Фото: МИА

Времето на преговорите ќе зависи првенствено од реформите што ќе ги спроведеме, но преку интензивна работа имаме за цел Македонија да биде подготвена да ги преземе обврските од членството на ЕУ до крајот на 2030 година, за да може да стане членка на ЕУ на следниот буџетски период на ЕУ. Нека ни е среќен почетокот на пристапните преговори и сигурен сум дека набрзо ќе се радуваме заедно на полноправното членство на Северна Македонија во Европската унија, се обрати премиерот Димитар Ковачевски на првиот дел од првата меѓувладина конференција со која беше означен почетокот на пристапните преговори со ЕУ.

Македонија аплицираше формално за членство во ЕУ во 2004 година, а доби кандидатски статус во 2005-та. После 17 години е направен клучниот историски чекор кон остварување на деценискиот сон, смета премиерот Ковачевски.

– После 17 години го направивме клучниот историски чекор на патот кон остварување на деценискиот сон за кој огромен број на граѓани, лидери, стопанственици, државни службеници, новинари, експерти кои долго време ратореа на тоа. За остварување на оваа стратешка цел донесовме мудри и храбри одлуки во интерес на иднината на нашите деца – рече Ковачевски.

За премиерот ова е најголемиот чин за патриотизам и со оваа конференција сме покажале дека припаѓаме цивилизациски, историски и географски на Европа.

– Ние сме мало мултиетничко и мултикултурно општество кое секојдневно го живее мотото на ЕУ. Обединети сме во различностите и длабоко се гордееме на истите. Северна Македонија има направен модел кој обезбедува еднаквост во остварувањето на правата на малцинските заедници. Немаме територијални спорови со соседите и градиме добри односи преку Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија. Македонија е земја на пријателство и соживот. Делиме исти вредности, а отсега ќе делиме и европска иднина. Европска иднина со почитување на посебноста на македонскиот народ и неговите јазични, идентитетски и културни особености. Мило ми е што за овие прашања нема да се разговара во текот на преговорите. Горд сум што македонскиот јазик ќе биде јазик на кој ќе се води процесот на преговарање за пристапување. Со нетрпение го очекуваме денот кога ќе влеземе во ЕУ и македонскиот јазик ќе стане еден од 24 официјални јазици во ЕУ – истакна Ковачевски во своето обраќање во Брисел.