Фото: „Нова Македонија“

Посетата на Кошта на Македонија предизвикува посебен интерес, со оглед на фактот што тој неодамна беше во посета на Бугарија, каде што со актуелните бугарски власти разговарал и за процесот на проширување, притоа сакајќи да ги слушне од прва рака бугарските позиции околу уставните измени и можноста за некакво креативно решение за одблокирање на процесот. Имено, првиот човек на Европскиот совет важи за исклучително добар медијатор, кој во неколку наврати во својата политичка кариера наоѓал решенија за блокирани процеси, така што не е исклучено тој во Скопје да доаѓа и со некакви идеи за тоа како да се најде излез од ќор-сокакот наречен уставни измени

Преговорите за наоѓање мировно решение во Украина се во полн ек, а најавите за обезбедување едномесечен прекин на огнот се токму во таа насока, да се остави простор инволвираните страни да седнат на преговарачка маса и да стават точка на руско-украинскиот конфликт.
Во тој контекст е и посетата на високи европски челници викендов на Киев, меѓу кои и на францускиот претседател Емануел Макрон и на новиот германски канцелар Фридрих Мерц, каде што, меѓу другото, станало збор и за забрзаната европската перспектива на Украина и намерата на Европската Унија прекутрупа да ја инкорпорира оваа земја во свои рамки, се разбира според одредени бриселски калкулации .
Но, од друга страна, официјален Брисел е свесен дека зачленувањето на Украина на брза лента нема да биде можно ако не оди во пакет со сите земји од Западен Балкан, па затоа се преземаат некакви форми на засилени дипломатски активности да се притиснат и земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија, да ги забрзаат реформите во насока на остварување на главната европска цел, ново големо проширување, без оглед во каков формат и дали ќе биде со ограничени ингеренции на новите членки.

Кошта важи за добар посредник

Токму низ една таква призма може да се набљудува овонеделната турнеја на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на неколку земји од Западен Балкан, која би требало да стартува со утрешната посета на Белград. Некои од регионалните медиуми го доведуваат под знак прашалник неговото пристигнување во главниот град на Србија, со оглед на одлуката на српскиот претседател Александар Вучиќ да присуствува на воената парада во Москва по повод Денот на победата и покрај директните предупредувања од Брисел.
Како и да е, ова ќе биде негова прва посета на земјите од Западен Балкан во форма на турнеја по стапувањето на должност како претседател на Европскиот совет. Во рамките на турнејата, покрај Белград, ќе ја посети и Приштина ден подоцна, односно на 14 мај.
Според српските медиуми, Кошта во рамките на турнејата ќе ги посети „сите земји од Западен Балкан“, иако засега нема официјална потврда за датумот на неговата посета на Македонија. Турнејата на првиот човек на Европскиот совет доаѓа непосредно пред самитот на Европската политичка заедница, кој ќе се одржи на крајот на неделава во Тирана.
Посетата на Кошта на Македонија предизвикува посебен интерес со оглед на фактот што тој неодамна беше во посета на Бугарија, каде што со актуелните бугарски власти разговарал и за процесот на проширување, притоа сакајќи да ги слушне од прва рака бугарските позиции околу уставните измени и можноста за некакво креативно решение за одблокирање на процесот. Имено, првиот човек на Европскиот совет важи за исклучително добар медијатор, кој во неколку наврати во својата политичка кариера наоѓал решенија за блокирани процеси, така што не е исклучено тој во Скопје да доаѓа и со некакви идеи за тоа како да се најде излез од ќор-сокакот наречен уставни измени.
Потврда дека нешто се крчка на ова поле стигнува од повеќе страни, но засега ништо официјално. Очигледно далеку од очите на јавноста се одвива некаква дипломатска активност што ќе значи задоволување на бугарското барање за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, но, од друга страна, и гаранции за земјава дека повеќе нема да биде блокирана со несуштински вета од бугарска страна.
Австрискиот амбасадор во земјава Мартин Памер изрази извесен оптимизам дека ова прашање би можело да се затвори до крајот на годината. Според него, Македонија веќе со една нога влегла во Европската Унија бидејќи испорачала одлични резултати, но наместо да му се придаде значење на овој успех, премногу внимание им се посветувало на уставните измени што се бараат од нас.
– Владата на С. Македонија моментално работи на акциските планови и патоказите. Мислам дека патоказот за малцинствата ќе се испорача до Европската комисија месецов. Затоа постои одреден оптимизам дека можеби ќе се заврши и со Компромисот 2022 до крајот на годинава. С. Македонија е веќе во голема мера интегрирана во Европската Унија во контекст на економијата, билатералните односи со ЕУ-членките – истакна Памер говорејќи на неодамнешната тркалезна маса „Патот на С. Македонија до ЕУ: Предизвици и можности во 2025“, која се одржа во Скопје, притоа додавајќи дека од ќор-сокакот се излегува само со компромис.
Според него, ниту една друга земја од регионот не покажала такви резултати како Македонија во планот за раст на Западен Балкан.
Од Министерството за европски прашања, пак, потврдија дека нема измени околу црвените линии при преговарањето со Бугарија за уставните измени.

Дали акцискиот план за малцинства и промената на начинот на работа на историската комисија водат кон излез од ќор-сокакот?

Покрај Кошта, до крајот на месецот се очекува земјава да ја посети и комесарката за проширување Марта Кос, која е добро запознаена со проблемот за уставните измени и која директно не потврдува дека се работи на негово премостување, но тоа е повеќе од очигледно од пораките што ги испраќа.
Несомнено се работи на некакво креативно решение што ќе ги даде бараните гаранции за земјава, а тоа очигледно би можело да се случи по локалните избори, како што веќе индиректно најави австрискиот амбасадор.
– Многу европски земји сега жалат што поддржаа ваква преговарачка рамка бидејќи не согледаа какви скриени кукавичини јајца внесоа прифаќајќи ги протоколите и нивната поврзаност со таа преговарачка рамка, дипломати што ни велат како сте можеле да потпишете вакво нешто и слично. Излезот никогаш не смееме да го гледаме во промена на преговарачката рамка, за тоа мора да се согласат сите земји, а на ниво на грижите што сега ги имаат во ЕУ, таа тема е целосно на маргините и прашање е дали воопшто ќе се врати. Она што можеме да го смениме, сценарио што има некаква веројатност, се условите под кои таа преговарачка рамка ќе се имплементира, како ќе бидат заштитувани малцинските права и што значи тоа за припадниците на малцинските права кај нас како дел од преговорите, тој акциски план за заштита на малцинствата, и да ги смениме условите под кои разговара историската комисија, оти таа е најголемиот проблем што е вгнезден во протоколите, таа мора да заврши со работата додека да станеме членки. Другите вакви комисии во светот и во Европа преговараат по 50-60 години. Ние сме притиснати да имаме од осум до десет состаноци годишно според тој протокол што сме го потпишале и притоа да завршиме додека не станеме членка на сите теми на кои имаме асиметрична позиција со Бугарија и директно задираат во нашето достоинство и идентитет. Тоа е нонсенс. Тука треба да бараме како држава, и има сѐ поголемо и поголемо разбирање кај европските земји членки дека европските стандарди на преговарање треба да бидат оние под кои преговара историската комисија, како што разговараат Германија и Полска, Германија и Франција итн. – вели за РСЕ Марко Трошановски, претседател на институтот за демократија „Социетас цивилис“.
Според него, единствено на овој начин, преку инсистирање на двете димензии – историска комисија што нема да има деловник и што треба да работи по европски стандарди и акциски план за заштита на малцинства, може да има пробив од блокадата.
– Акциски план што ќе се потпира на реални опипливи параметри за тоа што значи дискриминација, што значи говор на омраза, што значи образование што води сметка за малцинствата, а не да разговараме на теми за тоа како доказ за говор на омраза се илјадници постови на Фејсбук, како што претходно тврдеше бугарската страна дека ние како држава гаиме некаква системска дискриминација и говор на омраза кон бугарското малцинство, што е апсолутно непотврдено во ниту еден извештај за човекови права – констатира Трошановски.
Несомнено посетата на Кошта и онаа на Кос многу повеќе ќе бидат во насока на откочување на евроинтегративниот процес и консултации околу некакви креативни решенија што можат да значат исчекор на овој план, а во светло на забрзувањето на процесот на проширување преку таканаречен блоковски пристап.
Многу работи ќе се дискутираат и на претстојниот состанок на Европската политичка заедница, каде што не е исклучено да има и средби меѓу македонската и бугарската страна со посредство на европски политичари. Едно е повеќе од сигурно, желбата на ЕУ што побрзо да ја внесе Украина во Унијата всушност го мрдна од мртва точка целиот процес на проширување со земјите од Западен Балкан, така што во време на нови геостратегиски прегрупирања, целовитоста на Европа е од круцијално значење.


Брисел се ангажирал за приближување на ставовите меѓу Скопје и Софија

Бримора: Се работи на решение за спорот со Бугарија

Полскиот амбасадор во земјава Мариуш Бримора вели дека и во Брисел на билатерално ниво се работи на приближување на ставовите меѓу Скопје и Софија. Тој нагласува дека полското претседателство сака да го придвижи процесот на проширување, со надеж за конкретни чекори и конкретен напредок во процесот, но оти обврските преземени од нашата држава треба да се исполнат.
– Полското претседателство сака да го придвижи процесот на проширување, со надеж дека ќе покажеме конкретни чекори и конкретен напредок во процесот. Работиме на тоа, не само во Брисел туку и на други билатерални нивоа. На крајот од февруари заменик-министерот за надворешни работи на Полска, Марек Правда, ја посети Софија и имаше разговори таму, вклучувајќи и за проширувањето на ЕУ и патот на Северна Македонија кон Унијата. Така што, правиме сѐ што можеме, но, повторно, кога ме прашувате за следниот чекор, мојот одговор е ист – треба да ја исполните својата обврска. Има една стара поговорка „Pacta sunt servanda“, односно договорите мора да се исполнат. Оваа обврска на С. Македонија стана дел и од позицијата на Брисел. Комесарката Кос јасно кажа дека очекува Северна Македонија да ја исполни обврската со цел да се придвижи процесот. Што и да кажеме, повторно доаѓаме до истиот заклучок – сѐ почнува со уставната обврска, а потоа процесот може да продолжи – вели Бримора во интервју за МИА.
На прашањето дали е можен нов договор со Софија и дали т.н. „тивка дипломатија“ што се води може да донесе резултати, Бримора вели дека секогаш има простор за разговор и оти претставниците на Владата ја користат секоја можност при средбите со нивните партнери на меѓународни форуми да разговараат за овој проблем, но, како што вели, потребно е исполнување на обврска во согласност со договорот од 2022 година.
– Убедени сме дека проширувањето на ЕУ ќе ни помогне да ги исполниме нашите безбедносни цели, така што тоа останува приоритет и на полското претседателство. Мислам дека не треба да бидете загрижени за датумот 2030 година. Вистината е, како што знаеме сите овде, дека треба да го почнеме процесот на пристапување. А, за да започне пристапниот процес, С. Македонија треба да ја исполни својата заложба и да го промени Уставот, поради обврската што ја презедовте во 2022 година при потпишувањето на договорот. Откако ќе го направите тоа, можеме да го планираме процесот и да ги отвориме преговорите речиси веднаш. Значи, датумот сега не е проблемот. Најголемиот проблем и проблемот што го имаме овде и сега е да го овозможиме почетокот на преговорите – рече Бримора.
Тој вели дека очекувањата од Владата се дека ќе покаже политичка волја да го придвижи процесот напред, со исполнување на обврските од договорот, како и комплетирање на процесот на реформи. Бримора посочи дека во моментов комисијата, Брисел, претседателството, секој е подготвен за процесот на проширување.
– Вратите се отворени. Ова е многу поволен моментум за земјите кандидати. Проблемот со светот денес, нестабилноста што ја споменавме, непредвидливоста, е дека ваквиот моментум може и да не трае вечно. Значи, задача на Владата на С. Македонија е да го искористи овој моментум сѐ додека трае – заклучува Бримора.