бори и со другите надлежни институции да соработува во борбата против корупцијата?
– Јас секогаш сум оптимист дека има простор за соработка. Првиот човек секогаш е огледало на институцијата и затоа многу е битно сите членови на идната влада да се погрижат својот личен интегритет да го стават на првото место и да спроведуваат политики на интегритет што ќе бидат спроведливи и за другите – изјави неодамна претседателката за Државната комисија за спречување на корупцијата, Ивановска.
Во однос на преименувањето на вицепремиерското место, Ивановска вели дека проблемот не е како тоа ќе се именува, туку како ќе функционира.

– Тоа се одлуки на Владата што ние не сме повикани да ги коментираме. Она што е битно за нас од аспект на антикорупција е дали има или нема искрена борба, дали таа борба е само декларативна или е вистинска. По мене, не е битно колку има тела и дали воопшто ќе се воспоставуваат такви тела или кабинети, битно е дали и колку секој член на Владата ќе даде свој личен пример дека навистина се бори против корупцијата. А има простор и можности за работа за сите, зашто кај нас толку многу е раширена корупцијата, што претставува еден нормален начин на живот, луѓето дури и не ја препознаваат како таква. Како и да е, мислам дека е потребен еден таков вицепремиер без ресор, кој, според препораките на ГРЕКО, ќе се грижи за спроведување на етичкиот кодекс. За да биде тој етички кодекс добро спроведен, потребно е добро владеење и управување, а за да имаме добро владеење и управување, неопходен е интегритетот на личноста – резимира таа.
Инаку, соработката со претходната влада Ивановска ја објасни со информацијата дека само 30 отсто од препораките на Комисијата биле прифатени, а на членовите на актуелната влада им препорача да го препрочитаат етичкиот кодекс на нивните претходници и да се изјаснат дали ќе бидат во состојба да го почитуваат, со оглед на тоа дека, како што рече, досега имало значителни прекршувања на неговите одредби. Освен тоа, Ивановска смета за неопходно во Владата да биде назначено лице што вистински ќе се грижи за спроведување на кодексот, да се направи процена на ризици за корупцијата, да се определи лице одговорно за контакт и заштита на укажувачи и владините функционери да се оспособат за управување со судирот на интереси. Д.М.М.