Неколкупати европската историја е решена во Централна Европа. Но, од 1989 година, првпат самиот регион може значително да влијае на својот тек. Се чека или ерата на Туск или ерата на Орбан. Засега нема друг пат на повидок!?
Иднината на ЕУ ќе се решава во Централна Европа
Неодамна дипломати од кариера од Австрија, Емил Брикс и Ерхард Бусек, напишаа во „Сентрал Јуроп ривизитед“ (Central Europe Revisited): „Иднината на Европа зависи од Централна Европа“. Тие пратија многу силна порака подвлекувајќи дека во реструктурирањето на ЕУ, креаторите на идните политики на Унијата мора да ги земат предвид „централните европски традиции и иницијативи, а не само Брисел, Париз или Берлин, како што е сега“!
– Ако ЕУ продолжи да се развива само околу своето каролиншко јадро, тоа ќе стави крај на европскиот проект за мир и просперитет – порачаа до европската јавност, а и до Брисел, Емил Брикс и Ерхард Бусек, во „Сентрал јуроп ривизитед“.
Паралела на различните концепти на Туск и Орбан (за реструктурирање на Европа), со различните концепти на Бајден и Трамп (за реструктурирање на Америка)
Навистина, иднината на Европа сега се решава во нејзиниот центар. Прво, самата војна во Украина ја потврдува тезата дека „иднината на Европа зависи од Централна Европа“ во зависност од тоа како и на кој начин ќе заврши воениот судир во Европа, бидејќи исходот секако ќе има исклучително големо влијание на реструктурирањето на ЕУ. Второ, иднината и судбината на Европа во голем дел зависат од еден фундаментален политички спор во срцето на ЕУ (Централна Европа), поточно од спротивставените вредности на два големи политички лидери на две држави од центарот на ЕУ: Унгарија и Полска. Тие имаат две сосема различни визии за Унијата, визии што дури остро си конкурираат меѓу себе, креирајќи различни патишта на иден развој и преструктурирање на Европската Унија. И двајцата лидери веќе се судираат, а Европа ја гледаат како нивно политичко бојно поле. Лидерите Орбан и Туск пластично ги симболизираат конкурентските вредности, интереси и пристапи, за што одредени аналитичари прават споредба со судирот на Бајден и Трамп за концептите на идната Америка. И тоа, првиот како апологет на Бајден во смисла на идеолошка и политичка платформа што вклучува глобализам, либерализам, униполарност, наднационални структури што произведуваат хегемонија. А вториот, Орбан, многу поблиску со концептуално размислување како Трамп, каде што се инсистира на зачувување на националните држави и да се бара интеграција во пошироки структури (ЕУ да се реструктурира во таков контекст). Овој концепт на преструктурирање на Унијата како што се замислите на Орбан опфаќа и свртување кон традиционалните вредности, семејството, а „единствениот национален идентитет“ се смета за базичен принцип на пошироките интеграции од интерес. Токму во ваквите различни концепти во центарот на Европа, аналитичарите прават паралела со различните концепти во САД. За потсетување, на 1 јануари 2025 година, Унгарија, под премиерот Виктор Орбан, им го предаде претседавањето со Советот на ЕУ на Полска и нејзиниот премиер Доналд Туск. А со преземањето на претседавањето со Советот од страна на Полска, битката добива нов интензитет.
Либералисти и глобалисти наспроти суверенисти и традиционалисти
Втемелувачите на европската интеграција – Делорес и Фишер, но и Хелмут Кол и Франсоа Митеран – ги формулираа своите проекти во време на „попустлив консензус“ и со дискурс на „либерално-демократска основа на ЕУ“. Но сега за либералниот концепт (на Туск), тврдејќи дека и двете претпоставки се загрозени, ќе изјави: „Одбраната на нашите либерални демократии е наша прва, втора и трета должност“, рече Туск во 2018 година. Второ, тој исто така изјави дека „ако продемократските партии не се справат подобро со загрозената глобализација или зелената агенда, тоа силно ќе го наруши животот“, а власта ќе биде преземена од страна на „непријателите и на демократијата и на ЕУ“.
Туск очигледно сака ЕУ да ја вклопи (развива, преструктурира) во либерална матрица. Тој е лидерот што ја брани, според либералите, т.н. „европска либерална демократија“. Всушност, тоа е само друг и помек стил за неолиберализмот како идеолошки пристап, што ја апстрахира секоја форма на колективниот идентитет, а индивидуализмот го доведува до точка на апсурд. (Нео)либералниот концепт на полскиот лидер се темели на либералната идеологија на двасеттиот век, чиј основач е Фридрих фон Хајек, кој е основач на неолиберализмот. Туск е познат по тоа што се придржува до максимата на поранешниот германски канцелар Хелмут Шмит: „Кој има визии, треба да оди на лекар“. Иако идеи за ваква Европа се и оние на Жак Делор или Јошка Фишер (проследени со години на бескрајни кризи), сега актуелниот француски претседател Емануел Макрон е последниот бастион на амбициозните неолиберални планови за Европа. Но, тој е заглавен во политичка криза на која не ѝ се гледа крајот. Всушност идејата што е споделена од оваа гарнитура либерали за преструктурирањето на ЕУ е под плаштот на „единствен пазар и културен простор, границите на националните држави да се бришат, а самите држави постепено да се укинуваат, пренесувајќи ги овластувањата на наднационалните власти (во ЕУ).
Од друга страна, слоганите на Орбан за суверенизам и конзервативизам ја поткрепуваат визијата за ЕУ што е спротивна на Туск и неговите аксиоми за „либерализам“. Унгарскиот лидер сака унија што ќе им даде одврзани раце на лидерите избрани во нивните национални држави при обликувањето на внатрешниот поредок на нивните земји, како и при нивните односи со надворешниот свет.
Така, давајќи му приоритет на својот национален интерес, наредниот чекор да им биде интеграција, според своите интереси, во пошироки сојузи и цивилизации. Орбан не го крие својот став дека тој цели кон „сеопфатен ремонт на ЕУ“, изјавувајќи дека „Унгарија не е членка на ЕУ поради тоа што е, туку поради она што може да биде“. За потсетување, на говорот во Баиле Туснад во јули, лидерот на Унгарија, Орбан, го опиша „соединувањето на неговите соништа“, а токму Полска беше цел на неговите критики. Според Орбан, „Поска е ентитет што, заедно со Лондон, Киев и скандинавските држави, наводно создала нов центар на моќ во Европа за да ја замени оската Берлин-Париз“. Орбан верува дека Западот одамна има завршено како „заедница на вредности и како политички модел“ и дека Унијата треба длабоко да се ремонтира во смисла на традиционалните универзални и заборавени вредности, кои се сега заменети со европските практики на „либералниот мултикултурализам“, наместо во членките на Унијата да има единствен национален идентитет, кој потоа се развива како структура на интерес на различните национални идентитети, кои сепак имаат длабок интерес да соработуваат заради одржлив развој и просперитет на пошироката заедница, а не само на одредена неолиберална структура. Засега и самиот Орбан се прикажува себеси како најдобар пријател на Трамп, истакнувајќи дека „во целиот повоен период, Соединетите Американски Држави го поддржуваа европското обединување – и практично и идеолошки“.
Против европска Русија, за европска Русија…
Пристапите на Орбан и на Туск се судираат како тектонски плочи.
– „Безбедност, Европа!“ е мотото на полското претседателство со Советот на ЕУ, во кое централна е поддршката за Украина. Туск сака да ја зајакне одбраната на ЕУ со формирање нов фонд што финансира заеднички набавки и долгорочна воена помош за Киев.
Од друга страна, Унгарија дури ги блокира надоместоците од Европскиот мировен фонд, мал фонд на ЕУ што се користи за олеснување на воената помош за Украина.
Додека Туск зборува за „предвоена ера“ и предупредува против руската агресија, Орбан верува дека судирањето со Русија за ЕУ е „штетно и осудено на неуспех“. Орбан се надева дека ќе помогне да се постигне договор со Москва за сметка на суверенитетот на Украина и безбедноста на Европа. И неговата посета кај рускиот претседател (вклучувајќи ги и словачкиот лидер Роберт Фицо и, веројатно, австрискиот иден канцелар Херберт Кикл, кои се подготвени да го следат примерот на Орбан) е целосно спротивна како пристап и како концепт на концептот на Туск.
Надежите што неолибералите ги полагаат во Туск сѐ уште се оптимистички. Туск е оценет од аналитичарите како отпорен. Тој се впушти во костец со обликување на Европа во услови на голем број кризи (финансиски, миграциски и брегзит), кои го пренасочија неговиот фокус на актуелните битки и поради тоа тој не најде време да развива далекосежни стратегии за ЕУ. Сепак, според тоа што е позната неговата идеолошка матрица за реструктурирање и развој на ЕУ во калапот на неолиберализмот, јасно е во кој правец би се движела Унијата доколку продолжи со реформите во таа насока. Но, аналитичарите тврдат дека можеби неговиот потенцијал и капацитет (ресурси) нема да бидат доволни во битката што ја чека ЕУ со политиките што ги најавува американскиот претседател Трамп, за ЕУ.
Што се однесува до Орбан, тој стоички ги поднесуваше етикетите што неолибералната агенда му ги лепеше и низ медиумите и по социјалните мрежи, ословувајќи го како „екстремен десничар“, „фашист“, „расист“, и беше предмет на политичко деноминирање, деплатформирање, вознемирување… Затоа, Орбан во повеќе наврати бара „враќање на слободата на говорот, заштита на слободата на мислење, која ќе важи за целиот спектар на можни идеологии, од десната па до левата идеолошко-политичка опција“. Орбан инсистира домашната (национална) политика да стане приоритет (суверенизам), а го поддржува и процесот на мултиполарност во светот. Тој ги презира униполарноста, хегемонијата, глобализмот и либерализмот. За издвојување е дека тој ги отфрла и хипериндивидуализмот, родовата политика, феминизмот и ЛГБТ, поништување на културата, ревизија на историјата итн. Ова се клучните точки на кои тој планира да ја развие својата платформа за преструктурирање на Унијата и трасирање на новиот европски курс, кој практично и сега извира од централноевропските држави… Неколкупати европската историја е решена во Централна Европа. Но, од 1989 година, сега е повторно моментот кога споменатиот централноевропски регион може значително да влијае на својот тек. Се чека или ерата на Туск или ерата на Орбан. Дали историјата се повторува!? П.Р.