И примерите од сите македонски устави јасно ги исцртуваат контурите на потенцијалните решенија за уставни измени
- За да не се случи ново разочарување, познавачите предлагаат уставните измени да бидат во согласност со постојните европски устави на дел од земјите членки, што од друга страна ги елиминира сите идентитетски закани што евентуално би дошле однадвор во иднина. Според нив, тоа ќе ги минимизира и опасностите од внатрешно подривање на македонското ткиво, до што би можело да дојде ако се интервенира во Уставот без претходно да се апострофира државотворната улога на македонскиот народ
Она што е константа во изјавите на меѓународните претставници изминатите три години е нивниот пресинг дека „уставните измени мора да се направат што поскоро ако земјата сака брз пробив во евроинтеграциите“, а сѐ друго потоа се сведува на нивните надежи и верба (без гаранции) дека нема да има нови непринципиелни блокади.(!?)
Во суштина, резервираноста што земјава ја има околу уставните измени не е поради некаков инает или анимозитет кон одредена малцинска група што претендира да стане дел од македонскиот устав, туку исклучиво поради негативните искуства од минатото, кога државата направила многубројни жртви во име на евроатлантските перспективи, а за возврат не добила ништо.
Затоа овој пат крајно внимателно се пристапува на целиот процес, односно се бара (дури и од Европската влада) креативно решение, кое во исто време ќе значи уставни измени направени по наш терк и во согласност со нашите домашни состојби и интереси, а во исто време тоа ќе значи и исполнување на барањето на Европската Унија за промена на Уставот и вметнување на македонските граѓани со бугарска самосвест во највисокиот правно-политички акт во државата.
За да не се случи ново разочарување, познавачите предлагаат уставните измени да бидат во согласност со постојните европски устави на дел од земјите членки, што од друга страна ги елиминира сите идентитетски закани што евентуално би дошле од страна во иднина. Според нив, тоа ќе ги минимизира и опасностите од внатрешно подривање на македонското ткиво, до што би можело да дојде ако се интервенира во Уставот без претходно да се апострофира државотворната улога на македонскиот народ.
Македонскиот народ (а не „граѓаните“) отсекогаш бил носител на државноста
Реакциите во дел од домашната јавност одат во насока дека решенијата за уставни измени во кои македонскиот народ би бил издвоен пред малцинските заедници, тешко би можеле да поминат имајќи го предвид ставот на албанската заедница во земјава. Таа е единствената што се противи при промената на Уставот да се применат искуствата од уставите на Хрватска, Словенија, Полска, Чешка и на други европски земји како модел за уставни измени со кои македонскиот народ ќе ги добие потребните гаранции. Од друга страна, истата заедница инсистира жртвите во целиот евроинтегративен пат да ги понесуваат исклучиво Македонците, притоа најавувајќи дека ако нема пробив на европскиот пат, „дел од граѓаните ќе тргнеле со Бугарија, дел со Албанија“.
Најдобар доказ дека уставните измени со ништо не загрозуваат ниту една малцинска заедница ако македонскиот народ биде издвоен во преамбулата се примерите од сите досегашни устави на Македонија, почнувајќи од ослободувањето, па до прогласувањето на независноста.
Имено, во Уставот на Народна Република Македонија од декември 1946 година никаде не се наведени народности, па македонското општество беше сплотено повеќе од кога било.
-…македонскиот народ се соединува врз основа на начелото на рамноправноста со останатите народи на Југославија и нивните народни републики: Народна Република Србија, Народна Република Црна Гора, Народна Република Босна и Херцеговина, Народна Република Хрватска, Народна Република Словенија, во заедничка сојузна држава – Федеративна Народна Република Југославија
Исто и во воведниот дел на Уставот на Социјалистичка Република Македонија од април 1963 македонскиот народ е означен како државотворен.
-…создаде сопствена држава, Народна Република Македонија, во која ги оствари историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и државна самостојност, на народностите – националните малцинства за рамноправност и на работните луѓе за социјална слобода – се наведува во тогашниот текст на Уставот, во кој во декември 1971 година во амандман XV се наведени две народности.
– Социјалистичка Република Македонија е суверена национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност и на другите етничките групи во неа, заснована врз сувереноста на народот и врз власта и самоуправувањето на работничката класа и на сите работни луѓе, и социјалистичката самоуправна демократска заедница на работните луѓе и граѓаните, на македонскиот народ и рамноправните со него албанска и турска народност и етнички групи – пишува во тој текст.
И во Уставот на СРМ од февруари 1974 година е истакната водечката улога на македонскиот народ во создавањето на македонската држава.
-…дека македонскиот народ, заедно со народностите на Македонија, во заедничката Народноослободителна борба со другите југословенски народи и народности, ја создаде Социјалистичка Република Македонија како национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа, во која се остварија историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и државна самостојност, на народностите за рамноправност и на работничката класа и на сите работни луѓе за социјалистичко општество – се прецизира во тоа уставно решение.
Преамбулата на Уставот на Република Македонија од ноември 1991 година веројатно е најблиску до хрватскиот модел, само со помалку наведени националности од нивниот устав.
-…Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија – се вели во првиот устав на независна Македонија, кој беше оценет со највисока оценка од меѓународните уставни експерти.
Уставниот инженеринг како вовед во идентитетското обезличување
Сите овие примери наведени погоре покажуваат дека Македонија како држава уште по Втората светска војна, а потоа и за време на нејзиното функционирање во рамките на СФРЈ, имала устав што денес е (пресликан) во многу европски држави. Со тој устав биле загарантирани сите малцински права на граѓаните што живееле на овие простори, па не треба да зачудува зошто Македонија според нивото на малцински права и по независноста се наоѓа во светскиот врв. Имено, негувањето на рамноправноста во поранешната држава се рефлектирала и во односот на македонскиот народ кон сите малцинства или како што тогаш се наведувале како народности.
За жал, подоцна по донесувањето на првиот устав на независна Македонија следуваа франкенштајновски интервенции најмногу поради политички притисок, пазарења и постојани уцени, што од едно врвно уставно четиво направија негативен светски пример.
Со амандманот XIV од ноември 2001 година се додаде терминот „делови од народи“, нешто што уставната практика не го препознава бидејќи во целиот свет под тоа се подразбира малцинство. Впрочем, сите декларации на меѓународните организации спомнуваат малцински права и така и се именувани, односно Декларација за човекови и малцински права.
– Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина… – стоеше во тоа ново решение.
Но очигледно и тоа не беше доволно, па во јануари 2019 година со амандманот XXXIV беше избришан делот „како и граѓаните кои живеат во нејзините граници“, со што се изгуби целата смисла која и онака тешко можеше да се разбере.
– Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите… – се наведува во актуелниот текст на преамбулата, која сега повторно се соочува со нови измени.
Враќање кон она што значи „Уставно право“ и „Европски уставни практики“
Според познавачите на состојбите, во делот на уставните практики, повеќе од јасно е дека македонскиот народ во сите устави има континуитет како државотворен и носечки стожерен народ.
– И на странците им е кристално јасно дека соседните земји конзистентно водат шовинистичка политика против македонскиот народ повеќе од 150 години, со мал исклучок во годините непосредно по НОБ до прогласувањето на Информбирото во 1948 година, така што тешко е да се поверува дека нема да прекинат со негирањата на посебноста на македонскиот народ дури и да ги вметнеме Бугарите во Уставот. Трите војни што ги воделе за Македонија, Втората балканска, Првата и Втората светска, и кои ги изгубиле, јасно го докажуваат тоа. По ова прашање имаат неспорно изградено државен и општествен консензус низ годините. Со тоа што одбија уставни измени со одложено дејство, но и со тоа што отфрлија какви било други креативни идеи, посредништва, повици за директни разговори и слично, јасно покажаа дека целта им е со вметнувањето во Уставот постојано да бараат оштетени „Бугари“ низ земјава преку рамковни барања. Ставот зошто објективно не им е местото во Уставот е што не постои територијално компактна група на Бугари со историски континуитет на овие простори, за разлика од другите наведени во сегашната преамбула. Станува збор значи за поединци, активисти и доселени преку брак или работа. Дополнително, со Договорот за добрососедство и пријателство од август 2017-та не беше предвидено нивно вметнување во Уставот, а згора на тоа, во Европскиот суд за човекови права нема ниту една пресуда за повреда на правата на нивен сонародник во земјава, но има многу за повреда на малцинските права на Македонците во Бугарија – наведуваат дел од соговорниците.
Други се на ставот да продолжиме да ја туркаме нашата приказна, односно, ако Европа инсистира на уставните измени, ние да ги направиме онака како што сметаме, бидејќи сме суверена држава.
– Нашата најдобра гаранција се уставите што сме ги имале во минатото, а кои и денеска се идентични со уставите на некои земји членки на ЕУ. Ако Европа ги прифатила тие нивни устави како демократски, тогаш нема зошто и нам да ни прави забелешки. Тоа подразбира и кооперативност и од преостанатите заедници во земјава, кои се најгласни кога македонскиот народ треба да направи некаква жртва, а никаде ги нема кога треба да направат и минимална козметичка отстапка. Патот кон ЕУ е заеднички, треба сите да го дадат својот придонес – заклучуваат соговорниците.


































