Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски соопшти дека на вечераниот Централен одбор на СДСМ ја добил довербата да биде мандатар на идната Влада.
– За мене е огромна чест и одговорност што денес од ЦО на СДСМ ја добив довербата да бидам мандатар на идната Влада! Тоа е предизвик кој сум подготвен да го прифатам и посветено да работа за да ја оправдам довербата – напиша Ковачевски на социјалните мрежи.
Седницата на Централниот одбор вечерва продолжува со избор на ново раководство, како и нови членови на Централен и Извршен одбор на СДСМ.
– СДСМ ќе се реорганизира, ќе продолжи да се демократизира и модернизира. Партијата е отоврена за вклучување на нови луѓе кои ќе ги одликуваат знаењето, чесноста и посветеноста на социјалдемократските вредности – напиша Ковачевски.
Актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска поднесе оставка од позицијата потпретседател на СДСМ, исто како и генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, заменик на Претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси.
Ковачевски пред почетокот на седницата изјави дека „не ги дели кадрите на стари и нови, туку на оние коишто придонеле повеќе или помалку во развојот на партијата“.
– Во медиумите се појавија голем број на имиња коишто значат нешто во Социјалдемократскиот сојуз и коишто во минатото обавувале високи партиски и државни функции. Да оставиме Централниот одбор да ги донесе одлуките – рече Ковачевски, додавајќи дека тој ќе предложи Извршен одбор каде што ќе бидат застапени 50 отсто жени и 50 отсто мажи, за да се запази родовата еднаквост за која се залага Социјалдемократскиот сојуз.
Mлади ќе бидат 33 отсто, што е исто така статутарна одредба и ќе бидат запазат сите плански региони во државата, рече Ковачевски.