Анализирајќи ја посетата на првиот човек на ЦИА, како и на поранешните први луѓе на американското разузнавање на регионот, „Нова Македонија“ јасно посочи дека американската мисија има превентивна улога, да одврати какви било обиди за дестабилизација на регионот. И додека сите индикатори упатуваат на превентивните чекори преземени од Американците, некои медиуми како да одработуваат за некои други центри, кои посакуваат нестабилен и конфликтен Балкан, во кој полесно ќе ги наметнат сопствените интереси и цели, па говорат за посети што се еден вид предвесник на војна
Вашингтон одвраќа дестабилизирачки елементи во регионот, но одредени балкански „интелектуалци“ продолжуваат со промовирање „војна во најава“
Мини-турнејата на првиот човек на американската централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс во регионот, очигледно со активиран булдожер-инструментариум, ја постигна главната цел – смирување на зовриените страсти на Западен Балкан во фонот на ескалацијата на судирите во Украина и на дополнителното разгорување на насилствата на Блискиот Исток.
Невообичаената раздвиженост на првите луѓе на американското разузнавање имаше цел да испрати јасна порака до дел од политичките елити во регионот, дека за САД е недозволива каква било дестабилизација на која било земја на Западен Балкан, што јасно говори дека индициите за некаква потенцијална регионална дестабилизација имале реална основа и дека присуството на првиот човек на ЦИА е всушност најдиректна порака до сите политички актери да не си играат со безбедносни прашања, бидејќи тоа би можеле да го искористат некои други центри на кои им одговара нестабилност на Балканот.
Од тие причини, директорот Барнс престојуваше во ненајавени посети на Сараево, Белград и Приштина, а поранешни американски високи безбедносни структури беа и во Македонија, за да ги споделат сите информации што ги имаат поврзани со безбедносните прашања и потенцијалните безбедносни ризици од есен.
По посетата на Барнс драстично се смени реториката на оние политичари што претходно најавуваа сецесионистички чекори, за сега да излегуваат со изјави дека какво било прекројување на границите никогаш не било во игра и дека се работи на реализација на постојните договори за мирно и демократско решавање на отворените прашања.
Инаку, мини-турнејата на Барнс на Западен Балкан се совпаѓа со тајмингот наведен во последниот годишен извештај на ЦИА за глобалните безбедносни закани, во кој се наведува дека „Западен Балкан најверојатно ќе се соочи со зголемен ризик од локализирано меѓуетничко насилство во текот на 2024 година“.
Во три кратки параграфи за Западен Балкан, документот наведува дека „националистичките лидери најверојатно ќе ги влошат тензиите во своја политичка корист и надворешните актери ќе ги зајакнат и искористат етничките разлики, за да го зголемат или заштитат нивното регионално влијание или да спречат поголема интеграција на Балканот во ЕУ или евроатлантските институции“.
САД фокусирани сите земји од регионот да ги внесат во ЕУ
Анализирајќи ја посетата на првиот човек на ЦИА, како и на поранешните први луѓе на американското разузнавање на регионот, „Нова Македонија“ јасно посочи дека американската мисија има превентивна улога, да одврати какви било обиди за дестабилизација на регионот. Впрочем, од малкуте изјави на регионалните челници дадени по средбите со Барнс, јасно се истакнува дека за САД приказната со нови дестабилизации на Балканот е завршена и дека официјален Вашингтон е сериозно посветен сите земји да ги внесе во НАТО и да го забрза процесот на влез во Европската Унија, свесен за пасивноста од страна на официјален Брисел, што влијае врз зголемувањето на евроскептицизмот.
И додека сите индикатори упатуваат на превентивните чекори преземени од Американците, некои медиуми како да одработуваат за некои други центри, кои посакуваат нестабилен и конфликтен Балкан, во кој полесно ќе ги наметнат сопствените интереси и цели, па говорат за посети што се еден вид предвесник на војна.
Имено, според некои написи, шефот на ЦИА во ненајавени посети доаѓал само ако се наѕирала војна, правејќи паралела со разузнавачките активности пред распадот на поранешна СФРЈ, со тоа што денес станува збор за помал формат на релацијата Сараево-Белград-Приштина.
Во тој контекст се споменува и Македонија, особено индициите за есенска дестабилизација од страна на ДУИ, за што неодамна говореше премиерот Христијан Мицкоски. Се потсетува дека ДУИ е на прагот да отвори дебата за поинакво уставно уредување на државата врз принципот на Белгија, без да се спомене дека целата приказна што од неодамна ја креираат интегративците е со цел да се одвлече вниманието од многубројните злоупотреби на нивните функционери додека беа на власт, па барајќи заштита од кривичен прогон, сега говорат за реотворање на Охридскиот договор и ново уставно устројство на државата.
Од тие причини американската порака до челниците во Мала Речица беше дека нема да имаат никаква американска поддршка за какви било чекори што би воделе кон дестабилизација на земјата и кон нарушување на нејзиниот унитарен карактер, па затоа зачудува како некои медиуми и натаму упорно ја туркаат приказната дека ЦИА е тука оти се насетува војна и дека Македонија мора да биде повнимателна пред она што ќе го испорача ДУИ за да не се предизвика дестабилизација.
Со таква замена на тезите во некои медиуми се објаснува мисијата на директорот на ЦИА, Барнс, на регионот, односно наместо превентива, се креира заплашување на граѓаните со некакви дестабилизации и војни само затоа што првиот човек на американското разузнавање дошол ненајавено во регионот, небаре посетата требало да ја најавува со фанфари.
Американците во одбрана на сопствените интереси во регионот
Некои од познавачите на геостратегиските односи во регионот се категорични дека неодамнешната посета на првиот човек на ЦИА на регионот има исклучиво превентивна улога.
– САД имаат ставено свој печат кај сите земји во регионот на Западен Балкан и нема да дозволат никакви дестабилизации. Директорот Барнс упати директни пораки и до Милорад Додик и до Александар Вучиќ и до Албин Курти, а индиректни и до сите други во регионот, дека за официјален Вашингтон постигнатите договори се единствени важечки и нема отстапување од тоа, уште помалку какви било помисли за промена на границите. Иако Барнс не дојде во Македонија, тука беше поранешниот директор за национално разузнавање на САД, Ричард Гренел, кој повеќе од веројатно ја пренел истата порака, дека времето на меѓуетнички тензии, сецесии и конфликти е минато и дека за САД распадот на Југославија е завршена работа, а соништата за големи држави ќе станат реалност само во обединета Европа без граници. Но очигледно некому ваквиот исход не му се допаѓа, па коментира дека ЦИА наводно е присутна на подрачјата каде што се подготвува војна и слично, само за да се минира превентивната мисија на Американците. Како и да е, САД во следниот период будно ќе го следат секој чекор што би можел да предизвика дестабилизација бидејќи им е важно да не се направи ново безбедносно жариште во срцето на Европа, особено во светлината на офанзивата во Украина и зачестените продори на украинската војска на руска територија – заклучуваат аналитичарите.