Повод: Сто и четири години од раѓањето на јазичниот гениј од Небрегово – еден од столбовите на македонскиот образовен суверенитет
- Блаже Конески е еден од столбовите и на образованието по македонски јазик уште од првите години на ослободувањето, на македонскиот национален образовен суверенитет. Тој е еден од основачите на Филолошкиот факултет, кој сосема заслужено го носи неговото име. Уште од почетокот на основањето и работењето на оваа стожерна научна институција тој се посвети на својата поставена цел: воздигнување на македонскиот јазик на рамниште на национален јазик на македонскиот народ и на воведувањето негово и на македонската книжевност за првпат во академската и научна област веднаш по Втората светска војна. Денеска се навршуваат 104 години од неговото раѓање, што е пригода за ново осврнување на целото негово пребогато книжевно, јазично и севкупно творештво, со кое неизмерно го задолжи македонскиот народ
Блаже Конески, поет, универзитетски професор, филолог, е една од најистакнатите личности на македонската книжевност, национална култура и македонистиката во периодот по ослободувањето на Македонија. Тој е еден од кодификаторите на современиот литературен македонски јазик. Денеска се навршуваат 104 години од неговото раѓање, што е пригода за ново осврнување на целото негово пребогато книжевно, јазично и севкупно творештво, со кое неизмерно го задолжи македонскиот народ. Конески е роден во селото Небрегово, Прилепско, на 19 декември 1921 година. Бил член на Комисијата за кодификација на македонскиот литературен јазик и нејзин најистакнат претставник. Составувач е на најголем дел од првиот Македонски правопис во 1945 година и на проширеното издание на Македонскиот правопис со правописен речник во 1950 година. Творец е на капитални трудови за македонскиот јазик: граматиката, речникот, историјата, историската фонологија. Од пролетта 1945 година на работа е во Министерството за просвета и учествува во многу акции од областа на просветата и културата. Тој е еден од основачите на Филозофскиот факултет (1946), на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ (1953), на МАНУ (1967, прв претседател), на Друштвото на писателите на Македонија (1947, прв претседател), на Друштвото (Сојузот) за македонски јазик и литература (1954), на Македонскиот славистички комитет (1963), на списанието „Македонски јазик“ (1950, прв главен и одговорен уредник), а бил и декан на Филозофскиот (Филолошкиот) факултет во Скопје и ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (1958-1960).
Означувајќи го Конески како „национален мислител од највисок формат, кој твори и се бори за Македонија како клучен стратег на нејзината автономна суштина“, Гане Тодоровски го наредува „во поворката на сонцељубивите Македонци, веднаш покрај Миладиновци, Прличев, Мисирков, Рацин“. „Ние, мојата генерација, тргнавме во животот посветени на македонската идejа, готови да ѝ служиме како на нешто свето и светло, загрижени за судбината на својот народ“. Ова се зборовите на Блаже Конески од неговата статија со наслов „Една ситуација и едно лично становиште“, диктирана на академик Зузана Тополинска кратко време пред неговата смрт.
Конески е еден од столбовите и на образованието по македонски јазик уште од првите години на ослободувањето, на македонскиот национален образовен суверенитет. Тој е еден од основачите на Филолошкиот факултет, кој сосема заслужено го носи неговото име. Уште од почетокот на основањето и работењето на оваа стожерна научна институција, тој се посвети на својата поставена цел: воздигнување на македонскиот јазик на рамниште на национален јазик на македонскиот народ и на воведувањето негово и на македонската книжевност за првпат во академската и научна област веднаш по Втората светска војна. Во една серија свои искажувања Конески има речено дека уште во првите години се целело студентите да бидат вклучувани во научната работа на Факултетот, така што секој од нив со своја „посериозно обработена“ дипломска работа ќе даде и „макар мал придонес кон македонистиката“.
Катедрата за македонски јазик набрзо по своето основање започнала и со активностите за широко меѓународно афирмирање и изучување на македонскиот јазик. Околу ова Конески во таа серија искажувања нагласува: „…од 1950 година… решивме да стапиме во контакт со светот, притоа мислам на славистиката, на нашата специјалност. Меѓу првите беше Реџиналд де Бреј, тогаш професор од Лондон… тој го вклучи македонскиот јазик во својот учебник за словенските јазици, кој стана стандарден за англоамериканските универзитети… Хораст Лант, професор на Харвардскиот универзитет… собираше материјал за својата Граматика на македонскиот литературен јазик. Наскоро таа излезе.“
Македонскиот јазик како моќно средство за национално изразување
Со ваквите свои стремежи и со неизмерниот придонес кон македонскиот јазик, Конески беше забележан многу рано и многу пошироко од родната Македонија, во сиот научен славистички и лингвистички свет. Во своите „Македонистички студии“, Виктор Фридман, професор по лингвистика – македонист од Чикашкиот универзитет во САД, пишува дека „тој придонес ќе го истакне уште во 1964 годинa и Едвард Станкиевич, професор на Катедрата за словенски јазици и литератури на Универзитетот во Чикаго во препораката да му се додели на Конески титулата почесен доктор по хуманистички науки“.
– Тој ги воспостави стандардите за еден урамнотежен и лингвистички софистициран книжевен јазик за неговите сонародници, на кои дотогаш им било велено дека се де Бугари, де Срби – напишал Станкиевич во својата препорака за Конески.
Кога предлогот за доделување ваков почесен докторат бил одобрен од Советот на Универзитетот на Чикаго, на 1 декември 1967 година, на свеченото доделување дипломи Станкиевич го претставил Блаже Конески со следниве зборови: „Македонија, лулката на словенската писменост и цивилизација, дури во нашиот век го има видено возобновувањето на нејзиниот народен јазик до статусот на стандарден јазик. Драматичното излегување на македонскиот јазик како полномошно и приспособливо книжевно средство со полна моќ се должи најмногу на достигнувањата на Блаже Конески…“
Осврнувајќи се на „правците на монументалната кариера на Блаже Конески“, Кристина Крамер (Christina Kramer), професорка по лингвистика на Универзитетот во Торонто, Канада, во својата статија „Предавањето на Блаже Конески во 1945“, за великанот од Небрегово ќе каже дека неговите „придонеси како лингвист, научник и книжевник фундаментално ги обликуваа развојот на македонскиот јазик и насоката на македонската поезија“.
Делото на Конески како жестока негација на великобугарските фалсификати за македонскиот јазик: „Колку мизерно звучат лагите кажани на бугарски јазик!“
Конески се вложи себеси, својот живот и сето свое творештво во развивањето на улогата на македонскиот јазик како „моќно средство за национално и литературно изразување“, толку неопходно особено во овие времиња кога пак се негира постоењето на овој јазик – македонски и на идентитетот на македонскиот народ. Неговото дело е жестока негација на сите бугарски фалсификати дека „македонскиот јазик е измислен и создаден од Тито во 1944/1945 година“. На тврдењата на Бугарите дека „македонскиот јазик е вештачка творба“, „создаден по директива“, „со декрет“, Конески им се спротивстави остро уште во 1948 година во својата научна статија со наслов „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, со обемна документација и аргументација, посебно нагласувајќи: „Колку мизерно звучат лагите, кажани на бугарски јазик!“
Одговарајќи им на сите великобугарски напади кон македонскиот јазик, Блаже Конески напиша тогаш дека таквите тврдења за македонскиот јазик не се нешто ново во историјата на јазиците, оти како измислени се прогласувале јазици и на големи народи.
– Великобугарската теза е јасна: нема македонска нација, нема македонски јазик. Сето тоа е измислица. Ним поради нешто им ги боде очите постоењето на македонскиот јазик како основно средство за изградбата на македонската народна култура. Но нека знаат таквите луѓе: можат колку сакаат да го презираат македонскиот литературен јазик, тврдејќи дека неговата појава значи назадување. Но, македонскиот литературен јазик нема да биде поради тоа помалку жива историска стварност, без оглед дали и како на некои им ујдисувало – истакна Конески во таа статија.
Во друг свој текст од јуни 1986 година великанот од Небрегово ќе предупреди дека „многумина сѐ уште посакуваат македонскиот народ да биде само објект, а не и историски субјект“. Во тој текст Конески ќе му го остави на својот македонски народ следниов тестаментален аманет: Послушајте, Македонци! Бидете на штрек пред таквите „правни“ диверзии, од каде и да идат! За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сѐ што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Тој е заправо единствената наша комплетна татковина. И оние наши места, што се испустени, живеат во нашата традиција со песните, приказните, гатанките и поговорките, запишани некогаш во нив. И оние наши места, што се испустени, ги опишува, ги опева и ги слави современата литература на македонски јазик. Затоа и во моменти на ломења, раслојувања и колебања, последно што треба да ни паѓа на ум е да ги поставуваме под прашање придобивките на нашата самостојна акција на јазичен план.
Конески како крајаголен камен – меѓник на македонската културна историја, но и како јазично-културен столб – насочник кон наредните децении на 21 век
Како поет Конески нурнуваше маестрално во историското минато на македонскиот народ, нудејќи надградено спознавање на легендите и митовите на тој народ, за да послужи неговиот јазичен исказ како врска меѓу минатото и сегашноста, со стремеж таквата ангажирана поезија да ги отвори видиците кон посветлата, очовечена иднина на Македонецот.
Гане Тодоровски во својата реч во МАНУ по повод 80-годишнината од раѓањето на Конески резимираше: „Во поимска смисла, во духовната историја на Македонците Конески претставува меѓник, налик на оние крајаголни камења што ги разграничуваат епохите. Во редоследот на монументалните вредносни знаци на македонската културна историја нему ќе му припадне со право честа да ја омеѓи епохата на македонската современа историја, оној временски интервал наречен регуларен тек во развојот на македонската литература“.
Конески ја задобива улогата на „крајаголен камен“– меѓник, но и многу повеќе: улога на лингвакултурен столб – насочник кон наредните децении на 21 век. Денес Конески претставува не само крајаголен камен – разграничник на епохите, туку и еден од најважните столбови на македонската колективна национална култура и на македонскиот јазик. Неговото творештво не треба да се разбере како некакво „јазично евангелие“, туку многу повеќе како „јазично послание“ до сегашното и наредните македонски поколенија, кои ќе треба како своја колективна, заедничка грижа да го преземат сопствениот, мајчин јазик, да го сакаат, да го почитуваат и активно и креативно да се однесуваат кон него. Прочуениот филозоф и јазичар од австриско потекло Лудвиг Витгеншајн во 1921 година кажал: „Границите на мојот јазик значат граници на мојот свет.“ Посланието и завештанието на генијот од Небрегово се состојат во тоа секој Македонец да придонесе колку може повеќе во проширувањето на границите на својот јазик, за да ги прошири со тоа и границите на својот македонски идентитетски и јазичен свет.
Свето Тоевски

































