Уцените за промена на македонскиот устав и внесување на бугарската заедница, фамозната историска комисија, издавањето бугарски пасоши, непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија, како и обидите за асимилација на припадниците на македонскиот народ во Република Албанија итн., треба да ги разбереме како средства за достигнување на вистинската цел – видоизменување на македонската нација во конгломерат на етникуми и заедници
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев – нов носител на „штафетата на лаги и апсурди“ пласирани за Македонците и за Македонија
Пошироката македонска јавност можеше да слушне или да прочита одредени искажувања што пристигнуваат од нашиот источен сосед, искажувања што домашните и странските аналитичари ги воочуваат како празни флоскули, обиди за замена на тезите и дезинформации. Нашите соговорници, кои се добро упатени во оваа проблематика, велат дека во тој контекст треба да ги разбереме и последните тврдења на бугарскиот европратеникот Андреј Ковачев, како што беше неговото искажување дека официјална Софија ги има исполнето апсолутно сите барања и судот во Стразбур никаде не кажува или има пресуда дека Бугарија треба да признае малцинства. Според добро упатени извори, овие искажувања, како и други слични тези, не треба да ја зачудуваат македонската и пошироката јавност зашто што не станува збор за новитет, туку за еден континуитет на бугарската стратегиска цел, односно видоизменување на тоа како Македонија и припадниците на македонскиот народ гледаат на сопственото минато и како ја восприемаат сопствената македонска национална свест.
– Тука е суштината на проблемот. Официјална Софија се обидува да го наметне своето апсурдно видување на нештата, односно дека македонскиот национален идентитет е вештачки, кој настанува по 1944 година како резултат на политиките на југословенското раководство. Македонскиот народ претходно немал свој национален идентитет, ниту народносни особености како што се јазик или културата, со други зборови пред 1944 година Македонците биле припадници на бугарскиот народ. Тоа е стратегиската цел на Република Бугарија. Уцените за промената на македонскиот устав и внесување на бугарската заедница, фамозната историска комисија, издавањето бугарски пасоши, непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија, како и обидите за асимилација на припадниците на македонскиот народ во Република Албанија итн., треба да ги разбереме како средства за достигнување на вистинската цел – видоизменување на македонската нација во конгломерат на етникуми и заедници – вели еден од нашите соговорници, кој е добро запознаен со суштината на проблемот со Република Бугарија.
Политичките аналитичари иста така велат дека во тој дух треба да се разбере и искажувањето на Андреј Ковачев во однос на повеќето пресуди на Европскиот суд за човекови права против Република Бугарија.
– Нема таква работа. Има да ги исполни критериумите за регистрација на невладини организации, а кога некоја организација ќе ги исполни тие критериуми, таа ќе биде регистрирана, како што се регистрирани две организации од луѓе што се претставуваат како етнички Македонци. При последниот попис во Бугарија, да не згрешам, околу 1.000 луѓе се запишале како етнички Македонци. Бугарија отсекогаш го поддржувала членството на С. Македонија во НАТО и ЕУ и тоа е конзистентна политика, која е поврзана со надминување на омразата од минатото и мора да се надминат сите овие пречки што се наметнати во минатото -рече европратеникот Андреј Ковачев.
Според добро упатени извори, станува збор за празни флоскули, а тоа се потврдува од повеќе релевантни меѓународно организации, како што е Eвропскиот суд за заштита на човековите права со седиште во Стразбур.
– Споменатиот суд јасно пресуди дека на припадниците на македонскиот народ им се прекршуваат основните човекови права, како што е правото на здружување, бидејќи Република Бугарија не им дозволува да регистрираат свои друштва и организации. По ваквата изјава на европратеникот Андреј Ковачев, со големо ниво на одговорност тврдам дека неговиот ментален опсег е на ниво на бришач на шофершајбни. Тој не ги познава основните човекови и малцински права што се гарантираат од неколку меѓународни организации како што се Обединетите нации или Европската Унија. Тој ја заборава Европската конвенцијата за човекови права, како и неколкуте пресуди на судот во Стразбур во полза на македонските друштва и организации од Република Бугарија, кои со децении не можат да се регистрираат, со што на најдиректен начин им се ускратува човековото право на здружување – вели политичкиот аналитичар Сотир Костов.
Со свој став излезе и ОМО Илинден-Пирин, односно дека Република Бугарија никогаш немала намера навистина да ги остави да функционираат македонските организации, нагласувајќи дека е потребна промена во бугарската политика кон македонското малцинство.
– Бугарија може да ги стави генерално малцинствата во Уставот, а секако може да ги регистрира македонските организации, да прими барем една што го претставува македонското малцинство (па, ако сака, и не како национална малцинство, туку како „етничка група“) во Советот за етничките прашања и да внесе графа Македонец во пописот, да преземе мерки против редовниот говор на омраза против Македонците овде. Може и треба да ги укине одлуката на Уставниот суд од 29 февруари 2000 година дека во Бугарија немало оформена македонска народност и декларациите на парламентот од 6 март 1990 година и онаа последната од нивната рамковна позиција против Македонија – нагласуваат од ОМО Илинден–Пирин.