Македонија го одбележа Денот на армијата
- За роденден на македонската армија е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина беше формиран баталјонот „Мирче Ацев“, како симбол на борбената традиција на македонскиот народ во Втората светска војна, борба што се карактеризираше како народноослободителна и антифашистичка. Но корените на македонскиот организиран воен отпор против поробувачите на оваа земја и овој народ се многу подлабоки
- Современата македонска армија има свој вековен континуитет, но од особено значење е Народноослободителна војска на Македонија (НОВМ), која беше создадена во текот на Народноослободителната и антифашистичка борба во Втората светска војна
- Историски факт е дека современата македонска армија беше создадена во текот на Народноослободителната и антифашистичка борба, исто така како што е историски факт дека македонскиот народ има повеќевековна организирана борбена традиција преку ајдутското патриотско дејствување на народниот отпор, па потоа преку комитското движење и партизаните. Како држава и општество не можеме да се откажеме од континуитетот на македонската армија, ниту да ги заборавиме илјадниците македонски борци што ги положија своите животи за македонската државност
Во присуство на државниот и армискиот врв, претставници на дипломатскиот кор и други видни личности, во Центарот за обука на вода во Охрид се одржа централната свеченост по повод 18 Август – Денот на армијата на Република Македонија. Оваа година се одбележуваат 32 години од постоењето на современата македонска армија. Свое обраќање имаа македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова и министерот за одбрана Владо Мисајловски. Претходно, во сите касарни им беше оддадена почит на загинатите припадници и беа положени венци и цвеќе на спомениците, со што започна одбележувањето на 18 Август, Денот на армијата. По тој повод, делегации на армијата, Министерството за одбрана, претседателскиот кабинет и организациите на резервни старешини, положија цвеќе и на гробот на претседателите Борис Трајковски и Киро Глигоров и на генералот Михаило Апостолски на градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
– Ви го честитам денешниов ваш и наш празник – 18 Август, Денот на армијата. Овој празник е потсетување дека нас никој не нѐ ослободувал, туку сами се ослободивме. Македонската држава не е ниту подарена, туку е извојувана и стекната со тешка и праведна Народноослободителна борба – рече претседателка Гордана Силјановска-Давкова.
Современата македонска армија има свој вековен континуитет, а од особено значење е Народноослободителна војска на Македонија (НОВМ), која беше создадена текот на Народноослободителната и антифашистичка борба во Втората светска војна. Во овој контекст затоа 18 август е роденденот на македонската армија, денот кога во 1943 година на Славеј Планина беше формиран баталјонот „Мирче Ацев“.
Историски гледано, партизанскиот облик на оружена борба преовладувал до средината на 1943 година, кога биле формирани поголеми воени формации, кои имале маневарски карактер, но биле организациски похомогени и поквалитетни од партизанските одреди. Примената на комбиниран облик на оружена борба почнала во втората половина на 1943 година. Во текот на војната во македонската војска биле формирани 24 пешадиски бригади, шест артилериски, четири инженерски, една автомобилска и една коњичка бригада. Од овие бригади се формирани седум дивизии, а подоцна и Осмата дивизија на КНОЈ, како и три корпуси. Бројната состојба на НОВМ во декември 1944 изнесувала околу 66.000 борци, во март 1945 година 83.814, а по капитулацијата на нацистичка Германија на 9 мај 1945 година НОВМ имала околу 110.000 борци.
Конкретно, почетокот на современата македонска армија е директно поврзан со антифашистичката борба, која започна на 11 октомври 1941 година, со појавата на македонските партизански одреди, кои, во текот на војната, прераснаа во Народноослободителна војска на Македонија.
Антифашистичкиот отпор започнал на 11 октомври 1941 година, со појавата на македонските партизански одреди, кои, во текот на војната, прераснале во Народноослободителна војска на Македонија. На 11 ноември 1943 година беше формирана Првата македонско-косовско ударна бригада во западниот дел на Македонија со обединување на два македонски и еден косовски баталјон. Втора поголема воена единица била Втората македонска ударна бригада, која била формирана на 22 декември 1943 година. На 26 февруари 1944 година во селото Жегљане, во близината на Куманово, била формирана Третата македонска ударна бригада.
Овие три бригади биле јадрото на Народноослободителна војска на Македонија, која по постојаните битки станувала бројчено посилна. Од 7.000 партизани на крајот на 1943 година, до завршните воени операции за ослободување на Македонија и Југославија во април 1945 година, Народноослободителната војска на Македонија се зголемила на три корпуси, седум дивизии и триесет бригади, со вкупно 100.000 редовни војници. Народноослободителната војска на Македонија беше предводена од Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, на чело со Михајло Апостолски. Народноослободителна војска на Македонија, која произлезе од македонските национални стремежи за сопствена држава, доведе до Првото заседание на АСНОМ.
Михајло Апостолски за овие настани вели: ,,Нема дилеми дека заседанието можеме да го одржиме каде што сакаме на слободната територија. Меѓутоа ние решивме тоа да се одржи во манастирот ’Свети Прохор Пчински‘ и тоа од две причини: прво, тој манастир судејќи според картата на Јаранов ѝ припаѓаше на Македонија, и второ затоа што истиот тој манастир во текот на војната беше наша база. Освен тоа таму имаше убави, свечени и доволно пространи простории, кои му соодејствуваа на мигот. Што се однесува до одржувањето на собранието, тој ден е одбран од сосема разбирливи причини. Како што е познато, заседанието се одржа на 2 август 1944 година. Ние не случајно го одбравме тој ден… ако го одржиме на денот на Илинденското востание, со што и официјално ќе го прогласиме Вториот Илинден како што пред тоа беше прогласувано востанието на Македонскиот народ. Од ова се гледа дека ние многу водевме сметка за традицијата. Не беше случајно што и Преспанското советување на 2 август 1943 година. Така Демократска федерална Македонија, првата современа македонска држава, беше прогласена на 2 август 1944, на ден Илинден во свечана атмосвера и народна веселба во присуство на делегати од трите делови на поделена Македонија, како и на претставници на големите сили, учесници во антифашистичката војна – САД и Велика Британија“. Д.Ст.