Фото: „Нова Македонија“

Иако не станува збор за официјална српска државна политика, туку за изблици на апсурден шовинизам, повремено во српскиот медиумски простор се појавува екстремна реторика, која е забележана и треба да биде осудена. Охрабрувачки е фактот дека мнозинството од српските граѓани не се согласуваат со овие негирања, што е основа за зачувување на добрите односи меѓу македонскиот и српскиот народ

Рециклирање на шовинистичките тези во одредени медиуми во Србија насочени кон Македонија

И покрај добрите политички и економски односи меѓу Македонија и Србија, сепак сѐ уште опстојува одредена српска националистичка реторика кон македонскиот народ во дел од медиумите кај нашиот северен сосед. Последен ваков пример е и искажувањето на Миломир Степиќ, српски географ и геополитички научник, според кого, „во македонската држава имало процес на етнички инженеринг што го именува како македонизација на домородното српско население“. Оваа националистичка реторика е апсурдна и нема никаква поврзаност со реалноста, но сепак, од одредени кругови упорно се фингираат и ретушираат историските факти. Притоа мора да се нагласи дека пошироката српска јавност не ги споделува овие шовинистички и антиисториски тврдења, но упорноста на некои опскурни центри во Србија, сепак опстојува.

Процес на постепено, но сигурно исчезнување на шовинизмот и иредентизмот од српска страна

Неколку показатели потврдуваат дека односите меѓу Македонија и Србија се исклучително стабилни и пријателски, без отворени билатерални спорови. Македонската и српската влада редовно разменуваат посети на највисоко ниво, а политичките лидери од двете страни на границата го нагласуваат и заедничкиот интерес во процесот на евроинтеграциите и регионалната безбедност. Овие политики позитивно се одразуваат и врз економските односи, а оттука Србија е еден од најголемите трговски партнери на Македонија, со континуиран раст на обемот на меѓусебна трговија. Српските инвестиции во македонската држава се концентрирани во телекомуникациите или прехранбената индустрија, а македонски компании инвестираат во градежни проекти или малопродажбата во Србија. Позитивните односи меѓу двете држави неодамна беа нагласени и од страна на српскиот историчар Дејан Антиќ, професор на Филозофскиот факултет во Ниш, според кого, тие се карактеризираат со длабоко вкоренето пријателство, а економијата и образованието се две клучни насоки на идната соработка.
Постои општа согласност дека добрите македонско-српски односи се должат на постепеното, но сигурно исчезнување на шовинизмот и иредентизмот од српска страна, што е особено видливо од официјалните српски политики кон македонските национални особености – јазик, историја или култура, како и односот кон македонското малцинство што живее во Србија.
– Досегашната официјална српска политика кон македонската држава и македонската нација не е националистички обременета, оттука реториката на властите во Белград не се карактеризира со негирање на македонскиот народ, македонскиот јазик или македонската историја. Србија како држава одамна ја прифати реалноста дека на југ се граничи со Македонија, која е независна и самостојна држава, во која живее македонскиот народ, кој има сопствени особености. Оваа поставеност позитивно се одразува врз односите меѓу двата народа и двете држави – велат нашите соговорници.

Апсурдноста на рециклирањето на тезите на српскиот
хегемонизам на некои аналитичари од Србија

И покрај добрите политички и економски односи меѓу двете држави, сепак постои одредена српска националистичка реторика кон македонскиот народ, неговата државност и кон неговата историја. Не смееме да забораваме дека српското признавање на македонската нација кај одредени српски групации се восприема како отстапување од старосрпските земји кон Македонија, а одредени современи српски историчари и аналитичари како Милан Протиќ ги оспоруваат нејзината автентичност и корени.
Последен ваков пример е и искажувањето на Миломир Степиќ, српски географ и геополитички научник, според кого, „обединувањето, или поточно формирањето на државната, политичката македонска нација, не успеало и по секоја веројатност нема да успее“, како и дека регионалниот топоним Македонија беше проширен „длабоко во историско-географската област на Стара Србија, вклучувајќи го и српскиот царски главен град, Скопје“. Степиќ исто така вели дека во македонската држава имало процес на етноинженерство, односно „македонизација на домородното српско население“.
– Оваа српска националистичка реторика и негирање на македонската нација не треба да нѐ зачудуваат бидејќи има длабоки корени во историјата, односно во доцниот 19 век и почетокот на 20 век кога Србија како држава ги определуваше Македонците како јужни Срби, оттука ова националистичко наследство во денешницата се оформи како тврдење за братски словенски народ без одделен македонски национален идентитет – велат нашите соговорници.
Во суштина негирањето на македонската нација, односно македонските национални особености како што е македонскиот јазик или македонската историја се составен дел од поширокиот српски радикален националистички дискурс, кој е опседнат со чисти српски етнички граници, како и во синтезата на српските националистички митови и модерните теории на конспирација. Оттука и се говори за „историските вистини“, кои се прикриени од геостратешки одлуки, велат добро упатени лица за оваа проблематика.
– Оваа српска екстремна реторика нема ништо заедничко со реалноста. Притоа не смееме да забораваме дека не станува збор за официјална српска државна политика, туку за изблици на апсурден шовинизам и иредентизам. Српските негирања на македонските национални особености се чувствителна тема кај пошироката македонска јавност, но охрабрувачки е фактот дека мнозинството од српските граѓани не се согласуваат со овие негирања, што е основа за зачувување на добрите односи меѓу македонскиот и српскиот народ – заклучуваат нашите соговорници.