Промоција на роботскиот систем во средното училиште во Илинден

Општина Илинден

Во средното општинско училиште „Илинден“ продолжува инвестирањето во нова и напредна опрема од електротехничка струка за да се создаде иновативна и стимулативна средина за учење и стекнување трајни и одржливи знаења и вештини. Деновиве градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, го посети средното училиште, при што заедно со пратеничката Драгана Бојковска и директорот на училиштето, Зоран Арсовски, направи увид во новите инвестиции спроведени во изминатиот период во ова училиште. Како што истакна градоначалникот Георгиевски, во денешното дигитално време технологијата игра клучна улога во начинот на кој се одвива образованието. Набавката и поставувањето комплексен индустриски роботски систем во училиштето е нешто што ќе го подобри образовниот процес по сите предмети што се поврзани со автоматиката и роботиката, а со тоа ќе овозможи и нови можности за развој на самите ученици.
Индустрискиот роботски систем со роботската рака е напреден уред што може да извршува различни задачи со голема прецизност. Тој ќе биде користен за демонстрации на механизмите на движење кај најкомплексните роботи и за демонстрација на интегрирање на роботите во автоматизацијата на процесите. Преку практични примери и вежби, учениците ќе имаат можност да научат како функционираат роботите, како се програмираат и како тие можат да се применат во индустријата. Ова ќе биде особено корисно за учениците што се заинтересирани за наука, технологија, инженерство и математика (СТЕМ).
Директорот на училиштето, Зоран Арсовски, информираше дека овој роботски систем ќе им овозможи на учениците да развијат вештини во решавање проблеми, критичко размислување и тимска работа. Со практичните активности, учениците ќе имаат можност да учат на интерактивен начин и да се запознаат со основите на инженерството и програмирањето. Интеграцијата на роботската рака во наставата ќе ја зголеми мотивацијата на учениците, поттикнувајќи ги да се вклучат во СТЕМ-дисциплини и да развијат интерес за идните професии, кои ќе бидат силно поврзани со технологијата.
СОСУ „Илинден“ е прво средно училиште што поседува роботска рака од ваков вид.