Карикатура: Нова Македонија

Петиција до Брисел за оставка на претседателката на европската влада, Урсула фон дер Лајен

  • Европската Унија во овој момент сѐ повеќе наликува на „сосила набрекнат балон“ во кој продолжува и натаму да се зголемува „притисокот“ (политичкиот, економскиот, безбедносниот, па и психолошкиот), односно незадоволството од потезите што ги влечат претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, еврокомесарките Каја Калас и Марта Кос, како и други одделни еврофункционери
  • Швајцарскиот политички магазин „Велтвохе“ пишува дека во европските дипломатски кругови сè повеќе се зборува оти високи функционери на ЕУ ја сметаат Урсула фон дер Лајен за „токсична“, а нејзиното присуство во раководството на ЕУ за – штетно. Имено, низ европските држави во овој момент се потпишува и интернет-петиција против Урсула фон дер Лајен, со која се бара нејзина оставка. Досега има 113 илјади и 204 потписи на петицијата, која ја почна МеРА25 (Европски реалистичен фронт за непослушност), грчка политичка партија, чиј основач и генерален секретар е Јанис Варуфакис, поранешен пратеник на СИРИЗА и грчки министер за финансии. MeРА25 е дел од „Движењето за демократија во Европа 2025“ (ДиЕМ25)

„Рибата смрди од главата“, а главата на ЕУ е Урсула фон дер Лајен! Нејзината оставка би откочила многу работи.“, нагласува новинарот Филип Гут во својата анализа со наслов „Токсична женственост на врвот на ЕУ: Урсула фон дер Лајен станува товар. Дипломатите бараат нејзино заминување“, која е објавена на 26 април 2025 година.
„Нова Македонија“ ги пренесува констатациите во „Велтвохе“, напишани од аналитичарот Филип Гут во оваа анализа, чија основна порака е дека забрзано се зголемува бројот на оние што аргументирано негодуваат на политиките на Урсула фон дер Лајен, при што „сакаат да ја видат на маса нејзината оставка“.
– Политиката на ЕУ е во криза. Внатре во ЕУ се случуваат неединство, поделба, постојано вознемирување на земја членка како Унгарија, која инсистира на својот суверенитет и своите демократски права на учество. Џорџа Мелони се одвојува од анти-Трамп формацијата во ЕУ. Има проблеми и со тврдоглавата Швајцарија. Рибата смрди, како што вели поговорката, од главата. Главата на ЕУ е олицетворена во претседателката на комисијата, Фон дер Лајен. Кога Трамп вели „договор“, Урсула фон дер Лајен вели „нема договор“. Во мировниот процес за Украина ЕУ се исклучува самата себеси – пишува Гут во „Ветлвохе“.
Според анализата, „целата работа има историја што не зборува за дипломатските вештини на Фон дер Лајен или за нејзиниот државнички статус“.
– Таа се мешаше во изборната кампања во САД и решително застана на страната на Бајден. Сега се соочува со последици поради ова. Не можат да се заборават потезите на Лајен во врска со набавката на вакцини против ковид-19 и одбивањето да се обезбеди транспарентност за заткулисните зделки. ЕУ е во жално лоша состојба. Во секоја нормална држава, прашањето би било дали раководството сè уште е вистинското. Но ЕУ не е држава, а секако не е нормална. Сепак, во дипломатските кругови се вели дека високите функционери на ЕУ сè повеќе ја сметаат Фон дер Лајен за „токсична“. Нејзината оставка може да откочи многу работи. Промената на врвот барем би ѝ дала шанса на европската политика да стане поразновидна и повторно отворена – кон Западот и Истокот – заклучува Гуте во својата анализа.
Сериозни аргументи во петицијата до Европскиот совет за оставка на претседателката на Европската комисија (ЕК)

Во петицијата за оставка на Урсула фон дер Лајен, која се потпишува моментно на интернет и преку Фејсбук и другите општествени мрежи низ Европа, веќе има 113 илјади и 204 потписи. Ја почна МеРА25 („MeRa25) – Европскиот реалистичен фронт за непослушност и радикални промени, левичарската европска и грчка политичка партија, чиј основач и генерален секретар е Јанис Варуфакис, кој е поранешен пратеник на СИРИЗА и грчки министер за финансии. МеРА25 е дел од „Движењето за демократија во Европа 2025“ („ДиЕМ25)“. Во петицијата, која е упатена до Европскиот совет, Европскиот парламент и до граѓаните на Европската Унија, се наведува дека „постапките на Урсула фон дер Лајен се некомпатибилни со принципите и законите на Европската Унија и поради тоа е потребна нејзина итна оставка“.
– Одговарајќи на кризата во Израел и Палестина, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја прекрши правната рамка на Европската Унија и ја запостави основната морална пристојност. Иако ги осудува нападите врз цивилите во Израел, таа ја поддржа изолацијата на цивилите во Газа без вода, храна и електрична енергија, го поддржа и бомбардирањето на луѓето во Газа под маската на „одбрана“. Оваа еднострана акција ги игнорира меѓународното право и демократскиот мандат на земјите членки на ЕУ. Со ова Урсула фон дер Лајен не ги почитува и не ги применува меѓународното право, демократскиот мандат на земјите членки на ЕУ, соодветното етичко однесување, потребната дипломатска разумност. Со оглед на ова, оние што ја почнаа петицијата и потписниците бараат итна оставка на Лајен – се изнесува во текстот на петицијата.
Натаму, се нагласува дека „Урсула фон дер Лајен го поткопува моралниот авторитет на ЕУ, презема проблематични активности и зазема едностран став, за што нема мандат“. Во споменатата петиција се истакнува уште и следното:
„Ставот на претседателката Лајен кон Израел е во остра спротивност со нејзината осуда на слични акции во минатото, како што е онаа на Русија против цивилната инфраструктура во Украина, што таа ги опиша како воени злосторства. Лајен ги заобиколува институционалните процеси. Нејзините активности не само што го заобиколија Европскиот совет туку и ја запоставија поделбата на властите во рамките на ЕУ, според која, надворешната политика не ја одредува Европската комисија“.
Оние што ја почнаа петицијата и потписниците на крајот порачуваат: „Како одговор на пречекорувањето на нејзините овластувања и непочитувањето на основните принципи на човековите права и демократијата, ја повикуваме Урсула фон дер Лајен веднаш да поднесе оставка од својата позиција како претседател на Европската комисија. Ако таа одбие да го стори тоа, ја повикуваме германската влада да ја повлече од функцијата комесар. Ги повикуваме граѓаните и институциите на ЕУ да се залагаат за вредностите што нè поврзуваат како заедница и да се обидат да го вратат моралниот авторитет на Европската Унија на меѓународната сцена. Меѓународното право мора да важи за сите. Ако не се применува еднакво насекаде, нема никаква вредност“.