фото: Маја Јаневска-Илиева

Претседателот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски денеска изјави дека очекува демократски избори на кои граѓаните слободно ќе го дадат својот глас и со тоа ќе одлучат каква ќе биде иднината на државата.

– Денеска очекувам слободни и демократски избори, како во првиот круг од претседателските избори. Очекувам граѓаните масовно да излезат и слободно да го дадат својот глас. Денес тие одлучуваат за државата, нивниот глас ќе ја определи иднината во наредната декада. Изминатите преку 40 дена ги презентиравме нашата Програма за европска иднина и сите предности на земјава како членка на ЕУ до 2030 година. Сепак, граѓаните ја имаат финалната одлука за тоа во кој правец ќе се движи државата, дали до 2030 ќе стане членка на ЕУ со претседателот Пендаровски и коалицијата За европска иднина и СДСМ или повторно ќе се враќаме назад во едно минато време кое го гледавме цела декада. Очекувам граѓаните слободно да го дадат својот глас, како што доликува на земја членка на НАТО и на земја која отвори преговори со ЕУ. Очекувам граѓаните да донесат одлука со која ќе обезбедиме сигурна, просперитетна иднина и животен стандард што доликува на македонските граѓани и држава – изјави Ковачевски откако гласаше на своето избирачко место.

Тој уште еднаш потенцира дека Македонија нема друга алтернатива освен влез во ЕУ, а на новинарско прашање дали би гласал за уставните измени од опозиција, одговори потврдно.

– Тоа прашање може да го поставите на секого, но кога ќе ми го поставите мене, тогаш мислам дека одговорот веќе го знаете. Тие уставни измени јас сум ги поднел, тие уставни измени го носат мојот потпис и јас повикував да се охрабрат сите политичари во Собранието да ги изгласаат зашто тоа е одлуката која треба да се донесе за да ги отвориме сите поглавја за пристапување во ЕУ, така што тоа што јас сум го поднел во Собранието, секако ќе го гласам, а дали и другите тоа ќе го сторат,  ќе треба да ги прашате – истакна Ковачевски.