Битола

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, и советникот Бојан Бојкоски, остварија работна средба со советничката во Советот на Општина Битола, д-р Анастасија Трајковска, во врска со нејзиниот предлог-проект за објавување конкурс за идејно архитектонско решение за спортско-рекреативна зона на просторот на поранешната касарна, односно во делот на АРМ четврт 2, во близината на новата детска градинка. Советничката Трајковска детално го образложи предлогот, кој беше усвоен од страна на Советот на Општина Битола, од стручен аспект, нагласувајќи дека ова решение треба да содржи спортски игралишта за фудбал, кошарка, тенис, одбојка, фудбалско игралиште по стандарди на УЕФА за тренинг-камп, соблекувални, детски мини-паркови, придружни содржини, како кафетерии и мини-ресторани, што ќе значи вистинско спортско-рекреативно збогатување на овој дел од АРМ. Со својата експертиза, советничката Трајковска, како дипломиран инженер архитект, даде важни насоки, кои ги истакнуваат значајноста и функционалната важност на овој проект.
Коњановски потенцираше дека проектот за објавување конкурс за идејно архитектонско решение за рекреативна зона со намена Д3 во АРМ четврт 2 е дел од Програмата за економски развој, за кој веќе се обезбедени средства и по завршувањето на подготовката на потребната документација од страна на општинската администрација, наскоро ќе биде објавена постапка за јавна набавка.