Вистина е дека во мај 1925 година беше испечатен „Абецедарот“ во Атина, исто така, вистина е дека неодамна во Солун во организација на Лабораторијата за култура, граници и родови при Катедрата за балкански, словенски и ориентални студии при споменатиот универзитет и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје се одржа научна конференција на академско ниво за македонскиот јазик. Меѓутоа ова не значи дека Атина ќе дозволи непречено изучување на македонскиот јазик во Грција, туку напротив, вистинските грчки намери ги дознавме кога Апелацискиот суд во Кожани одлучи да ја поништи регистрацијата на Центарот за македонски јазик
Спорадичните позитивни поместувања не ја амнестираат Атина од главната линија за нихилирање на македонскиот идентитет
Годинава се одбележаа 100 години од печатењето на „Абецедарот“ во Атина, меѓутоа Република Грција има јасна и недвосмислена политика кон македонскиот народ и македонскиот јазик. Може да се забележат одредени грчки „позитивни“ поместувања во однос на македонскиот јазик, како што беше научната конференција во Солун, но факт е дека грчките институции не ги дозволуваат изучувањето и негувањето на македонскиот јазик. Република Грција ја користи слабоста на европските институции и како членка на ЕУ постојано ни држи предавања дека ги негува европските вредности и бара од Македонија да се однесува исто така. Но грчките судови го попречуваат изучувањето на македонскиот јазик, а грчкото општество никогаш не го одбележа јубилејот од печатењето на „Абецедарот“, нешто со што можеше симболично да се признае мајчиниот јазикот на своите граѓани од негрчко потекло, односно на македонското малцинство. Според добро упатени аналитичари, за Грција е спорна и употребата на името Македонија разговорно кај нас. Неизбежен е заклучокот дека Преспанскиот договор не реши ништо, туку само наметна обврски за македонската страна.
Контролирана топло-ладна грчка надворешна политика кон Македонија
Оваа годинава се навршија 100 години од печатењето на „Абецедарот“ во Атина, со кој македонскиот народ во Грција доби учебник со кој можеше да го учи својот мајчин македонски јазик. Конкретно, овој буквар на македонски јазик беше изготвен од специјална комисија на грчката влада, но под меѓународен притисок и покровителство на Друштвото на народите во Женева, односно сегашните Обединети нации. Една подлабока анализа на ова прашање ја открива државната грчка политика кон македонското прашање во текот на целиот 20 век, но и сегашните позиции на Атина кон современата македонска држава и македонскиот народ. Според добро упатени во оваа проблематика, доколку внимателно се проследат сите дипломатски маневри на грчката дипломатија во изминативе 100 години, неизбежен е заклучокот дека Грција има конзистентна надворешна политика кон Македонија и македонскиот народ.
– Атина само навидум попушта за одредени прашања, поради што некои експерти посочуваат дека Грција си игра топло-ладно кон македонското прашање, односно дека постојат недоследност, мешани сигнали или флуктуирачко однесување од страна на грчката дипломатија. Како потврда за ова понекогаш се наведува печатењето на споменатиот „Абецедар“ во 1925 година, но и некои современи појави како што беше научната конференција за македонскиот јазик во Солун. Меѓутоа една внимателна анализа потврдува дека ова е само фатаморгана бидејќи грчката дипломатија е прагматична, а „Абецедарот“ или последната научната конференција за македонскиот јазик се во суштина замајување на меѓународните институции, со што Атина себеси се претставувала и сѐ уште се претставува како страна што е подготвена за соработка и разговори, велат нашите соговорници.
Надворешната политика кон македонското прашање, вклучително и актуелната грчка политика кон македонската држава и македонскиот народ, е тесно поврзана со грчкиот национализам што беше изграден од страна на грчките институции во изминативе 200 години. Според овој грчки национален наратив, Македонија е грчка земја и сите придавки што произлегуваат од неа, како што е македонска историја или македонска култура, се неразделни од грчкото национално битисување. Во овој правец е и изразот Македонец, кој во Република Грција се разбира како жител на грчкиот географски регион Македонија.
– Со други зборови, грчкиот национализам претендира на сѐ што ја носи придавката македонска или македонско. Оттука во грчките медиуми никогаш не се пренесуваат изразите македонската влада или македонскиот премиер, туку северномакедонската влада и северномакедонскиот премиер, бидејќи за одредени Грци именувањето на нашиот премиер како македонски е навреда – велат добро упатени лица.
Овој грчки национализам ја објаснува досегашната грчка политика врз принципот топло-ладно кон Македонија и македонскиот народ, но и кон сите македонски придавки. На овој начин, Грција одржува стратешка двосмисленост, а навидум промената на ставот предизвикува неизвесност за македонската страна, но се зачувува и флексибилноста во однос на Преспанскиот договор и некои други прашања што се поврзани со македонската држава и народ.
Игра на грчки прагматизам за македонскиот јазик
Политичкиот прагматизам ја објаснува надворешната политика кон Македонија и македонскиот народ, па на овој начин Атина е флексибилна и само навидум не се придружува кон грчката националистичка доктрина, а во суштина има јасна надворешна политика, нешто што е поддржано и потпомогнато од сите грчки институции и општество, особено видливо во Преспанскиот договор.
Вистина е дека во мај 1925 година беше испечатен „Абецедарот“ во Атина, исто така вистина е дека неодамна во Солун во организација на Лабораторијата за култура, граници и родови при Катедрата за балкански, словенски и ориентални студии при споменатиот универзитет и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје се одржа научна конференција на академско ниво за македонскиот јазик. Меѓутоа ова не значи дека Атина ќе дозволи непречено изучување на македонскиот јазик во Грција, туку напротив, вистинските грчки намери ги дознавме кога Апелацискиот суд во Кожани одлучи да ја поништи регистрацијата на Центарот за македонски јазик, нешто што беше во спротивност со одлуката на грчкиот суд во Лерин, кој ја потврди законитоста на регистрацијата на оваа невладина организација. Со овој чекор, Атина ги оневозможи изучувањето и негувањето на македонскиот јазик, нешто што е спротивно на вредностите за почитување на човековите и малцинските права, велат нашите соговорници.
За грчката надворешна политика и меѓународните институции разговараме со Павлос Воскопулос Филипов, борец за човековите права на Македонците во Република Грција и лидер на македонската партија Виножито, која во 2006 година го преиздаде „Абецедарот“ на македонски јазик во Солун.
– Треба да се знае како функционираат овие големи институции и што важи во нив спрема каноните. Кога станува збор за Обединетите нации, таму нема вето за нова членка. Во 1993 година, Македонија реши да го смени уставното име. Ова не беше наредба на ОН, ниту има таков стандард. Да, имаше страшен притисок и грчко лоби, но така реши македонската власт. Познатата резолуција ѝ наметна на македонската држава да направи „компромис“. Кога така одлучуваш во Обединетите нации, ова следува и во Советот на Европа. Таму нема вето за членство, но овој радикален компромис (товар) го имаш сето време и сите години – вели Павлос Воскопулос.
Според него, во Европската Унија има друг стандард. Таму сѐ уште постои и секако дека треба да се смени, апсолутното вето кога аплицира одредена држава за членство во ЕУ. Во минатото ова вето беше осмислено за кохезија, односно градење единство, но тогаш имаше осум, 10 и 12 членки. Тогаш ветото имаше смисла, но сега има 27 членки. Може власта во една или две држави членки да стават вето за што било, во согласност со своите интереси и своите интерпретации за сѐ и сешто. Во ЕУ нема канони. Сето време се тера на „компромиси“. Ова е слабост, според мене, дури и за интересите на Европската Унија. Жално е една или две членки да ги кочат одлуките на другите, рече Воскопулос.
Д.Ст.
Воскопулос: Атина и Софија вешто ги користат слабостите на ЕУ
Според Павлос Воскопулос Филипов, борец за човековите права на Македонците во Република Грција и лидер на македонската партија Виножито, очигледно е дека Атина и Софија вешто ја користат гореспоменатата слабост на Европската Унија, но тоа не значи дека Македонија како држава и нација треба да се откаже од европскиот пат. Според Павлос Воскопулос, Европа е местото на македонштината, а со „улав“ човек мора да се правиш „улав“ за да имаш заеднички збор. Кога македонските претставници седат на иста маса со дваесет и седум претставници на земјите членки на ЕУ, со дваесет и пет многу подобро ќе се разберат отколку со „улавите“ што цело време седат сами на „масата“ и лобираат, посочува Павлос Воскопулос.
Очигледен е прагматизмот на грчката страна, оттука неколку универзитетски професор и експерти во неколку наши разговори посочуваат дека и од македонска страна е потребен одреден прагматизам. Но не на штета на националните и државните интереси, бидејќи македонските политичари и експерти достоинствено знаат што и како да прават. Да не се заборава целта, нагласува Павлос Воскопулос.
Д.Ст.