Соработката со Бугарија е унапредена, особено по доаѓањето на двете нови влади и воспоставувањето нов начин на комуникација. Кога ќе има документ прифатлив за двете страни, ќе биде споделен со институциите и јавноста, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Витаминка“ во Прилеп.
Секогаш, рече Ковачевски, постојат поединци кои сакаат тие односи да ги направат полоши, но македонската и бугарската влада се против тоа и сметаат дека треба да се соработува на сите полиња и во секоја сфера.
– Со Бугарија отворивме нов процес на разговори, нов начин на комуникација кој треба да ја зголеми довербата не само меѓу министрите, туку и меѓу општествата во целина. Се формираа работни групи кои веќе покажуваат резултати, се одржаа и научни конференции меѓу универзитетите, стопанските комори се среќаваат, а се згоемија и транспортните квоти. Соработката е унапредена во однос на периодот претходно. Односите се унапредени, официјалното ниво на комуникација е унапредено и е на ниво на европските вредности. Секогаш постојат поединци кои сакаат тие односи да ги направат полоши, но ние и бугарската влада сме против тоа. Треба да соработуваме на сите полиња – истакна премиерот и потсети дека Бугарија помогна при евакуирањето на македонсите државјани од Украина.