Фото: „Нова Македонија“

Забрзувањето на домашните возови добива поттик – инфраструктурното вмрежување е приоритет

  • Развојот на пругите по должината на коридорот 10 е значаен, како за населението така и за економијата, особено за сектори што имаат потреба од превоз на стока и кај соседите, па затоа и поврзувањето со соседна Србија, но и со соседна Грција и забрзувањето на брзината на возовите низ нашата земја остануваат меѓу приоритетите. Преку подобрување на инфраструктурата може да се очекува побрз проток на возови, но уште позначајно е со реконструкцијата да се поврземе со европските железници за да може македонските граѓани да патуваат и на подалечни дестинации

Жителите на соседна Србија со големо воодушевување го дочекаа првиот ден од пуштањето на брзиот воз од Белград до Суботица, со кој патниците за само 68 минути стигнуваат од една до друга дестинација. Со ова е завршен првиот дел од брзата пруга кај соседите, со што значително се скратува времето на патување меѓу двата града.
– Чекав да започне функционирањето на брзиот воз за Суботица и со нетрпение го очекував! Сакам да се возам со возови. Патувам низ целиот свет, па зошто да не и во Србија? Едвај чекам да тргне возот за Будимпешта. Едвај чекам кафе во Будимпешта! – возбудено вели жена што беше меѓу патниците.
Со почетокот на оваа линија, граѓаните добија побрз превоз меѓу два битни града, а во согласност со најавите на тамошната влада се очекува брзата железница да продолжи сѐ до нашата граница, па дури имаше предлози и за вклучување на Македонија кон проектот.
Во изминатиов период бевме сведоци на голем број ветувања за нови инвестиции во железничката инфраструктура и на искажани заложби дека возовите во Македонија ќе сообраќаат со 160 километри на час. А претходно беа преземени дополнителни мерки за реконструкција на пругите по должината на коридорот 10, со поддршка од Европската Унија, но патувањето со воз во Македонија и понатаму останува со предизвици.

Поврзувањето со соседите е значајно за населението и за економијата

Развојот на пругите по должината на коридорот 10 е значајно, како за населението така и за економијата, особено за сектори што имаат потреба од превоз на стока и кај соседите, па затоа и поврзувањето со соседна Србија, но и со соседна Грција и забрзувањето на брзината на возовите низ нашата земја остануваат меѓу приоритетите.
Преку подобрување на инфраструктурата може да се очекува побрз проток на возови, но уште позначајно е со реконструкцијата да се поврземе со европските железници за да може македонските граѓани да патуваат и на подалечни дестинации.
Досегашните најави за забрзување на брзината на возовите во Македонија, како и за поврзување со нашите источни и западни соседи, сега добиваат дополнителен поттик за остварување, преку реализираните проекти во соседството, како и плановите на Европската Унија за изградба на континентална мрежа од брзи железници што треба да ги поврзе поголемите европски градови. Е.Р.


Изградбата на коридорите 8 и 10 во фокусот:

Побрза финализација значи побрза интеграција

  • Аспект што внесува надеж дека може да се подобрат состојбите во секторот е стратешкиот договор со Велика Британија, со кој се планирани големи средства само за железницата. Најавени се инвестиции од дури шест милијарди евра, а според надлежните за проектите во железницата, се планираат речиси две милијарди евра

Актуелната влада уште од преземањето на власта најавува силен инвестициски бум, со особен фокус на железницата, особено на подобрување на состојбите на коридорот 10, но и завршување на пругите планирани за коридорот 8.
Беше најавена реконструкцијата на постојната пруга по должината на коридорот 10, но и изградба на нова, можно железничко поврзување со аеродромот во Скопје, како и подобра искористеност на железничкиот прстен околу Скопје.
Аспект што внесува надеж дека може да се подобрат состојбите во секторот е стратешкиот договор со Велика Британија, со кој се планирани големи средства само за железницата. Најавени се инвестиции од дури шест милијарди евра, а според надлежните за проектите во железницата, се планираат речиси две милијарди евра.
– Според ориентационите цени, изградбата на пругата од Табановце до Гевгелија би требало да чини околу милијарда и 900 милиони евра до две милијарди евра додека изградбата на Клиничката болница, Медицинскиот факултет и Студентскиот дом во Штип, целосната реконструкција на Клиничката болница во Тетово и изградбата на нова болница со нов здравствен дом во Кичево, би чинело околу 200 милиони евра. Зборуваме за рамка од 2,1 до 2,2 милијарди евра што почетно би се потрошиле. Нашето инсистирање е да почнеме да ги враќаме откако ќе бидат завршени проектите, односно народски кажано грејс-периодот да го врземе со периодот на завршување на проектите. Доколку ни требаат пет години да го завршиме проектот и грејс-периодот да биде пет години, па кога ќе се стави во функција, тогаш да почнеме да ги враќаме ратите – објаснуваше министерот за транспорт Александар Николоски откако Владата го усвои текстот на договорот со Обединетото Кралство.

Инвестициите се колосални чекори за интеграција

Продлабочувањето на економската соработка со Обединетото Кралство има суштинско значење за економскиот развој и интеграцијата на нашата земја во пошироките глобални економски текови, оцени институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ по договорот со Обединетото Кралство. Наедно укажаа дека од досегашната историја на билатерални односи со Обединетото Кралство веќе имаме странски директни инвестиции од британски компании, кои придонесоа за отворање нови работни места, трансфер на знаење и технологија, како и за подобрување на деловната клима во неколку сектори, вклучувајќи ги производството, енергетиката и услугите. Дополнително, трговската размена помеѓу двете земји покажува позитивен тренд, со зголемен извоз на домашни производи и услуги на британскиот пазар, а во рамките на склучениот Договор за слободна трговија по брегзит.
– Алоцирањето јавни средства за стратешки инфраструктурни и капитални проекти претставува клучен двигател на одржлив и долгорочен економски раст. Ваквите инвестиции имаат мултипликативен ефект врз економијата – од една страна, го поттикнуваат растот на бруто-домашниот производ преку директно ангажирање на градежниот и сродните сектори, а од друга страна, поставуваат основа за зголемена продуктивност и конкурентност на долг рок. Инвестициите во железничката мрежа, на пример, не се само логистички подобрувања, туку и стратешки чекори за зголемување на регионалната поврзаност, ефикасноста на транспортот на стоки и луѓе, и интеграцијата со трансевропските транспортни коридори – велат од „Фајнанс тинк“. Е.Р.