Фото: „Нова Македонија“

Дводневниот состанок во Брисел на министрите за одбрана на НАТО како повод

На дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО, кој во изминатите два дена се одржа во Брисел, одбранбените трошоци беа меѓу главните прашања за кои се разговараше. Како дел од напорите за справување со новите предизвици, земјите членки на НАТО се обврзаа трошоците за одбраната од нивните буџети да бидат најмалку два процента од националниот БДП. Исто така во текот на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО се дискутираше и за глобалната безбедносна состојба, за статусот на мисиите и операциите на НАТО. Во рамките на предвидените состаноци за првпат беа вклучени и партнерите од Индопацификот, а учествуваа и претставници од ЕУ. Токму дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО, кој во четвртокот и петокот се одржа во Брисел, беше и нашиот повод да издвоиме неколку становишта од релевантни извори за алијансата, од кои читателите на „Нова Македонија“ ќе имаат можност да го пополнат својот мозаик на информации и да извлечат свои заклучоци


Од Студената војна, европските земји значително ги намалија своите воени сили и опрема, често пренасочувајќи ги буџетите за одбрана на други приоритети, како што се здравствената и социјалната заштита. Поради тоа голем дел европски армии се слабо подготвени за долгорочни конфликти. Токму затоа сè уште мораат да се потпираат на САД во клучните области, како што се воздушната одбрана, напредните воени системи и координацијата. А факт што станува ноторен во заклучоците од анализите на воените аналитичари е дека НАТО без САД и Европа без САД се – ништо!

од Анализата на „Блумберг“ за кондицијата на НАТО, интероперабилноста во атлантскиот сојуз и способностана националните армии во алијансата

Европските армии во слободен пад

Европските армии во моментов се соочуваат со сериозни недостатоци. Повеќето немаат искуство во спроведување големи операции со комбинираните сили на повеќе нации, а структурата на НАТО историски се потпира на американското лидерство и координација. Од Студената војна, европските земји значително ги намалија своите воени сили и опрема, често пренасочувајќи ги буџетите за одбрана на други приоритети, како што се здравствената и социјалната заштита. Поради тоа голем дел од европските армии се слабо подготвени за долгорочни конфликти.
Намалувањата на европските воени сили не се само нумерички. Намалени се и квалитетот и подготвеноста на војниците. Лошо одржуваната опрема, недостигот од муниција и на линии за снабдување, како и деградираните системи, можат сериозно да ја ослабат воената ефикасност. Овој проблем беше присутен и во Русија во текот на 1990-тите, но Москва оттогаш инвестираше значително во модернизацијата на воените капацитети на Русија, вклучувајќи ги нуклеарните сили, армијата, морнарицата и воздухопловните сили. Затоа европските земји почнаа да ги зголемуваат своите одбранбени средства, но голем дел од овие средства ќе биде потребен само за обновување на постојните капацитети. Токму затоа сè уште мораат да се потпираат на САД во клучните области, како што се воздушната одбрана, напредните воени системи и координацијата. Полскиот премиер Доналд Туск неодамна изјави дека „Европа мора да стане политичка и воена сила“ за да ја осигури безбедноста на континентот.

Проблемот на европските членки на НАТО не е само колку се троши туку и за што се троши

Самиот преглед на европските вооружени сили укажува на сериозни предизвици и празнини што треба да се пополнат за да се врати кредибилитетот и да се обезбеди подготвеност за идни конфликти. Иако членките на НАТО во 2014 година се согласија секоја од нив да потроши најмалку два отсто од својот БДП за одбрана до 2024 година, се очекува само 23 од 32 сојузници да ја постигнат таа цел, што сепак е подобрување во однос на минатогодишните 10 земји. Сепак, дури и ако европските земји го достигнат нивото на американско воено трошење од 3,5 отсто од БДП, нивните вкупни трошоци сепак ќе заостанат зад САД, делумно поради послабиот европски економски раст по финансиската криза во доцните 2000-ти. Проблемот не е само колку се троши туку и за што се троши. Европските земји често претпочитаат стекнување софистицирани скапи системи, кои го зголемуваат престижот, но ги занемаруваат основните потреби за одржување и надградба на постојните капацитети. Војната во Украина покажа дека традиционалното оружје и муниција, како што се артилериските гранати, сè уште играат клучна улога во модерното војување. Русија, на пример, планира да произведе речиси три милиони гранати годинава, што е трипати повеќе од комбинираното производство на САД и Европа заедно. Со испраќањето воена опрема во Украина, европските влади се соочија со дилема и колку опрема можат да испратат без да ги загрозат сопствените акции. Дополнително, националните одбранбени претпријатија често претпочитаат домашни производители, што го отежнува координирањето на заедничките набавки меѓу членките на НАТО. Како резултат на тоа, оружените системи често се некомпатибилни меѓу сојузниците, што може да доведе до дисфункција на бојното поле. На пример, артилериските гранати од 155 милиметри од некои земји не се компатибилни со артилериските системи на другите членки на НАТО, додека некои германски единици користеле застарени радија од 1980-тите. Во однос на поединечните земји, Обединетото Кралство и Франција остануваат водечки воени сили во Европа, но и двете ги намалија своите војски од крајот на Студената војна. Француската војска е намалена за 56 отсто меѓу 1990 и 2024 година, додека Обединетото Кралство планира да ја намали својата војска на најниско ниво од Наполеоновите војни, на само 73.000 војници до 2025 година. Германија можеше да распореди само една бригада на Балтикот, што ги покажува ограничувањата на нејзините воени способности. Франција може да мобилизира 20.000 војници за 30 дена, додека Велика Британија, во најдобар случај, би можела да собере дивизија од 20.000 до 30.000 војници, но тоа ќе потрае повеќе од еден месец. За споредба, само американските специјални сили имаат околу 70.000 луѓе, додека САД имаат околу 80.000 војници стационирани во Европа. Тоа покажува колку Европа е воено зависна од САД.

НАТО се стреми за максимално искористување на европските воени капацитети

И покрај овие предизвици, НАТО се стреми максимално да ги искористи преостанатите европски воени капацитети додека регионот преминува од состојба на „повоена“ безбедност кон „предвоена“ готовност. Во првите пет месеци од 2024 година, околу 90.000 војници на НАТО учествуваа на воената вежба „Постојана одбрана“ (Steadfast Defender), најголемата од Студената војна, која покажува напори за зајакнување на заедничката подготвеност.
Сепак, иако се прават напори за подобрување на воената координација и зајакнување на капацитетите, останува прашањето дали европските членки на НАТО ќе можат да ги пополнат празнините и да ги усогласат своите одбранбени приоритети со вистинските безбедносни предизвици што се наѕираа во ноември 2022 година кога НАТО го зајакна своето присуство на источното крило со додавање војници во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка. Алијансата ја објави можноста за проширување на секоја од осумте мултинационални борбени групи на дури 5.000 војници, како дел од новиот модел на сили развиен за поефикасно справување со Русија. Овој модел вклучува ставање на повеќе од 300.000 војници во состојба на готовност, што овозможува побрзо распоредување во случај на конфликт. Германија планира да формира постојана бригада со дури 5.000 војници во Литванија до крајот на 2027 година, а со тоа дополнително да ја зајакне безбедноста во тој регион. Сепак, има повици од европските генерали за повторно воведување на масовно регрутирање, иако таквите чекори не може да се сметаат за адекватна замена за високо обучените професионални војници потребни во модерното војување. Неодамнешното влегување на Шведска и Финска во НАТО претставува позитивен развој, носејќи со себе добро обучени и дисциплинирани војници. И покрај ова, регрутирањето во европските армии се соочува со криза, со негативните перцепции за животот во војската, кои ги одвраќаат младите од воена кариера.

Логистиката – главен проблем на европската воена инфраструктура

Секако, основниот проблем на европската воена инфраструктура лежи во логистиката. Иако американската војска може да ги дуплира линиите за снабдување со гориво, храна и муниција за повеќе оклопни бригади, европските логистички ресурси се помали, помалку флексибилни и помалку тестирани. За време на Студената војна, НАТО имаше цевководен систем за снабдување со гориво на сојузничките сили, но по распадот на Советскиот Сојуз и проширувањето на НАТО кон исток, таква инфраструктура не беше воспоставена. Членките на алијансата го пренасочија својот фокус на воените операции надвор од Европа, како што се оние во Ирак, Либија, Судан и Пакистан. Војната во Украина го поттикна НАТО систематски да ја тестира својата способност за преместување војници и тешка опрема. Од клучно значење е да се разгледа што ќе се случи ако се нападнат клучни аеродроми или мостови. Вежбите како што е „Постојана одбрана 2024“ се фокусирани токму на брза испорака на војници и опрема во потенцијалните конфликтни зони.
Од друга страна, во модерното војување, бродовите играат клучна улога. Воздухопловните сили бараат писти за полетување, додека армиите се движат побавно од бродовите. Морнариците можат брзо да распоредат оружје со долг дострел што уништува значителна количина непријателска опрема. Ова беше докажано, на пример, во Либија во 2011 година, кога европските нации сакаа да водат поморски напори против Моамер Гадафи, но само САД имаа доволно крстосувачки ракети „томахавк“ за да ја неутрализираат либиската противвоздушна одбрана, дозволувајќи им на европските воени авиони безбедно да оперираат над Либија. Во овој контекст, американските подморници често имаат повеќе ракети „томахавк“ отколку што може да поседува целата британска кралска морнарица. Франција моментно има еден активен носач на авиони, „Шарл де Гол“, кој носи околу 30 борбени авиони „рафал“, додека Обединетото Кралство има два носачи што можат да носат комбинирани 48 ловци „Ф-35“, но се очекува да има само 37 ловци до крајот од годинава. Сепак, долготрајните буџетски проблеми на Обединетото Кралство го одложија пристигнувањето на новата генерација воени бродови на Кралската морнарица и британските подморници со нуклеарно вооружување. Како резултат на тоа, голем дел од сегашната флота работи надвор од предвидениот животен век и се соочува со проблеми со одржувањето. Според британски „Дифенс џурнал“, само една петтина од главните површински борбени бродови на Кралската морнарица биле активни или веднаш распоредени во април. Додека некои европски држави преземаат чекори за обнова на своите поморски сили и додавање ново оружје на бродовите што ги нарачале, процесот на изградба на воени бродови трае подолго отколку за другите видови воена опрема. Во меѓувреме, морнариците во регионот се соочуваат со предизвици да најдат морнари за да ги пополнат постојните бродови. На почетокот на 2024 година британската влада објави деактивирање на две од нејзините 11 фрегати на Кралската морнарица поради недостиг од работна сила, што укажува на сериозни проблеми во одржувањето на морнарицата.
Повеќето од крстосувачките и балистичките ракети на НАТО со долг дострел, кои би биле лансирани стотици километри во борба од мобилни батерии и воени бродови, се исто така обезбедени од Соединетите Американски Држави. Европските земји, од друга страна, не поседуваат доволно количество противракетни системи, како што е „патриот“, кои би можеле ефикасно да се одбранат од дојдовните закани. Р.С.