Официјална Приштина повеќепати се мешаше во внатрешните работи и во политичкиот живот на Македонија. А дали ќе продолжи на истиот начин и со истиот премиер – Албин Курти, ќе зависи од резултатите од парламентарните избори во Косово, одржани вчера, на 9 февруари 2025 година, и од фактот каков резултат ќе постигнат Курти и неговата партија Ветвендосје
Обиди од Приштина за наметнување сеалбански лидер
Косовскиот премиер Албин Курти, користејќи ја својата партија Ветвендосје, гради своја „паналбаносфера“ во Македонија и пошироко во Балканот, во функција и на своите мегаломански политички амбиции да стане „сеалбански политички лидер“ на Албанците во регионот. Тој се мешаше повеќепати во внатрешните работи и во политичкиот живот на Македонија, врз која остварува одреден импакт, а и директно влијание преку добропознатите политички лидери, до скоро во опозиција, па сега некои од нив и членови на македонската влада. Но дали ќе продолжи Албин Курти да ја гради својата „албаносфера“ како „сеалбански лидер“ во Балканот ќе зависи многу и од резултатите од парламентарните избори на 9 февруари 2025 година, каков резултат ќе постигнат тој и неговата партија Ветвендосје.
Неприфатливи изјави за македонскиот народ од страна на Беким Ќоку, советникот на Курти
Тешко е да се коегзистира со народ што не сака да се интегрира во ЕУ, толку тешко што Господ нѐ осуди да живееме со нив, ова го изјави пред неколку дена Беким Ќоку, политички советник за Македонија на Албин Курти, до моментот на одржувањето на вчерашните парламентарни избори за премиер на Косово, како и лидер на партијата Ветвендосје. Ќоку е и официјален претставник на оваа косовска партија за Македонија, но и пратеник во македонското собрание од редовите на коалицијата Вреди. Истапувајќи во емисијата „Уан тајм“ на ТВ Коха со ваквиот скандалозен и неприфатлив став, Ќоку не уточни со кој „народ е толку тешко да се живее“, кој „тврдоглаво“ „не сака да влезе во ЕУ“, но од контекстот и смислата на кажаното, сосема е јасно оти тој мисли директно на македонскиот народ во Република Македонија.
Политичката тежина на овој став на Ќоку е дотолку поголема кога ќе се има предвид фактот што тој, како пратеник во Собранието на Република Македонија, прима плата за својата пратеничка функција: изнесува во јавноста квалификации на политички и етнички омаловажувања на народот македонски, кој го плаќа за „водењето“ ваква „политика“, која има призвук и на етничка нетрпеливост кон Македонците, дека е „толку тешко да се живее со нив“!
Имајќи предвид дека му е политички советник на Курти и претставник на косовската партија Ветвендосје, дури и како нејзин пратеник во македонскиот законодавен дом, се наметнува многу сериозно прашање: дали ставот на Беким Ќоку е и официјален став на косовската политика или само негова „индивидуална зборовна екскурзија“?!
Веќе во натамошните искажувања во интервјуто за емисијата „Уан тајм“, кои ги пренесе информативната агенција на албански јазик „Илирија-ИНА“, Беким Ќоку сосема отворено се искажа дека сѐ што зборувал се однесува на „македонската страна“. Притоа овој македонско-косовски политички експонент си дозволи и да ги повика сите албански партии во Македонија на „широко единство“, за да може преку условувања, па дури и своевидни заканувања, да бидат конечно изнудени уставните измени од ВМРО-ДПМНЕ како владејачка македонска партија.
Повикот на Ќоку за „широко единство на сите албански партии“
Албанците можат да ја условуваат ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени, но за тоа е потребно широко единство на сите партии. Тоа мора да се направи, ако македонската страна не размисли за нашите барања, изјави Ќоку.
Особено е проблематична неговата најава дека косовската партија Ветвендосје ќе отвори „партија во Македонија“. Всушност, тоа значи најава дека Ветвендосје ќе отвори своја „политичка филијала“ во Македонија, но прашањето е: со каква цел и со какви политички заложби ќе го стори тоа партијата на Курти, чие име на македонски јазик значи „самоопределување“?! Дали Курти и неговиот политички советник Ќоку можеби најавуваат дека ќе го поттикнуваат „самоопределувањето“ на Албанците во Македонија“? Можеби поврзано и со активирање на „титулата“ „премиер на сите Албанци во Балканот“, што му ја „даде“ во 2024 година Билал Касами, лидерот на Беса, градоначалник на Тетово и негов близок соработник?!
Пренесувајќи го искажувањето на Ќоку во „Уан тајм“ на ТВ Коха околу префрлањето на политичките активности на партијата на неговиот политички шеф Курти во Македонија, информативната агенција ИНА уште наведе: „Пратеникот на Ветвендосје во С. Македонија, Беким Ќоку, во таа емисија напомена дека Ветвендосје ќе отвори политички субјект во С. Македонија кога ќе види дека е структуриран низ целата земја. Ќоку рече дека Ветвендосје нема заземено никаква позиција во извршната власт и оти не планира да се кандидира во ниту една општина на локалните избори, кои се очекува да се одржат кон крајот на 2025 година“.
Политичко подготвување на теренот?!
Не може, а да не издвоиме во овие редови предупредување до јавноста дека со своето поведение Беким Ќоку ги премина „црвените линии“ кога преку своја објава на социјалните мрежи ги промовираше најдиректно идеологијата и амбициите за територијално прекројување на Македонија од позиции на „голема Албанија“. Тој го прогласи западниот дел на Македонија „од Тетово и Струга“ како „дел на албанските територии заедно со Призрен и Пеќ, Приштина и Тирана“!
– Од секој агол на албанските територии, од Струга и Тетово, Призрен и Пеќ, Приштина и Тирана се собраа во Призрен, за да го доживеат ентузијазмот на самоопределувачите (членови на партијата Ветвендосје – Самоопределување), кои на 9 февруари на чело со Албин Курти ќе ја испишат најголемата победа досега… – имаше објавено Ќоку на својот фејсбук-профил, неколку дена пред одржувањето на парламентарните избори на Косово.
Се наметнува и едно друго прашање: дали споменатото интервју и ставовите на Беким Ќоку можеби претставуваат „политичко подготвување на теренот“, своевидна медиумска претходница и најава на дејствувањето на Албин Курти и неговата партија Ветвендосје, кои ќе следуваат во Македонија во претстојниов период, особено ако победат на парламентарните избори во Косово? Курти е веќе во „блиска врска“ со некои од врвните лидери на коалицијата Вреди, која, пак, партиципира во Владата на Македонија. Не е непознаница дека преку нив Албин Курти веќе се обидува да оствари одредено позначително влијание врз политичките процеси во македонската држава. Тоа влијание директно од неговите сонародници и политички противници од Косово, како и од тамошни политички и други експерти, е оценето како „безобразно мешање во внатрешните работи на Македонија“.
Градењето на култот како „регионален албански лидер“ во ликот на Курти беше менаџирано од надворешни центри на моќ, но тоа повеќе не е така
Како резултат на таа негова амбиција и желба Курти ги мобилизирал неговата организација, неговите луѓе, неговата партија Ветвендосје, настојувајќи да се вклучи во изборниот процес во Македонија, укажа Љатифи во едно издание на емисијата „Пресинг“ на Т7 од минатата година.
Но и во нашиот весник „Нова Македонија“ во анализата со наслов „Кој и зошто во личноста на Албин Курти гради нова релевантна фигура со регионален политички габарит?“, објавена уште на 20 август лани, беа изнесени не случајно серија предупредувања во врска со пошироките балкански амбиции на Албин Курти да премине во улога на „сеалбански политички лидер“ на Албанците.
Однесувањето на актуелниот косовски премиер Албин Курти е во рамките на специфични, педантно испланирани, целисходни стратегии од одреден центар на моќ, вештачки да се изгради и издигне култ на лидер, кој (фингирано) божем ќе им пркоси на сите што ги загрозуваат албанските интереси (и во Косово, но и во регионот). Таквиот пристап и сценарија однадвор ќе искреираат од Албин Курти сеалбански лидер во еден поширок регионален контекст. Тоа ќе им овозможи на центрите што го градат овој негов имиџ полесно политички да се справуваат со албанското прашање во Балканот, но и да управуваат со албанските стремежи во поширок контекст. Притоа, тие центри „би ја имале контролата спроведувајќи ги сопствените стратегии преку еден човек (во случајов Курти) наместо да се договараат со повеќемина. Намерата е од Курти да се направи култен лидер меѓу Албанците пошироко, за што му беше дадено зелено светло да отвори свои политички филијали на движењето Самоопределување и во Албанија, но и во Македонија, беше истакнато во оваа анализа во нашиот весник.
Сепак, дали ќе продолжи Албин Курти да ја гради својата „албаносфера“ и во Македонија како „сеалбански лидер“ во Балканот ќе зависи многу и од резултатите од парламентарните избори на 9 февруари 2025 година, односно од тоа каков резултат ќе постигнат тој и неговата партија Ветвендосје. Р.Н.М.
Граѓаните Албанци во Македонија веќе покажуваат заситеност од неперспективните „сеалбански амбиции“ и „подлите мешања во внатрешните работи на Македонија“!
На 8 јануари 2025 година, Кренар Џафери, висок функционер на Демократскиот сојуз во Косово и член на Генералниот совет на оваа партија, го нападна остро Курти дека се меша во внатрешните работи и на Република Македонија, создавајќи „политичка партија во оваа соседна држава“ и „водејќи политика на поделба“.
– Наместо да промовира обединување меѓу нив, Албин Курти создаде политички партии во Албанија, Црна Гора и С.Македонија, водејќи политика на поделби меѓу нив. Дух на поделби го карактеризира Албин Курти, а не дух на обединување – имаше порачано Кренар Џафери, како што пренесе ТВ Клан Македонија.
На 18 април 2024 година, на прагот на парламентарните избори во Македонија, Илир Мирена, политички аналитичар и извршен директор на информативниот портал „Перископи“ од Приштина, се огласи со остар напад кон Ветвендосје, велејќи оти оваа косовска партија „продава патриотизам“ во Македонија.
– Ветвендосје се обидува да продава патриотизам и да собере гласови во С. Македонија, напаѓајќи го претседателскиот кандидат на Европскиот фронт, Бујар Османи. Која политичка партија од Косово ги донесе своите главни експоненти за да ги шета низ улиците на Скопје и Куманово, во Македонија за време на кампањата? – укажа Мирена тогаш.
Валон Сила, политички аналитичар и извршен директор на медиумската групација „Метро медиа груп“ и на информативниот портал „Газета метро“, исто така лани во април изнесе став во јавноста дека е „срамота што Ветвендосје влијае врз изборите во Македонија, создавајќи слика дека Косово директно влијае врз изборниот процес“.
– Во Македонија имаме премиер Албанец, но исто така и премиерот Албанец од Косово, Албин Курти, им се меша во овие избори на Албанците. Министерот на косовската влада, Либурн Алиу, претседателот на косовскиот парламент, Глаук Коњуфца, и Албулена Хаџиу, сите од Косово и високи функционери на Ветвендосје, прават кампања во Македонија. Ова е глупост – нагласи тогаш Валон Сила.
Д-р Дукаѓин Горани, социолог, медиумски експерт и извршен директор на истражувачката организација „Либерален демократски центар“ од Приштина, изреагира минатата година со невидена жестина поради вклучувањето на Курти и Ветвендосје во изборите во Македонија. Во една емисија на Т 7 Горани имаше изјавено: „Албин Курти се меша во изборите во Македонија само за да си го зголеми својот профил за парламентарните избори, кои ќе се одржат во Косово. Тој оди и се меша во внатрешните работи на соседните држави. Се мешаме во Македонија и истовремено инсистираме да нема мешање внатре во нашата суверена сфера. Тоа е најголема подлост и најголемо безобразие, какви што не сум видел досега. Вклучувањето на Косово и Владата на Курти во изборите во Македонија е злонамерно, тоа е ужасно. Станува збор за партиска агенда“.
Сепак, веројатно главната политичка амбиција на „сеалбанскиот премиер“ Албин Курти ја „соголи“ д-р Блерим Љатифи, професор по политичка филозофија во Приштинскиот универзитет, директно обвинувајќи го Курти дека „има амбиција да стане лидер на албаносферата во Балканот и оти поради тоа ја мобилизира својата партија Ветвендосје. Косово се вовлекува на директен начин, отворено во изборните процеси кај Албанците, кои се одвиваат во друга држава. Ова е лична амбиција на Курти да го промени својот политички профил и да стане албански лидер со регионално влијание. Нему не му е доволно Косово, па сега има желба да биде и лидер во една, условно кажано албаносфера“. Р.Н.М.