Нов провокативен потег на Софија во средините со македонско население во Албанија, албанските институции без реакција
- Албанските политичари се свесни за контроверзните активности на бугарските државни институции и приватни фондации во самата албанска држава, но се договорно претпазливи затоа што не сакаат да го загрозат приемот во ЕУ со бугарско вето (како што покажаа на случајот со Македонија). Зголемениот праг на толерантност на албанските институции (да трпат) е условен од познатото становиште и мерки (ултиматуми и уцени) од страна на Софија во однос на приемот на нови членки во Европската Унија. Тирана верува дека сега „не треба да бранува“ и дека нештата ќе се променат по влегувањето на Република Албанија во Европската Унија, бидејќи Софија повеќе нема да може да врши притисок врз Тирана. Дотогаш, според нашите соговорници, бугарските контроверзни замешателства нема да престанат. Но, кога станува збор за нештата што ги засегаат и нашинците во Албанија, односно македонското малцинство таму, тогаш нашите соговорници издвојуваат дека е потребна проактивност од страна на македонските државни институции, но и унисоност и инстантна реакција од сите македонски здруженија и организации во Албанија, бидејќи молчењето значи само едно – одобрување
- И покрај постојаните укажувања на Македонците, бугарските провокации и контроверзни активности не престануваат. Последен пример е настанот што се случи во петокот при прегледи од страна на бугарски лекари во државната амбуланта во Пустец, кога беше поставено бугарското знаме. Иако акцијата има хуманитарна цел, некои од жителите на Пустец изјавија за медиумите дека поставувањето на бугарското знаме на работната маса во амбулантата изгледа како политичка порака и нескриена бугарска пропаганда
Припадниците на македонскиот народ во Република Албанија, односно нашето малцинство таму, веќе подолг период се предмет на обиди за асимилација од страна на Република Бугарија и нејзините државни институции, а во целиот процес се вклучени и одредени приватни фондации и здруженија. Претставниците на Македонците во Албанија досега неколкупати укажаа на контроверзните активности од бугарска страна, притоа и протестираа кај албанските институции нагласувајќи дека станува збор за мешање во внатрешните работи кај нашиот сосед. Македонските здруженија и организации досега јасно посочија на бугарските замешателства при последниот попис во Република Албанија, кога имаше обид за вештачки инженеринг на непостојно бугарско малцинство.
И покрај постојаните укажувања на Македонците, бугарските провокации и контроверзни активности не престануваат. Последен пример е настанот што се случи во петокот при прегледи од страна на бугарски лекари во државната амбуланта во Пустец, кога беше поставено бугарското знаме. Иако акцијата има хуманитарна цел, некои од жителите на Пустец изјавија за медиумите дека поставувањето на бугарското знаме на работната маса во амбулантата изгледа како политичка порака и нескриена бугарска пропаганда.
За целиот настан со промптна и силна реакција излезе македонското друштво „Илинден“-Тирана, кое ги осуди бугарските злоупотреби. Според друштвото, станува збор за преседан бидејќи амбулантата е албанска државна институција сместена во област во која живеат исклучиво припадници на македонскиот народ, кој е признаен како национално малцинство од Република Албанија.

– Секому му е јасно дека бугарската држава со години врши невиден притисок врз Македонците во Република Албанија. И на Македонците низ цела Република Албанија им е јасно дека акцијата за бесплатни прегледи треба да биде дополнителна мамка за населението во областа Преспа за негово изјаснување како Бугари – се наведува во реакцијата на македонското друштво „Илинден“-Тирана.
Македонското друштво „Илинден“-Тирана исто така изрази жалење што највисоките личности на албанската држава дозволуваат да бидат уценувани од бугарските политички лица на сметка на Македонците во Република Албанија и што потклекнуваат пред тие уцени. Притоа, цената на уцените од Софија врз политичкиот врв на нашата држава ја плаќа македонското население, како што се наведува во реакцијата.
– Македонското друштво „Илинден“-Тирана ги повикува албанските и европските институции да се позанимаваат со суровото и бескрупулозно нафрлање на бугарските емисари врз Македонците во Република Албанија. Напоменуваме дека досегашното нереагирање од страна на државните институции за заштита на сопствените државјани доведе до крајно дрски и насилнички атаки врз Македонците во Република Албанија – се наведува во соопштението на „Илинден“–Тирана, кое е потпишано од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај.
Според добро информирани лица, безволноста на албанските институции е условена од уцените од страна на Софија во однос на приемот на Албанија во Европската Унија. Албанските политичари се свесни за контроверзните активности на бугарските државни институции и приватни фондации, но не сакаат да го загрозат приемот во ЕУ со бугарско вето, како што е нашиот пример.
– Нештата ќе се променат по влегувањето на Република Албанија во Европската Унија бидејќи Софија повеќе нема да може да врши притисок врз Тирана, а Албанија како држава ќе мора да ги почитува малцинските права на македонскиот народ – заклучуваат нашите соговорници.
Сѐ до влегувањето на Република Албанија во Европската Унија, бугарските контроверзни замешателства нема да престанат.
– Оттука потребна е проактивност од страна на македонските државни институции, но и од сите македонски здруженија и организации во Албанија, молчењето е одобрување- велат добро информирани лица.
Припадниците на македонскиот народ во Албанија постојано ги актуализираат негативните политики на Софија кон нив. Досега повеќепати беше укажано дека Бугарија преку своите државни институции, но и одредени приватни бугарски фондации и друштва, под изговор дека се грижи за бугарската заедница кај нашиот западен сосед, всушност спроведува асимилација на македонското малцинство. Д.Ст.