Премиерот Димитар Ковачевски порача дека техничката влада е законска обврска и политичките партии од власта и опозиција треба да предложат свои кандидати и да ја поддржат во Парламентот. Тој е на ставот дека има доволно време да се завршат формалностите и в недела да има гласање.
– Јас нема да бидам министер во техничката влада, туку ќе ја предводам кампањата на СДСМ на претстојните избори. Во однос на техничката влада, тоа е законска обврска и сите кои што учествуваат во техничката влада, тоа се политички партии од власта и опозицијата, треба прво да ги предложат своите кандидати и да ја поддржат владата во Парламентот. Има доволно време до недела тие формалности да се завршат и в недела да имаме гласање со кое што ќе добиеме техничка влада која што ќе ги спроведе изборите – рече денеска Ковачевски на прес-конференцијата по состанокот на лидерите од регионот посветен на Планот за раст за Западен Балкан во одговор на новинарско прашање.
Ковачевски посочи дека секој треба да работи согласно законот и демократските принципи.
– Секој треба да работи во согласност со закон и во согласност со демократските принципи. Предлагате министри и ги поддржувате тие министри, не можете да очекувате да предложите министри, а некој друг да ги поддржува вашите министри. Такво нешто не постои во светската пракса и сметам дека има доволно денови за тоа да се направи до недела – додаде Ковачевски.