Фото: ЕПА

Дваесет и шесте предлози за носители на највисоките извршни функции во Владата на Европа (Европската комисија) за кабинетот на претседателката Урсула фон дер Лајен, кои би ја практикувале извршната власт на ЕУ во следните пет години, ќе се најдат пред европратениците, кои ќе им поставуваат директни вкрстени прашања на номинираните еврокомесари до 12 ноември, на кои мора да одговорат. Прашањата на европратениците со сигурност ќе бидат „пикантни“, а ќе се однесуваат на претходни кариери, можни судири на интереси и необјаснети елементи од биографиите на номинираните еврокомесари. Резултатот од испрашувањето ќе биде познат на крајот на ноември. Парламентот во полн капацитет, во името на демократијата и парламентарното право, би требало да изврши ефикасно една од своите основни надлежности – контролно-надзорната функција! Во последните 20 години европратениците одбија седум кандидати за комесари

Номинираните еврокомесари од Владата на Урсула фон дер Лајен на распит пред европратениците

Контролно-надзорната функција на парламентите деновиве ќе се покаже уште еднаш пред меѓународната јавност, како механизам во парламентарното право, со кој се претендира едно општество да биде втемелено на фундаменталните постулати како што се вистината, чесноста, правдината и владеење на правото, моралот, етиката… Па така, деновиве, имено до 12 ноември, пратениците од Европскиот парламент ќе им поставуваат директни прашања на номинираните еврокомесари за Европската комисија, од кои ќе очекуваат чесни, педантни и прецизни одговори, од кои потоа европратениците ќе го направат портфолиото за секој од потенцијалните еврокомесари, по кое ќе гласаат дали тие заслужуваат да бидат носители на највисоката извршна власт во Европската Унија.

Краток пресек и потсетување за тежината на парламентот во демократските општества

Освен најважната функција на парламентите воопшто, како што е уставотворната и законодавната функција, тие имаат и низа други функции, како што е и претставничката (репрезентативна) функција. Но парламентите имаат и една специфична контролно-надзорна функција, а таа, меѓу другото, се однесува на вршењето на таа функција над другите столбови на власт и носителите на функции. Имено, парламентот има обврска да ја контролира работата на пратениците, како и работата на членовите на владата, а во одредени системи и на претседателот. Одговорното работење на парламентот и на носителите на извршната власт е императив на секој демократски парламент, што се овозможува преку употреба на различни институти и механизми: од работата на постојаните и повремените работни тела, комисии во парламентот, преку пратеничките прашања, интерпелацијата, гласањето доверба на владата и слично. Контролата и надзорот над работата на пратениците во парламентот се вршат преку работните тела на парламентот, но и преку функционерите на парламентот (претседателот, потпретседателите, генералниот секретар), како и преку формирање одредени ад хок тела. Пратеничките прашања се мошне добар механизам за контрола на извршната власт и на сите именувани и назначени функционери, бидејќи преку вкрстени прашања и одговори се овозможува да се добијат важни информации за состојбите.

Европарламентарците со вкрстени прашања кон номинираните еврокомесари

Како што веќе споменавме, до 12 ноември, пратениците од Европскиот парламент ќе им поставуваат директни прашања на номинираните еврокомесари за Европската комисија. На вкрстените прашања од европратениците, номинираните еврокомесари (министри) ќе одговараат три часа. Имено, базенот прашања е исклучително широк и длабок, па често прашањата се и „пикантни“ и се однесуваат на претходни кариери, можни судири на интереси и необјаснети елементи од биографијата.

1. Словенката Марта Кос, предложена да го преземе доменот за проширување од Оливер Вархеји, ќе биде во центарот на вниманието поради нејзината оставка од функцијата амбасадор во Швајцарија во 2020 година, по внатрешна истрага за наводни неправилности и вонредни инспекции во амбасадата. Опозицијата ја обвини и за наводна соработка со безбедносните сили во младоста.

2. Понатаму, ниту нејзиниот претходник, Унгарецот Оливер Вархеји, кој беше одговорен за секторот здравство, не е на цврсти нозе во новиот мандат. За него веќе има доволно информации дека нема доволно искуство и не е компетентен за оваа функција. Бил „фатен (слушнат и аудио снимен) кога случајно ги нарекол членовите на ЕП „идиоти“ со вклучен микрофон, но објаснил дека бил погрешно разбран. Нему му се замерува и поради тоа што по нападот на Хамас врз Израел минатата година изјави дека „ќе бидат укинати сите европски субвенции за палестинската управа“, што Фон дер Лајен мораше да го негира. Јасно е, меѓутоа, дека „пресметката на европратениците“ со Вархеји е подготвена пред сѐ како претставник на Унгарија, чија политика често отстапува од онаа на Брисел. Во Брисел, во исто време, се стравува дека унгарскиот премиер Виктор Орбан би можел да испрати „уште понеприфатлив“ кандидат во ЕК и да го закочи целиот процес на назначување.

3. Италијанецот Рафеле Фито, кој се смета за потпретседател на Европската комисија и комесар за политики на кохезија, не е популарен поради неговиот „евроскептицизам“. Но европските популисти ветија дека ќе се спротивстават на назначувањето на Тереза ​​Рибера од редовите на шпанските социјалисти за комесар за енергетска транзиција доколку тој не помине…
4. Белгиската кандидатка за хуманитарни прашања и кризни ситуации Хаџа Лабиб исто така е на „листата за отстрел“. Таа, според европратениците, навистина не се истакна во дипломатијата на нејзината земја. Европската јавност се сеќава и на посетата на Крим на еден „проруски“ фестивал додека сè уште беше новинарка во културната рубрика. Исто така, таа не се прослави со „истражување на скандалот околу наводната продажба на пасоши“ додека беше министерка за правда.

5. Глен Микалеф од Малта има „тенка биографија“ затоа што на 35-годишна возраст никогаш не бил министер или амбасадор.

Во последните 20 години европратениците одбија седум кандидати за комесари. Од нив, тројца во првиот мандат на Урсула фон дер Лајен.
Доколку некој биде одбиен, земјата членка ќе предложи нов кандидат, кој ќе помине низ истата процедура. Р.С.