Повод: Иницијатива за референдум за излез на Шпанија од Северноатлантската алијанса
- Иницијативата на шпанската политичка партија Подемос отвора стара дебата во шпанската политика, но реалната политичка тежина и меѓународниот контекст сугерираат дека сценариото за напуштање на Алијансата засега нема висок степен на веројатност, додека сѐ погласните иницијативи и аргументи оставаат простор за анализа на ова прашање
Повикот на шпанската левичарска партија Подемос за одржување референдум за излез на Шпанија од НАТО не е изолиран политички став, туку дел од подолгата традиција на анти-НАТО позиции во шпанската левица. Изјавата на нивниот портпарол Пабло Фернандез доаѓа во момент на зголемени геополитички тензии и поларизирана европска дебата околу улогата на Алијансата, и на Мадрид со Вашингтон како носител на Алијансата, во врска со војната во Иран. Сепак, прашањето е колку оваа иницијатива има реална политичка тежина и дали навистина може да доведе до институционален процес за напуштање на НАТО?
Која е политичката тежина на Подемос во современа Шпанија?
Кога се појави во 2014 година, партијата Подемос брзо стана силен политички актер на шпанската политичка сцена, капитализирајќи го незадоволството од економската криза и политичкиот естаблишмент. Таа партија дури влезе и во владејачката коалиција со Шпанската работничка социјалистичка партија на премиерот Педро Санчез. Но денес политичката ситуација е поинаква. Подемос има значително намалено влијание по внатрешните поделби и појавата на нови левичарски платформи како на пример Сумар. На последните избори партијата освои значително помал број пратеници отколку во својата кулминација од пред повеќе години. Според наш соговорник, дипломат, кој многу добро ги познава околностите на Пиринејскиот Полуостров, иако иницијативата во левичарските партии не е нова, во овој момент Подемос нема сила политички да изнесе вакво нешто.
– Подемос нема доволна парламентарна сила самостојно да иницира референдум. Сега партијата нема директна улога во актуелната владина структура каква што имаше во претходниот мандат. Клучните одлуки за надворешната политика ги носи владата предводена од социјалистите и оттаму, иницијативата повеќе претставува политичка порака до левото гласачко тело отколку непосреден политички процес – вели нашиот соговорник, дипломат од кариера.
Реалната позиција на шпанската влада кон НАТО
Шпанската влада на Педро Санчез во последните години ја зацврсти позицијата на Шпанија во НАТО. Земјата беше домаќин на самитот на НАТО во Мадрид во 2022 година, на кој се донесоа клучни одлуки за зајакнување на источниот и јужниот фронт на Алијансата, истакнува нашиот соговорник.
– Шпанија исто така учествува во НАТО-мисии во Источна Европа и засега е респектабилен логистички центар за операциите во Медитеранот. Во таков контекст, иницирањето референдум за напуштање на Алијансата би значело радикална промена на стратегиската ориентација на државата, нешто за што во моментот нема политички консензус – тврди дипломатот.
Но интересен факт за издвојување е што Шпанија веќе еднаш имала референдум за членството во НАТО. Во 1986 година, владата на Фелипе Гонзалез организираше гласање за останување во Алијансата, при што тогаш 56 отсто од гласачите се изјаснија за останување, прашањето беше силно политизирано, а шпанската левица тогаш беше длабоко поделена. Овој историски факт покажува дека дебатата за НАТО е дел од шпанската политичка традиција, но исто така и дека мнозинството гласачи во минатото ја поддржале Алијансата.
Францускиот пример: сличности и клучни разлики на односот на Мадрид и Париз кон НАТО
Често се прави споредба со одлуката на Шарл де Гол во 1966 година Франција да се повлече од интегрираната воена команда на НАТО. Според нашиот соговорник, ако се прави паралела меѓу овие две соседни земји и односот кон Алијансата, тогаш треба да се истакне дека околностите биле значително различни.
– Имено, Франција тогаш имаше силна и независна нуклеарна стратегија, водеше политика на „стратешка автономија“, беше управувана од силен претседателски систем. И да истакнам дека Франција не ја напушти целосно Алијансата, туку само воената структура. Подоцна, во 2009 година, под претседателството на Никола Саркози, Франција повторно се врати во интегрираната команда – вели нашиот соговорник.
Осврнувајќи се споредбено во истиот контекст на Шпанија, тој истакнува дека Шпанија денес нема нуклеарна стратегиска автономија, дека се препознава дека е силно интегрирана во европските безбедносни структури, а дека е многу геостратешки важна за операциите во Медитеранот и Атлантикот, додавајќи дека американските воени бази во Шпанија, особено во Рота и Морон, се клучни за операциите во јужниот дел на Алијансата. Затоа споредбата со францускиот пример е повеќе симболична отколку реална, тврди нашиот соговорник.
Иницијативата е повеќе мобилизација на антивоено гласачко тело во Шпанија
– Иницијативата на Подемос за референдум за излез од НАТО повеќе треба да се чита како дел од поширока политичка стратегија за мобилизација на левото и антивоено гласачко тело. Во сегашната политичка конфигурација во Шпанија партијата Подемос нема доволна институционална моќ, а шпанската влада нема интерес да отвори вакво прашање, додека меѓународните околности одат во спротивна насока. Затоа, иако темата повремено ќе се враќа во јавниот дискурс, реалната веројатност Шпанија да организира референдум за напуштање на НАТО во блиска иднина останува многу мала – со голема доза увереност тврди нашиот соговорник, искусен дипломат од кариера. Р.С.
Шпанската иницијатива за излез од НАТО како дел од поширок политички тренд
Се раѓа ли во Европа еден анти-НАТО бран?
- Од Шпанија до Франција и Италија, дел од европската левица повторно ја отвора дебатата за улогата на НАТО, но засега без реален капацитет да ја промени безбедносната архитектура на Стариот Континент
Повикот на шпанската левичарска партија Подемос одекна гласно, но сѐ уште тој глас не е воопшто силен ниту заглушувачки. Но интересно е што тој глас не е изолиран политички феномен. Во последните години, особено по зголемувањето на глобалните геополитички тензии, во неколку европски земји повторно се отвора дебатата за односот кон Алијансата. Оваа дебата најчесто доаѓа од антивоените структури во Европа, кои го критикуваат агресивниот НАТО-карактер како фактор што ја милитаризира европската надворешна политика, а особено непотребното ширење кон исток и кршење договори што направија баланс помеѓу Западот и Истокот на Европа. Во таа смисла, во продолжение, потсетување на некои факти што идентификуваат традиционална присутна критика кон воено-експанзионистичкиот карактер на Алијансата, поттикнат од либералните елити и нивната идеологија, кои всушност се и на кормилото на оваа организација.
1. Франција: Традиционален скептицизам кон НАТО
Во Франција постои долга традиција на скептицизам кон НАТО, која потекнува уште од времето на Шарл де Гол. Во 1966 година, Франција ја напушти интегрираната воена команда на Алијансата, со цел да ја зачува својата стратешка автономија и независност во одбранбената политика. Земјата сепак остана политички член на НАТО и продолжи да соработува со западните сојузници. Оваа политика беше ревидирана дури во 2009 година кога претседателот Никола Саркози одлучи Франција повторно целосно да се врати во воената структура на Алијансата. За издвојување е дека и денес, добар дел од француската левица, особено движењето на Жан-Лук Меланшон повремено предлага напуштање на НАТО, француската држава останува на линијата на безбедносниот систем на Алијансата, но со идеи со сѐ уште актуелниот претседател Макрон, за „стратешка автономија на Европа“ и за поголема интероперабилност на членките на НАТО од Европа со постепена дистанца од Вашингтон.
2. Италија и Германија: Критика без стратегиска алтернатива
Слични политички позиции се појавуваат и во други европски земји. На пример, во Италија дел од левицата, но и други партии повремено ја критикуваат улогата на НАТО, но владините коалиции – без разлика дали се леви или десни, остануваат цврсто на ставот да се остане во рамките на Алијансата.
Во Германија, пак, Левицата традиционално се залага за распуштање на НАТО и за создавање нов европски безбедносен систем. Сепак, оваа позиција нема значително влијание врз германската надворешна политика, која сѐ уште останува силно проатлантска.
Зошто анти-НАТО позициите имаат ограничено влијание?
И покрај повремените политички иницијативи, постојат неколку структурни причини поради кои излегувањето на европска држава од НАТО е малку веројатно. Зошто? Висок поранешен офицер, школуван во НАТО-структурите, сега пензионер ни образложува неколку точки во врска со ова прашање.
– Прво, тоа е „безбедносната зависност на Европа“. Имено, по завршувањето на Студената војна, европските армии значително ги намалија своите капацитети но, со интегритетот на заедничката структура, како што е Алијансата, денес НАТО претставува главниот столб на таканаречената колективна одбрана. И затоа, НАТО е фактор што националните влади не можат тукутака да го игнорираат.
Второ, интеграцијата со Европската Унија. Поедноставно кажано, безбедносните политики на ЕУ се тесно поврзани со Алијансата. Повеќето европски мисии и одбранбени стратегии се координирани со НАТО.
И трето, тоа е геополитичката нестабилност. Во услови на растечки глобални тензии, европските влади генерално гледаат кон зајакнување, а не кон слабеење на безбедносните сојузи – вели тој. Р.С.
Дали е можен „ефект на ширење на концентрични кругови за несогласувањето со НАТО“?
Иако повремено се зборува за можен „ефект на концентрични кругови“ или „ефект на домино“ во НАТО, реалноста е малку различна. НАТО се обидува да се реструктурира, да се трансформира. Точно е дека одвреме-навреме иницијативи како онаа на шпанската Подемос се дел од политичката дебата, се зајакнуваат или ослабуваат, но не се и показател за тешка и радикална системска промена во европската безбедносна архитектура. Дебатата за напуштање на НАТО во Европа денес повеќе функционира како симболична политичка позиција отколку како реална стратегија, која сѐ уште ја нема. А без широка политичка коалиција и силна јавна поддршка за длабока реформска промена на Алијансата, ваквите иницијативи остануваат повеќе како „ластовички што ја најавуваат пролетта“. А пролетта, според дел од нашите соговорници, кога-тогаш ќе дојде. Р.С.
































