Фото: Маја Јаневска-Илиева

Експертите во делот на инфраструктурните поврзувања сметаат дека новите геостратегиски превирања ги одредуваат и идните инфраструктурни приоритети, така што Македонија треба мудро да одигра за да не биде исклучена од играта за подобро регионално позиционирање. Македонија не е членка на ЕУ ниту, пак, на шенген-зоната, така што останува што поскоро да пресретнеме и да му парираме на некојси „нов алтернативен коридор“ што го заговараат Бугарија, Грција и Романија!

Чија геостратегија диктира алтернативни инфраструктурни коридори на Балканот?

Крупните геостратегиски поместувања што се случуваат низ светот во голем дел се поврзани со важните инфраструктурни коридори, па земјите што немаа такви конекции работат забрзано на нивна реализација, со надеж дека нема да останат отсечени од глобалните текови.
Во таа насока може да се разбере и инфраструктурната офанзива што ја презема Македонија, почнувајќи од комплетирање на коридорот 10 и со брза железница, како и изградба на железницата кон Бугарија, која сега е дополнета со пуштањето на експресниот пат кон Деве Баир.
Македонија работи и на други коридори што водат кон Грција, но и кон Бугарија, кон Косово и кон Албанија, свесна дека без добра инфраструктурна поврзаност со соседните земји, нема да може да се етаблира како важен транспортен јазол во овој дел на Европа.
Од друга страна, Бугарија увиде дека ако не преземе сериозни чекори на овој план, ќе остане слепо црево, па почна сериозно да размислува како да ѝ конкурира на земјава со алтернативни коридори и на тој начин таа да го преземе приматот како порта кон Западна и Северна Европа.
Македонија не е членка на ЕУ ниту, пак, на шенген-зоната, така што останува што поскоро да пресретнеме и да му парираме на некојси „нов алтернативен коридор“ што го заговараат Бугарија, Грција и Романија.
Експертите во делот на инфраструктурните поврзувања сметаат дека новите геостратегиски превирања ги одредуваат и идните инфраструктурни приоритети, така што Македонија треба мудро да одигра за да не биде исклучена од играта за подобро регионално позиционирање.

– До пред некоја година воопшто не се размислуваше за итност на коридорот што би ги поврзувал Грција, Бугарија и Романија со остатокот од Европа, но очигледно работите се менуваат. Влезот на Бугарија и Романија во шенген-зоната ја менува ситуацијата, така што изнесувањето на идејата за алтернатива на коридорот 10 на Софискиот економски форум само потврдува дека Бугарија е сериозна во намерите. Дополнително, со заеднички настап со Грција и Романија пред ЕК, има шанси трите земји да обезбедат средства за ваквата идеја. Сега прашање е дали само ќе одат на железнички коридор или, пак, со целосен проект што вклучува и автопатска делница и на тој начин би се обезбедил транспорт на луѓе и стока од остатокот на Европа до југот на континентот, без граници и царински формалности – посочуваа експертите.
Според нив, Македонија нема шанси да им парира на трите здружени земји членки на ЕУ, но, од друга страна, има голема предност во однос на тој друг алтернативен коридор што сакаат да го градат Грците, Бугарите и Романците.
– Уште пред сто и повеќе години сите студии покажале дека излезот на Европа кон југ природно е по течението на Вардар и така е проектиран коридорот 10. Автопатската делница е целосно заокружена, а она што сега е потребно, тоа е Македонија да најде начин како побрзо да изгради брза железница по должината на овој коридор. Делницата е многу пократка, географијата е многу поповолна, така што од тој аспект коридорот 10 е неприкосновен во однос на другите алтернативи.

Точно е дека Бугарија и Романија влегоа во шенгенот, но проектирањето делници низ овие земји е многу потешко, многу поскапо, а и патот би бил многу подолг, така што иако нема да има граници при преминот меѓу државите, тоа ќе се одрази на подолго возење, потрошувачка на повеќе гориво, повеќе трошоци за патарини, а тоа ќе ја крене крајната цена на она што се транспортира – појаснуваат експертите.
Тие додаваат дека Македонија мора да го задржи фокусот на инфраструктурното позиционирање на земјата и да бара начини за обезбедување дополнителни средства за реализација на клучните инфраструктурни проекти.
– Железницата кон Бугарија треба да се доврши, да се изгради експресен пат и до другите гранични премини со источниот сосед, со Грција покрај преминот Дојран, Богородица и Меџитлија, мора да заживеат уште најмалку два премина до кои би се доаѓало со експресни патишта. Исто е и кон Албанија, потребно е да се направат повеќе пристапни точки кон оваа земја и на тој начин Македонија дефинитивно ќе остане главниот сообраќаен јазол бидејќи од коридорот 10 по најкратка можна траса ќе има конекции со три држави на југот на Европа. Тоа е нашата најголема предност и не смееме да ја пропуштиме – заклучуваат експертите.


Најавите за паралелен коридор доаѓаат непосредно откако Србија веќе започна интензивна изградба на брза пруга од Будимпешта до Македонија, а македонските власти најавија дека ќе работат на изградба на брза делница до грчката граница. Бугарија веќе искажуваше извесна загриженост дека би можела да остане изолирана од овој исклучително важен коридор, но многу повеќе поради српското интерферирање во Македонија, па затоа заедно со Грција и Романија сега се обидува да направи паралелна врска кон Европа

Бугарија, Грција и Романија заговараат алтернатива на коридорот 10

По влезот на Бугарија и Романија во шенген-зоната драстично почнаа да се менуваат приоритетите за поврзување на југот на Европа со централниот дел на континентот, преку наметнување алтернатива на коридорот 10, кој би се движел од Солун преку Видин кон Северна и Западна Европа.
За ваквите планови се дискутирало и на неодамнешниот Софиски економски форум, при што веќе се работи на тоа да се договори трилатерален настап пред Европската комисија во насока на обезбедување средства за реализација на овој проект.
Ако ЕК го прифати ваквото барање на Бугарија, Грција и Романија, тоа ќе значи силна конкуренција на актуелниот коридор 10 што минува низ Македонија, дотолку повеќе што трите земји се дел од европскиот безграничен простор и нема никакви дилеми дека дел од транспортот и бизнисите би се преселил по таа оска.
– Многу е важно да се забрза изградбата на транспортните коридори – од Солун до Видин и оттаму кон Северна и Западна Европа – истакнал бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов на билатералната средба со неговиот грчки колега Христос Стајкурас, во рамките на петтото издание на Софискиот економски форум.
Во соопштението од бугарското министерство за транспорт не е прецизно наведено дали станува збор за железнички коридор или, пак сеопфатен транспортен коридор што ќе вклучува и патен сообраќај.
Најавите за паралелен коридор доаѓаат непосредно откако Србија веќе започна интензивна изградба на брза пруга од Будимпешта до Македонија, а македонските власти најавија дека ќе работат на изградба на брза делница до грчката граница, со што транспортот на стоките и луѓето по железнички пат неколкукратно би се забрзал и би бил на линијата Будимпешта-Белград-Скопје-Атина.
Бугарија веќе искажуваше извесна загриженост дека би можела да остане изолирана од овој исклучително важен коридор, па затоа заедно со Грција и Романија сега се обидува да направи паралелна врска кон Европа.
Она што го истакнал бугарскиот министер Караџов е важноста од востановување директна железничка врска меѓу Софија, Кулата и Солун, што би отворило можности за разговори со Романија за мултимодален железнички коридор од Солун (Грција) преку Софија и Видин (Бугарија) до Калафат (Романија).

– Само до пред неколку седмици имаше граница меѓу нашите две земји, што им отежнуваше и на граѓаните и на бизнисите – се губеа часови на чекање. За бизнисите тоа се изразуваше во многу реални финансиски загуби – над 500 милиони евра изгубена добивка. Денес оваа пречка е надмината, а целосното пристапување на Бугарија и Романија кон шенгенското пространство е еден од најзначајните настани за регионот – изјавил бугарскиот министер пред учесниците на форумот.
Грчкиот министер за инфраструктура и транспорт Христос Стајкурас, на форумот истакнал дека Грција и Бугарија сега треба посилно да работат на реализација на стратегиските транспортни иницијативи.
– Бугарија и Грција сега повеќе од кога било се обединети во ангажманот за подобрување на поврзаноста, стимулирање на економскиот раст и постигнување успех во стратегиските транспортни иницијативи – изјавил Стајкурас.
Според него, како што пренесува БТА, исклучително е важно Грција и Бугарија да развијат брзи железници.
– Интегрирањето на нашите железнички мрежи ќе ја подобри ефикасноста на транспортните системи. Модернизацијата на железничкиот транспорт не само што ќе ги намали трошоците туку и ќе има позитивно влијание врз животната средина – изјавил Стајкурас. С.Т.