Наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот Устав. Вака македонскиот премиер Димитар Ковачевски одговори на денешната провокација на бугарскиот претседател Румен Радев.
Ковачевски кажа дека уставните измени се дел од преговарачаката рамка со ЕУ и ние преговараме со ЕУ, а не со Бугарија.
– Тоа е нешто што ќе тече како процес и треба да се случи за граѓаните да станат дел од Унијата – категоричен е Ковачевски.
Премиерот не сакаше дополнително да ја коментира споредбата на политичкиот дискурс на Бугарија со Русија што ја направи вчера на самитот на Советот на Европа, а која предизвика лавина реакции во Софија.
На прашањето за барањето на Алијансата за Албанците за смена на формулацијата „јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“, Ковачевски рече дека се води дискусија во рамките на работната група за уставните амандмани. Сепак, смета Ковачевски, приоритет е да се исполнат условите што произлегуваат од преговарачката рамка и затоа треба да се држиме до тоа.
Радев освен провокацијата околу сонародниците на Делчев, се пофали дека тој е всушност бугарскиот политичар кој успел да го реши бугарското прашање во Македонија.
-Можеби сте заборавиле јас бев човекот кој во 2021 година им го постави прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија на сите наши европски партнери. Една година го држев тој процес – две вета на Советот за проширување – се додека нашите партнери и институции не се уверија дека има проблем и дека тој не е двостран, туку дека тоа е европски проблем – изјави Радев.
Радев отиде и чекор понатаму со тврдење дека за разлика од Македонија во која Бугарите се тепаат и клубовите им се палат, во Бугарија Македонците ги почитуваат сите права.
-Има ли во Бугарија луѓе кои се идентификуваат како Македонци? Има ли? Има. Но тие луѓе ги имаат сите права рамноправно со сите бугарски граѓани. Тие можат да се работата во администрацијата на сите нивоа. Тие можат да се кандидираат, да ги земат сите изборни надлежности во нашата држава. Тие ги имаат сите права и никој не ги ограничува, не ги спречува – додава Радев.
Радев денеска се пожали на неисполнување на Протоколот од страна на Македонија, во делот на учебниците, јазикот на омраза, медиумите, отворање на архивите и извинувањето за етничките репресии кон Бугарите низ годините, за што рече дека ги информирал европските држави.