Трансграничните „интегративни координации“ на Ахмети, Таравари и Рама
- Дали Али Ахмети и Арбен Таравари започнуваат нов „политички брак“, со помош и на регионалниот албански политички чинител Еди Рама, во обид да издејствуваат не само промена на македонскиот устав туку во него и да се внесат Албанците како „државотворен народ“ напоредно со „бугарскиот државотворен народ“?!
- За потсетување, во согласност со меѓународното право, ако малцинствата се признаат како „државотворни народи“ во Уставот на која било држава, тогаш тие, со новиот статус како народ (и), добиваат можност да ги вклучат преостанатите плебисцитарни механизми, а следствено на тоа и други легални формално-правни алатки, за да можат да основаат свои други, различни од матичниот, државни ентитети. Токму вакво сценарио би довело до конечно редефинирање и на нашата држава, доколку не се запре некој препознатлив редослед на настани: удар на унитарниот карактер, потоа непочитување на нејзиниот суверенитет и неспроведување на Уставот и законите на целата територија, и на крајот разбивање на територијалниот интегритет на Македонија до нејзина поделба, како дамнешна цел на некои разбудени хегемонистички идеологии
Медиумите на албански јазик во Македонија деновиве регистрираа дека „… висока делегација на Алијансата за Албанците, предводена од претседателот Арбен Таравари, престојуваше во официјална посета на Албанија, при што оствари низа средби со високи претставници на Социјалистичката партија на Албанија. За време на разговорите беше нагласена потребата да се продлабочува соработката во интерес на албанското национално прашање, како и да се градат нови комуникациски мостови, заради координација на политиките, што ги претставуваат интересите на Албанците во регионот. Разговорите се насочија и кон зајакнување на меѓупартиските односи, регионална соработка и размена на искуства во областа на политичкото организирање и функционирање. Посетата е оценета како важен чекор кон зајакнување на политичките врски и претставување на соработката меѓу напредните албански сили од двете страни на границата“.
Целта на посетата, според цитирани извори на медиумите, била „координирање заради соработката за албанското национално прашање и политиките, што ги претставуваат интересите на Албанците во регионот“…
Згора на споменатите факти, неколку дена пред посетата на Таравари и неговите сопартијци од АА во Тирана и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, му упати честитка по повод победата на изборите на Еди Рама со исклучително експлицитна политичка порака: „Еди, продолжи по патот кон интеграцијата, таа му е потребна на регионот. Јас ќе ти го отворам патот и ќе ти го чувам грбот. Вие бевте покрај нас на секој чекор, и кога го направивме албанскиот како официјален јазик, и кога се усогласивме за коридорот 8 од Скопје до Тирана, што го прифативте без никакво двоумење, и кога ја отстранивме границата меѓу нас, и за унифицирана азбука, како и за сè друго за општото добро и во функција на европската иднина. Еди, сè уште имаме многу работа, времето докажува дека нашите достигнувања мора да бидат заштитени бидејќи грубо се загрозуваат од трендови, кои се вознемирувачки. Но ние нема да дозволиме враќање назад, туку ќе работиме заедно за да продолжиме напред. Те прегрнувам како брат и се радувам на повторната средба и проширувањето на нашиот заеднички европски пат“.
Што се случува во главата на политичарите што минуваат од власт во
опозиција?
Али Ахмети, кој се наоѓа и сега би требало опозиционо политички да дејствува во суверена Македонија, му се става на располагање на премиерот на Албанија, обидувајќи се да се затскрие зад европската агенда, дека „ја отстраниле границата“ меѓу нив?! Дали можеби е потребно да потсетиме на нивната заедничка визија во ликот на „Тиранската платформа 1 и 2“, како платформа подготвена во Тирана за разнебитување на Македонија?
Дали можеби треба да потсетиме дека министерот за надворешни работи од ДУИ, Бујар Османи, ја стави Македонија во подредена улога кон Бугарија со своето протежирање на бугарските интереси и Договорот за добрососедство?
Дали Ахмети ја продолжува агендата за ставање на Македонија во потчинет однос, овој пат и кон Албанија? Со тоа што посветено ја спроведува „Тиранската платформа“ нацртана на картите во фиоката во седиштето на ДУИ, токму идентична со планот од Втората светска војна за поделба на Македонија меѓу Албанија и Бугарија? Тоа во најмала рака е индикатор за стремежите и зафатите за рушење на уставниот поредок на државава, од страна на поединци и организирани екстремистички групи.
Според консултираните соговорници, македонските служби за безбедност би требало ревносно да ги следат овие индиции, но уште позначајно е за соговорниците дека „ваквите дезинтегрирачки амбиции се регистрирани од специјализираните НАТО-служби, при што евентуалното радикализирање на овие сепаратистички стремежи ги третираат и квалификуваат како „потенцијално отворање безбедносно жариште внатре, во рамките на заедничкиот безбедносен чадор“ и нема да дозволат, особено не сега, во една безбедносно фрагилна ситуација во Европа, жариштето да се разгори.
Дипломатски извори потсетуваат дека сѐ уште „македонските хашки случаи“ не се ставени „ад акта“ и дека, доколку е потребно, тие ќе бидат активирани. Р.Н.М.
Експертски мислења за последните јавни настапи, изјави и средби на лидерите на АА и на ДУИ
Координиран настап на Ахмети и на Таравари
Неколку универзитетски професори од областа на безбедноста, консултирани политиколози и аналитичари, тврдат дека „може да се каже со значителен степен на веројатност дека Али Ахмети и Арбен Таравари не настапуваат секој сам за себе и за своја сметка, туку двајцата настапуваат свесно, испланирано и координирано. Штом и Таравари и Ахмети разговараа со албанскиот премиер во врска со политички прашања во суверена Република Македонија, ова упатува на заклучокот дека овој политички двоец исто така меѓусебно искоординирано и со соодветна намера ги вмешува Албанија и Рама во внатрешните работи на Македонија. Ахмети и Таравари пресметано ја подведуваат Република Македонија под влијание од Албанија“.
Во оваа смисла, потсетуваат тие, индикативна е информацијата, која ја објавија дел од албанските медиуми, пишувајќи го и следното во врска со средбата Рама-Таравари: „Во 2016 година Рама беше посредник на Декларацијата на албанските политички партии (Тиранската платформа – ред.заб.), со која беа преземени неколку обврски, кои никогаш не беа реализирани. Таравари се сретна со Рама кратко време по средбата, што ја имаше и со албанскиот претседател Бајрам Бегај“.
Во контекст на потсетувањето на гореспоменатиот настан и пишување на медиумите, нашите соговорници сметаат дека „за да се согледаат најновите потези, кои ги преземаат Али Ахмети и Арбен Таравари, треба да се имаат предвид ставовите, кои тие ги имаат искажувано во последниве неколку години“!
Таравари: Поделба по региони, кантонизација, поголема децентрализација…
Имено, Арбен Таравари уште пред две години ја отвори, како што кажа, „легитимната тема за нова територијална реорганизација“ на Македонија.
– Ако се одвоиме од Албанија на патот кон ЕУ и ако не се промени Уставот, за да ги отвориме преговорите со ЕУ, тогаш Албанците ќе ги отворат идеите, што тлеат: за внатрешна реорганизација на државата, било во вид на поделба по региони, кантонизација, поголема децентрализација… Можеби ќе треба и дводомен парламент – рече Таравари своевремено. Поточно, овие ставови Таравари ги изнесе во едно интервју во октомври 2023 година, а само по еден месец ќе ја дополни својата „државотворна програма“ со уште два момента.
– Албанците се државотворен народ. Македонија треба да се стави под меѓународен протекторат, под набљудување од некого, кој е поразвиен, бидејќи таа нема капацитети и ресурси да се развива самата како држава, самата да се организира – кажа Арбен Таравари во ноември 2023 година.
Ахмети: Албанците се господари на Македонија
Според нашите соговорници, Таравари и Али Ахмети се истомисленици и содејци.
Во јули 2024 година, ДУИ под раководење на Ахмети ќе ангажира и американски експерт за да се разработи сценариото за територијална поделба на Македонија на региони според теркот на Белгија или Северна Ирска – идеја со која исто рака би се разбил унитарниот карактер на македонската држава и со што таа би станала некаква македонско-албанска држава, со два „државни ентитета“ – македонски и албански. Али Ахмети многупати во изминативе години има нагласувано оти Албанците се државотворен народ, со едно дополнување: и дека се „господари на Македонија“!
Првиот „интегративец“ чека со уставните промени, покрај внесувањето на „бугарскиот државотворен народ“, во него да се вдоми и „албанскиот државотворен народ“. Јасно е, според меѓународното право, што значи едно малцинство или етничка заедница во случајот со Македонија ако стане уставно признаена категорија „државотворен народ“: право на самоопределување сѐ до право на отцепување од територијата на матичната држава и можност за територијално поврзување со некоја друга држава… Која? Бугарија или Албанија! А ова е неостварениот сон за поделба на Македонија меѓу Бугарија и Албанија уште од Втората светска војна, кога тие великодржавни фашистички идеологии беа поразени и беше конституирана самостојната и унитарна македонска држава, потсетуваат нашите соговорници.
– Треба да се дополни уште само дека особено за сето време додека Бујар Османи „жареше“ и „палеше“ во Министерството за надворешни работи, ДУИ и Али Ахмети своите „државнички активности“ ги реализираа напоредно со интересите на Бугарија и Грција, а познато е кои интереси и цели ги имаа и ги имаат овие „два добри соседа“ на Македонија. Имајќи вакви „успешни меѓународни искуства“, Ахмети еве во мај 2025 година „зацртува“ дека со албанскиот премиер ќе „работат заедно на европскиот пат“, а само останува да се претпоставува за што ќе дејствуваат заедно. Арбен Таравари се врати на патот на Ахмети веќе сега, велат соговорниците.
– Дали патот кон Тирана им беше и во функција на договарањата на новата „Тиранска платформа“, верно и послушно, но дали новата верзија на таа платформа би имала и соодветни „државотворни елементи“, со загрозување на македонската државност, територијален интегритет и унитарен карактер – реторички прашуваат соговорниците на „Нова Македонија“. Р.Н.М