ОБСЕ со инструкции во регионот во врска со третманот на бегалците
На вчерашната конференција организирана од ОБСЕ и Министерството за внатрешни работи, посветена на соработката меѓу полицијата и царината за трговија со оружје и шверцување мигранти во Југоисточна Европа, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, во своето излагање рече дека „Југоисточна Европа, за жал, останува фокална точка за незаконско тргување со оружје и шверцување мигранти и сите сме свесни за озлогласената балканска маршрута. Во согласност со глобалниот индекс за организиран криминал од 2023 година, трговијата со оружје во овој регион е на повисоко ниво отколку во Европа. Во овој регион се шверцуваат нелегални оружја и мигранти кон Европа и затоа, во овој контекст, потребно е итно спречување на малото и лесно оружје“.
Подобрување на механизмите за размена на информации во реално време и издигнување на јавната свест за ризиците
Амбасадорот Вал истакна дека ова е еден од најголемите проекти на мисијата на ОБСЕ во Скопје, вреден повеќе од осум милиони евра, а целта е подобрување на механизмите за размена на информации во реално време и издигнување на јавната свест за ризиците од ваквите активности.
– Покрај сите овие активности, пролиферацијата на ова мало и лесно оружје сѐ уште е на високо ниво и бара регионална акција, затоа сѐ повеќе работиме на негово намалување. Овој предизвик бара соработка во една иницијатива што се спроведува низ целиот регион, а ги обединува полициските и царинските администрации, како и функционерите за спроведување на законите, со цел да можеме да ги спроведеме нашите цели. Нашите цели се подобрување на нашата рамка за соработка за одговор на недозволената трговија со мало и лесно оружје, јакнење на безбедносната инфраструктура, како и да ги испитаме сите начини на кои можеме да ја продлабочиме нашата соработка за да можеме да ги разменуваме информациите во реално време – рече Вал.
На конференцијата беа присутни и министрите за внатрешни работи и финансии, Панче Тошковски и Гордана Димитриеска-Кочоска, кои исто така ја нагласија потребата од меѓународна соработка. Борбата против организираниот и транснационалниот криминал, според министерот Тошковски, бара максимално вложување напори и ресурси, особено во делот на прекуграничната полициско-царинска соработка, за која рече дека е клучен фактор за ефикасно справување со ваквите закани. П.Р.