Дописот од Советот на Европа за активирање на хашките случаи (со укинување на автентичното толкување), во Македонија доаѓа во особено сензитивен политички и предизборен миг, па логично се поставува прашањето како овој предизвик на меѓународното право би влијаел на исходот на мајските избори
Хашките случаи – дополнително политичко бранување пред мајските избори
Како што веќе информиравме деновиве, дописот за повторно отворање на хашките случаи, вклучувајќи и за преиспитување на Законот за амнестија, кој на 15 јануари бил испратен до владата на Димитар Ковачевски, потпишан од комесарката за човекови права при Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, според експертите, очигледно е дека ќе има големо влијание врз претстојните избори пролетва во Македонија. Суштината на пораката на комесарката за човекови права, испратена и до другите премиери на земјите членки на Советот на Европа во регионот на поранешна Југославија (кои се објавени интегрално на интернет-страницата на Советот на Европа), е да се преземат конкретни чекори за справување со насилното минато и поодлучно движење кон социјална кохезија, правда и помирување. Мијатовиќ ги нагласува клучните чекори што треба да се преземат, а кои ќе го подобрат почитувањето на правата на жртвите и ќе промовираат инклузивен пристап заснован на човекови права за справување со минатото во регионот.
Хашките случаи претставуваат остатоци од непроцесирани, незастарени, инкриминирани дела со поголем обем, со незавршена правда во Македонија, за воени злосторства врз цивилно население во оружениот конфликт од 2001 година. Хашкиот трибунал за воени злосторства на територијата на поранешна Југославија, обидувајќи се да го тестира капацитетот на македонското судство, во 2008 година ги врати да бидат процесирани во македонското судство четирите предмети, со препорака да се постапи објективно и според материјалните докази да се казнат извршителите на воените злосторства на територијата на Македонија. Тоа се предметите: Водство на ОНА, Мавровски работници, Гробница во Непроштено, Затворањето на Липковската брана. Овие случаи од неразумни политички причини, ставајќи ја политиката над судството и правдата, беа ставени ад акта во македонското судство во 2011 година, со некакво автентично толкување на Законот за амнестија од 2002 година. Но меѓународното право апсолутно не дозволува застарување на ваква форма на извршување кривични дела.
Дописот од Советот на Европа за активирање на хашките случаи (со укинување на автентичното толкување), во Македонија доаѓа во особено сензитивен политички и предизборен миг, па логично се поставува прашањето како овој предизвик на меѓународното право би влијаел на исходот на мајските избори.
Едноставна правна процедура – сложени политички импликации
Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, смета дека правната процедура за активирање на хашките случаи е едноставна, но политичките импликации се сложени.
– Независно од автентичното толкување на Законот за амнестија, што го има изгласано Собранието, јавниот обвинител може да постапи според укажувањето на Советот на Европа, односно комесарката за човекови права, за активирање на т.н. хашки случаи. Доволно е обвинителот да формира обвинителен акт за овие случаи, кои веројатно се архивирани во обвинителството, и да поднесе тужба до судот. Правната процедура е јасна и едноставна, но политичките импликации се сложени. Доколку такво нешто се случи во овој предизборен момент, веднаш би се растурила владината коалиција. А исто така активирањето на хашките случаи е своевидна „темпирана бомба“ за секакво политичко коалицирање во Македонија. Формално, обвинителството и судството се независни, но обвинителите се избираат по предлог на Владата, па првиот чекор за формирање обвинителен акт, во голема мера е политички условен. Во предизборие, изјавите на политичките субјекти можат да бидат секакви (во насока на политичките условувања за активирање на хашките случаи), но кога ќе дојде конкретниот момент за носење одлуки за коалицирање, се покажало дека таквите изјави не биле третирани како обврзувачки. Во секој случај, отворањето на темата за хашките случаи, правно лесно може да биде ставена во процедура, но секако ќе предизвика политички турбуленции и дополнително ќе го разбранува изборниот амбиент, дури и со влијание врз изборните резултати – вели Тодор Петров.
Потребни се конкретна поддршка и стручна помош од меѓународната заедница
Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, програмски директор на Институтот за политички истражувања – Скопје, проценува дека македонското судство нема сила и капацитет самостојно и без политичко влијание да го спроведе процесот на постигнување правда за хашките случаи. Затоа, според него, освен укажувањето на Советот на Европа, потребни се конкретна поддршка и стручна помош од меѓународната заедница за создавање специјален суд во Македонија, за процесирање на хашките случаи.
– Дописот на комесарката за човекови права при Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, за судско процесирање во Македонија на четирите хашки случаи за воени злосторства што не застаруваат, отвора стари дилеми и за храброста на меѓународната заедница за преземањето неселективна одговорност за спроведување правда за злосторства против цивилното население. Едно од прашањата е зошто Хашкиот трибунал ги врати овие предмети кај македонското судство, а го истера докрај процесот за одговорноста на Јохан Тарчуловски и на Љубе Бошковски. Случаите веќе 12-13 години се „деактивирани“ со автентичното толкување на Законот за амнестија, иако и понатаму останува опцијата за „воени злосторства против човештвото што не застаруваат“. Но за таков храбар исчекор, првично е најважно да има услови за правда без политика, т.е. судство без политичко влијание. А македонската јавност постојано е сведок на состојбата во која најголемите правни процеси се повеќе политички процеси. Неспорно е дека мора да има правда за жртвите на злосторство против човештвото, но исто толку пак е дискутабилно колку македонското судство има капацитет, храброст, независност од политичко влијание за да процесира вакви сложени и сензитивни случаи. Препораката на комесарката за човекови права при Советот на Европа е можеби само сигнал дека без задоволување на правдата за минатите злосторства не е можен праведен општествен мир, но тоа не е доволно како меѓународна поддршка. Кога и ако биде одлучено во македонското општество да се активираат хашките случаи, можеби најдобро би било да се обратиме за конкретна поддршка до меѓународните институции, како Советот на Европа, Меѓународниот суд на правдата во Хаг, до САД за експертска правна помош… и да се формира еден специјален суд со меѓународна поддршка за да се создадат услови да се процесираат овие случаи. Такво нешто, всушност веќе функционира во Косово… Македонското судство нема сила самостојно и независно да ги истера тие процеси.
Правдата е бавна, но секогаш доаѓа
За поранешниот амбасадор Ристо Никовски „убаво звучи“ дописот за реактивирање на хашките случаи, но и покрај сите политички предизвици за нивното правно процесирање, се надева дека народот е во право кога заклучил дека „правдата секогаш доаѓа“.
– Убаво звучи веста дека треба да се реактивираат хашките случаи и тоа е на некој начин логично. Видовме дека и во Косово правдата се активираше по долго време и можеше да се очекува дека меѓународната заедница ќе се сети и на случаите во Македонија. Останува отворено прашањето како ќе се рефлектира тоа врз политичките состојби кај нас. Сосема е извесно дека сегашната гарнитура на власт ќе го игнорира тоа. Колку ќе биде подготвена наредната власт да го земе в раце овој жежок костен е друго прашање. Нема никаков сомнеж дека албанските политичари во Македонија ќе ја дочекаат на нож секоја иницијатива за активирање на хашките случаи и ќе направат сѐ да спречат каква било постапка околу тоа. Тешко е да се очекува дека меѓународната заедница ќе се инволвира во случајот, а веројатно и нашите политичари ќе бегаат од него како ѓавол од оган. Меѓутоа, да се надеваме дека народот бил во право кога заклучил дека „правдата секогаш доаѓа“, иако обично доцни – вели Ристо Никовски.