Нутриционистите веќе подолго време предупредуваат дека префрлањето на режим на исхрана базиран на растителна храна не може да има целосни придобивки доколку значителен дел од таа растителна храна што се консумира е „нездрава храна од растително потекло“. А која е всушност таа храна од растително потекло што е нездрава или штетна?!
Исхраната и човековото здравје во нови истражувања и студии
Научното списание „Лансет“ објави една исклучително интересна поширока статија, од едно ново научно истражување за исхраната на човекот, каде што се констатира дека „ултрапроцесираната растителна храна, која станува сè попопуларна низ светот како замена за храната од животинско потекло, се поврзува со срцеви заболувања и скратен животен век“.
А која е таа ултрапроцесирана или ултрапреработена растителна храна? Едноставно, во неа спаѓаат грицките, чипсот или стековите од растително потекло. Токму таа храна може да го зголеми ризикот од кардиоваскуларни болести и да го скрати животот.
Зголемена популарност на растителната исхрана
Поради зголемената популарност на растителната исхрана во светот, во последните десет години се појавија и голем број компании што произведуваат растителни производи како замена за месото. Според достапните податоци, пазарните производи од растително потекло достигнале вредност од околу 8,1 милијарди долари во 2023 година. Но храната со растителна основа може да биде и ултрапроцесирана. Нутриционистите веќе подолго време предупредуваат дека префрлањето на диета базирана на растителна храна не може да ги има истите придобивки ако значителен дел од неа потпаѓа на нездрава храна од растителна основа. Студијата покажа дека консумирањето високопреработена растителна храна го зголемува ризикот од кардиоваскуларни болести за 5 пет отсто, а ризикот од прерана смрт за 12 отсто. Од друга страна, замената на високопреработената растителна храна со непреработена растителна храна го намалува ризикот од кардиоваскуларни болести за 7 отсто, а ризикот од смрт од кардиоваскуларни болести за 15 отсто. Врз основа на овие податоци, се препорачуваат насоки за исхрана според кои треба да се нагласи не само намалувањето на потрошувачката на месо и животински производи туку и потребата да се избегнуваат високопреработени растителни производи.
Д-р Тедрос Аданом Гебрејесус: Исхраната базирана на повеќе растенија е клучна за здравјето на луѓето и планетата
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, за време на климатскиот самит на ОН, КOП28, одржан во Дубаи во декември 2023 година, истакнал дека промената на исхраната базирана на повеќе растенија е клучна за здравјето на луѓето и планетата. Тој истакна дека производството на храна е одговорно за „речиси една третина од глобалниот товар на болести“ и 30 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови, од кои повеќето доаѓаат од сточарството. СЗО соопшти дека пушењето, алкохолот, ултрапреработената храна и издувните гасови од фосилни горива се главните причини за 2,7 милиони смртни случаи годишно во Европа. Од нив, пушењето е причина за 1,15 милион, алкохолот за 426.857, исхраната со висока содржина на сол за 252.187, а исхраната со висока содржина на преработки од месо за 117.290 смртни случаи.
Во последниве години исхраната базирана на растенија станува сè попопуларна од различни причини – од етички причини, кои се фокусираат на страдањето на животните, преку климатски, бидејќи владите на западните земји сѐ повеќе ја прифаќаат теоријата дека сточарството е голем извор на стакленички гасови, јаглерод диоксид и метан (биогасовите што ги испушта стоката што се одгледува), до еколошки, бидејќи сточарството е потрошувач на ресурси. (во врска со ова има сѐ повеќе медиумски кампањи, а некои од земјите во ЕУ воведоа и данок за испуштање биогасови по говедо, како на пример Данска).
И за крај, за издвојување е дека исхраната со растенија е сѐ попопуларна во светот, што се брани со наводни „многубројни здравствени придобивки“, а тоа се обидува да се поткрепи со „студии што покажале дека исхраната базирана на растително потекло има здравствени бенефиции“. Е.Р.