Претседателот на САД, Доналд Трамп, завчера изјави дека „САД ќе го преземат разурнатиот од војна Појас Газа и ќе го развијат економски откако Палестинците ќе бидат преселени на друго место“! Во врска со изјавата на Трамп, аналитичарите се децидни дека „ако се оствари тоа, целосно ќе биде сменета децениската официјална американска политика кон израелско-палестинскиот конфликт“!
По предлогот на Трамп за трајно иселување на Палестинците од Појасот Газа
Првиот странски лидер што го посети американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон, по неговите исклучително динамични и турбулентни седмици откога стапи на функцијата претседател на САД, е израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Вашингтон, според аналитичарите, „е јасен знак, за поголема блискост меѓу двајцата лидери“, како и дека „Трамп ќе продолжи да го поддржува Израел во неговите политики во регионот на Блискиот Исток“. Аналитичари од низа светски медиуми пишуваат дека токму блискоста на Трамп и Нетанјаху „може да биде многу мрачна за палестинскиот народ, можеби како никогаш досега, судејќи според резултатите од разговорите меѓу двајцата лидери“. Во прилог на овој став оди и неодамнешната изјава на претседателот на САД дека „Палестинците од Појасот Газа треба трајно да се преселат во Египет и Јордан, велејќи дека тамошните Палестинци немаат друг избор, освен да го напуштат крајбрежниот појас, кој мора да се обнови по речиси 16 месеци разорна војна меѓу Израел и Хамас“. Вреди да се издвои дека веднаш и двете споменати земји категорично ја отфрлија таа иницијатива.
Споменатата изјава беше само увертира на она што Трамп го изјави завчера, кога рече дека „САД ќе го преземат разурнатиот од војна Појас Газа и ќе го развијат економски откако Палестинците ќе бидат преселени на друго место“! Аналитичарите се децидни во врска со изјавата на Трамп дека „ако се оствари тоа, целосно ќе биде сменета децениската официјална американска политика кон израелско-палестинскиот конфликт“!
– САД ќе го преземат Појасот Газа, а ние исто така ќе ја завршиме работата. Ние ќе го поседуваме и ќе бидеме одговорни за отстранување на сите опасни неексплодирани бомби и друго оружје на локацијата. Доколку е потребно, ќе го направиме тоа, ќе го преземеме тој дел, ќе го развиеме, ќе отвориме илјадници и илјадници работни места и тоа ќе биде нешто со што може многу да се гордее целиот Блиски Исток. Гледам долгорочна сопственичка позиција и гледам дека тоа би донело голема стабилност на тој дел од Блискиот Исток – изјави американскиот лидер пред новинарите собрани во Белата куќа.
Трамп ја запозна јавноста дека тој за таа своја иницијатива „веќе разговарал со регионалните лидери и тие ја поддржале идејата“.
На прес-конференција на претседателот на САД, во врска со предизвикот „Газа“, Трамп искажа многу интересни ставови. Имено, на прашањето кој ќе живее во Газа, Трамп рече дека таа може да им стане дом на „луѓето од светот“. Тој не одговори директно на прашањето како и под која власт САД можат да ја преземат Газа, која е дом на околу два милиона луѓе. Особено што сите американски администрации досега избегнуваа распоредување американски воени сили таму.
– Мислам дека Газа сега е место на уништување. Ако ја погледнете Газа, едвај останаа згради, а оние што постојат ќе се урнат. Сега е невозможно да се живее во Газа. Мислам дека им треба друго место, кое луѓето ќе ги направи луѓето среќни – изјави претседателот на САД. Трамп се изјасни и против создавањето еврејски населби во Појасот Газа. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не се надоврза на предлогот на Трамп, но го пофали својот домаќин за обидот за нов пристап, велејќи дека Трамп „размислува надвор од рамката со свежи идеи“ и „покажува подготвеност да го наруши конвенционалното размислување“.
Реакции на експерти и на некои држави во врска со ставот на Трамп за раселување на Појасот Газа
· Џонатан Паникоф, поранешен носител на висока функција во разузнавачката заедница на САД за Блискиот Исток, рече дека планот на Трамп ќе значи долгорочен воен ангажман на американските воени сили на Блискиот Исток и дека „арапскиот свет ќе смета дека Вашингтон не ги научил лекциите од Ирак и Авганистан“. Присилното раселување на населението во Газа веројатно би претставувало кршење на меѓународното право и би наишло на жесток отпор, не само во регионот туку и меѓу западните сојузници на Вашингтон.
· Натаму, низа „поборници за човекови права“, како што ги нарекуваат западните медиуми, ја споредуваат идејата со „етничко чистење“.
· Египет, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, палестинските власти и Арапската лига рекоа дека таквиот потег може да ја „загрози стабилноста на регионот, да ризикува ширење конфликти и да ги поткопа изгледите за мир и соживот меѓу нејзините народи“.
· Саудиската влада во соопштението нагласи дека ја отфрла секоја иницијатива за раселување на Палестинците од нивната земја, при што оттаму соопштија дека „Саудиска Арабија нема да воспостави односи со Израел без формирање палестинска држава“.
· Високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри, ги осуди повиците на Трамп да си заминат жителите на Газа како „протерување од нивната земја“.
– Ние иницијативите на Трамп ги сметаме за рецепт за создавање хаос и тензии во регионот бидејќи жителите на Газа нема да дозволат таквите планови да поминат.
· Најостриот одговор дојде од Јордан. „Мидл Ист ај“ известува дека „Јордан е подготвен да му објави војна на Израел доколку Нетанјаху се обиде насилно да ги протера Палестинците на нејзина територија“. Јордан „нема илузии дека може да победи во војна“ со Израел, но тој верува дека „ако се оствари тоа, нема да има друг пат, освен да се бори“. Јордан претходно испрати дополнителни војници на своите западни граници по јасната изјава од Аман дека ќе го смета секој обид за насилно испраќање Палестинци преку границата како сериозно кршење на мировниот договор со Израел од 1994 година. Израел одговори со создавање нова источна дивизија за чување на границата со Јордан. Според Јордан, предлогот на Трамп е „егзистенцијално прашање“ и за Јордан и за династијата Хашемит, истакнувајќи дека Јордан е третата најсиромашна земја во светот во однос на водата. Впрочем, 12-те милиони жители на Јордан живеат претежно во тесен појас на земјата по должината на границата со Израел, во близината на реката Јордан и „едноставно не можеа да примат толку многу бегалци“, пишува „Мидл Ист ај“.
· За издвојување во овој контекст е дека лидерот на холандската Партија на слободата (ПВВ) од владејачката коалиција, Герт Вилдерс, ја поздрави идејата на Трамп за преселување на Палестинците од Појасот Газа во Јордан.
· Кина се спротивставува на идејата на американскиот претседател Доналд Трамп САД да ја преземат контролата врз Појасот Газа, соопшти вчера кинеското Министерство за надворешни работи.
„Кина цврсто ги поддржува легитимните национални права на палестинскиот народ“, изјави портпаролот на министерството за надворешни работи на Кина.
Реакцијата на официјална Анкара и Москва на иницијативата на Трамп за Газа
Иницијативата на Трамп предизвика осуда од официјална Анкара. Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во интервју за агенцијата „Анадолија“ (АА) ја нарече идејата на Трамп за преселување на Палестинците неприфатлива и недозволива.
– Тоа е неприфатливо. Впрочем, тоа беше самата причина за конфликтот. Ја гледаме реакцијата на земјите од регионот на оваа изјава – изјави турскиот министер за гореспоменатата новинска турска агенција.
Од друга страна, Москва стави до знаење дека ги слушнала зборовите на Трамп и дека рускиот став за „поредокот на Блискиот Исток е познат и може да се одржи само на билатерална основа“, како што изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Р.С.
Москва е во контакт со Вашингтон, а разговорите за средба на највисоко ниво се интензивирани во последните денови
Трамп и Путин минус Зеленски наскоро на преговори
Само пред два дена, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, гласно, но загадочно изјави во јавноста дека „разговорите меѓу Москва и Вашингтон се во тек“!
– Навистина има контакти меѓу одделни ресори и тие се интензивираа во последно време. Но не можам да ви кажам други детали, нема што друго да се каже – изјави за медиумите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Наедно, Песков ја отфрли неодамна изразената подготвеност на украинскиот претседател Володимир Зеленски директно да преговара за мир со рускиот претседател Владимир Путин.
– Засега тоа се само празни зборови. Подготвеноста мора да се заснова на нешто… Не може да се заснова на законска забрана што го спречува Зеленски да води такви разговори – рече Песков, мислејќи на декретот на украинскиот лидер од 2022 година дека нема да води мировни преговори со Москва сѐ додека Путин е претседател. Изјави за медиумите Песков.
Саудиска Арабија или ОАЕ како место за директни преговори?
Песков одговараше на прашање за изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Вашингтон води активни преговори за војната во Украина и со Киев и со Москва. За потсетување, Трамп изјави во јавноста дека „тригодишниот конфликт во Украина набрзо ќе заврши“. Дури и претседателот на САД деновиве за новинарите потврди дека се разговара со Москва, но не беше дециден меѓу кого се водат разговорите. На прашањето дали разговарал лично со Путин, Трамп изјави дека „не сака да го каже тоа“.
– Водиме многу сериозни разговори за оваа војна и се обидуваме да ставиме крај на војната – истакна претседателот на САД.
Од друга страна, претседателот на Русија уште пред еден месец изјави дека е подготвен да се сретне со Трамп за да разговара за војната во Украина, како и за други „области од интерес и за САД и за Русија“.
За издвојување е информацијата лиферувана од „Ројтерс“, а објавена деновиве дека „руските власти ги разгледуваат Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати како потенцијални места за идни разговори меѓу двајцата лидери на САД и Русија“. Р.С.