Експеримент на Тирана и Рим што има потенцијал стравотно да ја наруши демографската структура во регионот на Западен Балкан
- Во Македонија, освен оскудна медиумска покриеност на информациите за формирање мигрантски прифатилишта и центри во Албанија, отсуствува јасно искажана експертска или, пак, можеби и институционална безбедносно-политичка процена за тоа што се случува сега во Албанија
- Нашите соговорници, аналитичари и експерти за безбедносни прашања, ни изјавија дека овие потези на Тирана и на Еди Рама треба да се следат со голема внимателност
- Што всушност претставува планот за формирање големи мигрантски центри во соседството, поточно во Албанија, и зошто некои безбедносни експерти сметаат дека оваа иницијатива треба да се следи внимателно?
Реакциите на планот за востановување т.н. албански имигрантско-азилантски центри иако засега немаат силен одек во нашата јавност, сепак имаат потенцијал да поттикнат лавина реакции, бидејќи врзуваат за себе низа контроверзи, непознаници, критики од организациите за човекови права, но и чудно премолчано одобрување од повеќе членки на Европската Унија, кои чекаат да видат како ќе функционира овој „експеримент“ со низа непознаници.
Факт е дека прашањето со африканските имигранти (но и други мигранти), ЕУ сака конечно да го реши, па дури и со прекршување на основните хумани права, меѓу кое е и правото на азил. Засега ставот на Брисел е:„Ајде да видиме како ќе оди овој план (за големи мигрантски центри), па можеби ќе помине…“
Во Македонија, освен оскудна медиумска покриеност на овие информации, отсуствува официјално искажан каков било јасен став за тоа што се случува сега во Албанија. Нашите соговорници, аналитичари и експерти за безбедносни прашања, ни изјавија дека овие потези на Тирана и на Еди Рама треба да се следат со голема внимателност.
ШТО ПРЕДВИДУВА ПЛАНОТ МЕЛОНИ – РАМА
Целиот проект е италијански, ќе чини 650 милиони евра за наредните пет години, а Албанија е само територија на која се изградени објектите. Се претпоставува дека во центрите годишно ќе бидат прифаќани околу 36.000 лица, но тоа се планови на хартија, што ќе биде во пракса ќе покаже времето. Како ќе се средува односот со локалното население во услови на евентуален кризен период (безредија, епидемија…), и тоа ќе го покаже времето.
Но сега, по техничкиот прием на објектите пред отворањето на камповите за прием на африкански имигранти во албанското пристаниште Шенѓин и во Ѓадр, центрите треба да добијат зелено светло за официјален прием на мигрантите што „од 1 септември ќе бидат спасени од италијанските власти во водите на Медитеранот и сместувани тука“.
Се очекува околу 500 лица да бидат распоредени во Шенѓин за да се подготват да го пречекаат пристигнувањето на првите мигранти. Поголемиот број вработени ќе бидат Италијанци.
– Внатрешната регулатива на италијанските власти објавена за вработените во центарот содржи вкупно 14 уредби, за однесувањето или односот што треба да го имаат со локалното население за време на нивниот престој или интеракција поради работа – пишуваат албанските медиуми.
За планот се изјасни и италијанскиот амбасадор во Тирана, Фабрицио Буци.
– Што имаме да загубиме? Се обидувавме со редистрибуција на имигрантите низ ЕУ и тоа не функционираше. Па, зошто да не означиме нов пат- изјави тој мислејќи на експериментот, кој доколку се покаже успешен, би можел да се копира.
Да се копира, но каде? Прашањето е дали и Македонија е на мапата на Брисел? За потсетување, и претходната влада на Македонија беше согласна со вакви и слични идеи.
Тирана со низа отстапки кон Западот за што поповолно да се позиционира во интегративниот процес со ЕУ
За ваков план со Албанија преговарале и Британците, но медиумски информации велат дека кај Еди Рама претежнала „љубовта кон Италија“, која се смета за историски најпријателска земја… Италија меѓу другото прва прифати илјадници бегалци по падот на режимот на Енвер Хоџа и тамошните безредија пред 30 години. Но аналитичарите велат дека албанскиот премиер игра и на картата да му се допадне на Западот, конкретно на ЕУ, и на тој начин да добие подобри позиции за преговори со Брисел за членство. Доколку е така, односно ако е Рама подготвен да го премине неговиот, но и регионалниот рубикон, тогаш се поставува прашањето како ќе најдат тој и ЕУ решение за грчкото вето. Дотолку повеќе што Грција и Албанија се во апсурдна состојба на војна, при што Атина сѐ уште не изразила политичка волја да го укине тој стар документ.
Според наши информации од италијански десничарски кругови, овој план или експеримент е долго разработуван и е донесен под сериозен политички притисок на италијанската десница и тој има за цел посериозно справување со огромната цифра имигранти. Притоа се земаат предвид сегашните бројки, но и претпоставени новодојдени имигранти по нелегалните поморски маршрути.
Нашите извори велат дека речиси целиот Балкан е црна дупка, тој драматично се празни од население, а типичен случај е Албанија. Таму цели села, цели региони остануваат ненаселени и Италија и други членки на ЕУ гледаат можност да ги префрлат таму, но и долгорочно да ги населат имигрантите.
– Да земеме предвид во наредните пет-десет години бројка од околу два милиона имигранти, азиланти или бегалци. Тие ќе се префрлат во неколку балкански земји, ќе се објасни дека има потреба од работна сила, а последиците ќе бидат нарушена демографска слика. Два милиона ново население е своевидна поплава од народ со различна култура, религија, јазик, боја на кожата. Но во одредени кругови има и такви планови – вели италијанскиот извор.