Каква е иднината? Новиот глобален поредок е реалност, оттука, се надевам
дека прифаќањето на таа реалност од сите, пред сè од Соединетите
Американски Држави, нема да поттикне настани што ќе предизвикаат н
еизречливи последици за планетата Земја. Посакувам прокси-војната што денес се одвива на територијата на Украина меѓу САД и ЕУ, од една страна, и Русија, од друга страна, да не ескалира: мирот е единствено решение
Содржината на расказот „Колку земја му треба на човек?“ (на руски јазик: „Много ли человеку земли нужно?“, 1886 г.) од Лав Николаевич Толстој на многумина им е позната, но сепак, сосема накусо ќе резимирам: главниот јунак на приказната – селанецот Пахом, опседнат од идејата да има што повеќе земја, размислува: „Ако имам многу земја, не треба да се плашам од самиот ѓавол!“, не знаејќи, всушност, дека ѓаволот, слушајќи го ова, планира да го одведе него во смрт: „Ќе ти дадам многу земја, ќе те земам со земјата“. Пахом успева постојано да ги шири своите имоти, но сè не му е доволно, па затоа ја прифаќа необичната понуда на Башкирите: ако, за сума од илјада рубли, почнувајќи од зори и означувајќи ја својата маршрута со лопата, тој се врати на својата почетна точка до зајдисонце, тогаш целата земја што ја опфаќа неговата маршрута ќе биде негова, меѓутоа, во спротивно, ако не ја достигне почетната точка, тој ќе ги изгуби парите и нема да добие земја. Таа ноќ, Пахом доживува надреален сон во кој се гледа себеси како лежи мртов покрај нозете на ѓаволот, кој се смее. Другиот ден, сфаќајќи, при крајот на денот, дека е далеку од почетната точка, тој почнува да трча колку што може побрзо до Башкирите, кои бодрејќи го чекаат и пристигнува на почетната точка токму кога сонцето заоѓа. Меѓутоа, исцрпен од трчањето, Пахом умира: неговиот слуга го закопува во обичен гроб долг три аршини. Расказот е метафора за човечкиот живот потрошен на акумулирање материјални вредности за сметка на духовни содржини и ги одразува впечатоците на Толстој од престојот меѓу Башкирите, читањето на легендите за Скитите од Херодот и неговата страст за учењата на Христос и Буда.
Во денешниов есеј, ќе се задржам на две прашања: Колку проширување му треба на НАТО? и Зошто на НАТО му треба проширување? Предавањето за Русија, достапно на интернет, што се одржа во септември 2024 г. во Германија, проф. д-р. Габриеле Кроне-Шмалц (Gabriele Krone-Schmalz) го започна цитирајќи го Хајнрих Хајне: „Никогаш порано не бев обесхрабрена, никогаш не очајував за татковината, но сега кога ги видов нејзините спасители, сета надеж ме напушти“, коментирајќи дека германскиот министер за одбрана, иако не е министер за војна, сепак, сѐ повеќе ги користи термините „способни за војна“ и „подготвени за војна“ наместо „способни за одбрана“ и „подготвени за одбрана“.
Правејќи анализа на прашањето: „дали Русија следи империјалистички интереси или спроведува функционална безбедносна архитектура која ја вклучува Русија?“, посочувајќи дека тврдењето „нашата демократија и нашата слобода се бранат во Украина“ не е точно, потенцирајќи дека вмешаноста на САД во Украина е огромна: „не зборувам ни за огромните суми на пари што се искористени за влијание на изборите во Украина, ниту за финансирање на образовните програми… за Украинците… конечно да сфатат дека ним им е подобро во НАТО… спротивно на неутралниот статус на Украина впишан во нејзиниот Устав“, туку „што неодамна можеше да се прочита во ‘Њујорк тајмс’, за осумгодишното постоење на 12 тајни бази на ЦИА директно на украинско-руската граница и за посветеноста на американските тајни служби, што имаше клучна улога во одлуката на рускиот претседател… во февруари 2022 година“, укажувајќи дека „НАТО ја опколи Русија и сега се доближува до руските граници“, забележувајќи дека САД поседуваат речиси 800 воени бази во повеќе од 70 земји низ светот, прашувајќи се „кој кому му се заканува овде?,…, дали всушност постои закана или само се доживува како таква што е доволно да се уништи основата на мирот и соживот?“, Кроне-Шмалц, всушност, одговори на второто прашањето поставено на почетокот на овој параграф: „Во интерес на ЕУ, особено на Германија (и на Македонија – н. з.), е да има добри односи со Русија. И во интерес на Русија е да има добри односи со ЕУ и Германија. Ние не сме само соседи, ние сме природни партнери, се надополнуваме. Но тоа воопшто не е во интерес на САД. Напротив, за што можете да прочитате во американските документи, единствената вистинска закана за надмоќта на САД е функционалниот евроазиски континент. Кина повторно игра посебна улога. Од американска перспектива, оваа закана за добра соработка сега засега е избегната, бидејќи единствени што имаат корист од оваа ситуација (проширувањето на НАТО – н.з.) се САД и секако воената индустрија“.
Соединетите Американски Држави се конзистентни во спроведување на нивната надмоќ над другите, во желбата да контролираат и да управуваат со светот, во манипулацијата дека слободата на САД се брани во Европа: денес во Украина, утре некаде произволно, по избор на САД, на планетата Земја. Одговорот на првото прашање: Колку проширување му треба на НАТО?, е јасен, меѓутоа, САД и нивните вазали не сакаат (или сѐ уште не можат) да го видат тоа што сите други го гледаат: за разлика од расказот, големи се шансите САД и ЕУ освен да се самоуништат, да ги повлечат во понор сите други – трите аршини да станат целата планета Земја. Меѓутоа, сепак, нешто се менува: прочитајте ги пораките за хармонија, хуманост и праведност, напишани од мнозинството – од првите луѓе на Кина, Индија, Русија и голем број држави од Европа, Африка и Јужна Америка. Во Кина се зборува за терминот „сè под небото“ или „поднебесје“.
Користењето на овој древен термин значи промовирање на современиот кинески концепт за светскиот поредок и поставување на основата за севкупниот пристап кон светот и кон меѓунационалните односи: сѐ започнува и завршува со човештвото како целина, а не само со еден народ, притоа почитувајќи го интегритетот на (националните) држави, што е суштински значајно бидејќи е фундаментално отстапување од западниот пристап за меѓународните односи. Терминот „сумак каусаи“, што во превод значи „добар живот“ или „живот во хармонија“ на јазикот на народот Кечуа, вграден во Уставите на Еквадор и на Боливија, е концепт којшто потекнува од домородните култури во регионот на Андите и пределите на Амазон и којшто промовира живеење во хармонија со природата и со другите луѓе. На состанок на клубот за дискусија „Валдаи“, овој ноември, претседателот на Русија ќе порача: „Подемот на нациите и културите коишто претходно останаа на периферијата на глобалната политика поради една или друга причина значи дека нивните различни идеи за правото и правдата играат сè поважна улога. Тие се разновидни. Ова може да остави впечаток на раздор и можеби какофонија, но ова е само почетната фаза. Мое длабоко убедување е дека единствениот можен нов меѓународен систем е оној што ја поддржува полифонијата, каде што многу тонови и многу музички теми звучат заедно за да формираат хармонија. Ако сакате, ние се движиме кон светски систем којшто ќе биде полифоничен наместо полицентричен, систем во кој се слушаат сите гласови и, што е најважно, апсолутно мора да се слушнат“.
Каква е иднината? Новиот глобален поредок е реалност, оттука, се надевам дека прифаќањето на таа реалност од сите, пред сè од Соединетите Американски Држави, нема да поттикне настани што ќе предизвикаат неизречливи последици за планетата Земја. Посакувам прокси-војната што денес се одвива на територијата на Украина меѓу САД и ЕУ, од една страна, и Русија, од друга страна, да не ескалира: мирот е единствено решение. Ако сакаме да ја зачуваме планетата Земја, според моето мислење, треба да се знае вистината за војната во Украина – вистината што храбро ја соопштува Кроне-Шмалц, не треба да се дозволи манипулација на фактите и треба да се обезбеди политичките и геостратегиските анализи да се засноваат на факти, а не на идеолошки мотивирани убедувања, манипулации и опскурни желби.