Премиерот и претседателот го честитаа празникот Водици
Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денес присуствуваше на церемонијата за чествување на големиот христијански празник Богојавление – Водици, што традиционално се одржа на мостот „Слобода“ во Скопје.
На церемонијата на која присуствуваа голем број верници, Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан ги освети водите положувајќи го крстот во реката Вардар. Со овој чин кој го означува духовното прочистување и обновување, водите се преобразуваат во свети води, како потсетување на крштевањето на синот божји во реката Јордан.
На свечената церемонија премиерот на најсреќниот од верниците кој го извлече крстот од светите води, срдечно му честиташе со желби за добро здравје и просперитет и му ја врачи наградата. Ковачевски им го честиташе празникот на сите верници.
– Овој празник нè повикува да се очистиме од гревовите на денот кога водите се преобразуваат во свети води за да потсетат на денот кога Исус Христос се крштеваше во реката Јордан – И оваа година додека сè уште трае пандемијата празникот повикува да ги поминеме во здравје искушенијата на пандемијата. Да се придржуваме до препораките на здравствените работници и на Синодот на МПЦ-ОА и да го прославиме празникот одговорно. Секоја година овој празник ни порачува да ја обновиме и зајакнеме духовната зрелост, и смирено и со љубов да си посакаме добра волја за совладување на сите предизвици што ни претстојат на личен и на колективен план. Нека ни е честит и вековит, големиот христијански празник Богојавление – Водици – порача Ковачевски кој беше придружуван од заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи и од министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Пендаровски: Нека осветувањето на македонските води биде наша духовна поткрепа во надминувањето на сите тешкотии
Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до сите граѓани коишто го прославуваат празникот според јулијанскиот календар и до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г. г. Стефан.
Имам особено задоволство и чест да ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици и најтопло да ви посакам празникот да го поминете пред сѐ во добро здравје, исполнети со мир, хармонија и со радост.
И годинава како и минатата, Богојавление – Водици го празнуваме соочени со сѐ уште присутната епидемија на ковид-19, како и со бројни економски и општествени предизвици. Нека осветувањето на македонските води биде наша духовна поткрепа во надминувањето на сите тешкотии. Со смирение и со молитва, солидарни и грижливи да се издигнеме над сите неволји и проблеми. Да ги наполниме срцата со надеж и со верба и да даруваме безусловна љубов на ближните.