Фото: ЕПА

Редакциска опсервација

  • Според брифингот со безбедносни експерти, таканаречениот нов случај „Кањижа“ не е само безбедносен инцидент туку и дел од поширока слика во која енергетиката, политиката и безбедноста се длабоко испреплетени. Што се случи кај Кањижа? Инцидент или порака?
  • Според нашите брифери, сѐ уште е прерано, поаѓајќи од достапните информации лиферувани во јавноста, да се дојде до вистинската трага за конкретниот случај. Но теоријата вели дека сигурно постојат повеќе нивоа поврзани со настанот, како што се нивото каде што постојат т.н. инспиратори за чинот, па потоа организатори/планери на чинот и нивото на (потенцијални) извршители…
  • Во отсуство на конкретни индикатори за безбедносниот настан во регионов, според нашите соговорници, истражителите за случајот веќе ги поставуваат „деветте златни криминалистички прашања“ и бараат одговори на нив. Имено, за тоа ШТО (се случило), КАДЕ (се случило), КОГА (се случило), КАКО (се случило), ШТО (беше направено, а што не), СО КОГО (било извршено или планирано да се изврши), ЗОШТО (било извршено или планирано да се изврши, како мотив), за да се дојде до одговорот КОЈ (е извршител) односно КОЈ (е оштетена страна или жртва)?
  • Во секој случај, градејќи криминалистичко-тактички верзии за случајот, легитимно се отвораат повеќе прашања. Имено, дали навистина е спречен терористички напад или станува збор за настан со силна политичка димензија? Според бриферите, кога се истражуваат вакви крупни намери за дестабилизација (диверзии или атентати), логично се наметнува прашањето кој има најголем интерес да ја дестабилизира оваа критична енергетска артерија

Обидот за диверзија во близината на Кањижа, на делницата од гасоводот „Турски тек“ што ги поврзува Србија и Унгарија, отвори повеќе прашања отколку што даде одговори. Српските безбедносни служби тврдат дека спречиле сериозен напад врз критична енергетска инфраструктура, при што биле пронајдени експлозив, детонатори и опрема за диверзија односно саботажа. Шефот на Военобезбедносната агенција, Ѓуро Јованиќ, изјави дека постоеле оперативни сознанија за потенцијален напад од лице поврзано со мигрантска група. Но ваквата формулација, без конкретни имиња, структури или презентирани опипливи индикатори (индиции или, пак, докази), остави простор за сериозна анализа во јавноста, а особено кај медиумите, не само во Србија туку и во регионот.

Енергетиката станува битие на геополитичкото бојно поле

Гасоводот „Турски тек“ не е само инфраструктурен проект. Тој има и геополитичко и регионално значење. Преку него рускиот гас стигнува до Југоисточна Европа, заобиколувајќи ја Украина. „Турски тек“ директно влијае врз интересите на повеќе актери, и тоа прво на Русија, која сака стабилен извоз и отворање стабилни канали на комуникација преку енергентите што ги извезува. Понатаму, „Турски тек“ влијае и на Украина. Украина собира транзитни приходи од линиската енергетска структура што поминува преку нејзина територија, а во случајот „Турски тек“ не поминува, па „заобиколената“ Украина во случајот „Турски тек“ губи приходи. Натаму, во врска со „Турски тек“, Унгарија е силно зависна од руски гас, а Србија е клучен транзитен партнер. Кусо резимирано, инволвираноста на сите горенаведени земји значи дека „секој напад врз гасоводот ’Турски тек’ има потенцијал да предизвика не само економски туку и политички потреси“.

Тезата за „украинска инволвираност“ – реалност или политички наратив?

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ја поврза заканата со претходни напади врз руска инфраструктура, индиректно алудирајќи на Украина. Но, според нашите брифери, во моментов е важно да не се шпекулира и да не се нагаѓа, а уште помалку да се наклеветува некоја страна дека е инволвирана.
– Важно е да се нагласи засега дека нема директен доказ дека Украина стои зад случајот. Украинското МНР категорично ги негира обвинувањата, а ваквите изјави се дел од пошироката „информациска војна“ – велат наши соговорници, додавајќи го прашањето за тоа дали ова е реална безбедносна процена или политички спин насочен кон оправдување на засилениот вербален конфликт меѓу Будимпешта од една страна и Киев (и Брисел) од друга страна.
Интересно е дека исто така во Унгарија се појави уште една претпоставка во јавноста, при што таму опозицискиот лидер Петер Маѓар изнесе сериозни обвинувања кон власта во врска со случајот „Кањижа“. Имено, Петер Маѓар изјави дека „можеби станува збор за сценарио што треба да создаде криза пред изборите во Унгарија“, односно тој имплицираше дека „ваквите инциденти може да се користат за политичка мобилизација“…
Според искуството на нашите брифери во врска со ваквите коментари, тие велат дека „историјата покажува дека безбедносните закани често се користат за зајакнување на власта, одвлекување внимание од домашните проблеми или, пак, легитимирање вонредни мерки“.
– Без цврсти докази, ова останува во доменот на политички жонглирања и за политички поени и маркетинг – децидни се нашите соговорници во врска со изјавите во Унгарија и на власта и на опозицијата.

Мигрантскиот фактор – реална закана или погоден виновник?

Од друга страна, тврдењето на шефот на Военобезбедносната агенција, Ѓуро Јованиќ, дека постоеле оперативни сознанија за потенцијален напад од лице поврзано со мигранти и дека потенцијалниот извршител е „лице од мигрантска група“ отвора друга димензија. Балканската рута е чувствителна тема, а мигрантите често се ставаат во контекст на безбедносни ризици. Но во врска со ова нашите соговорници досега немаат индиции ниту информации од медиумите од регионот, ниту пак во специјализираните безбедносни портали одговори на клучните прашања, како што е на пример дали досега воопшто постојат докази за организирана мрежа во рамките на мигрантските групи. Потоа, кој би стоел зад логистиката и експлозивот (особено ако е странско производство, како што спомена шефот на Военобезбедносната агенција дека експлозивот е од американско потекло/производство)?
– Без одговори на овие прашања, и оваа верзија изгледа несигурно и „лабаво“ – тврдат нашите соговорници, велејќи дека оваа верзија треба сериозно да се разработи.

Прашање до експертите: Кому му одговара дестабилизација на „Турски тек“?

Според нашите соговорници, брифери, безбедносни експерти, доколку се анализираат интересите, се издвојуваат неколку сценарија што би можеле да имаат интерес од „дестабилизација“ на гасоводот „Турски тек“.
– Прво, тоа се геополитичките противници на рускиот гас. Имено, секое прекинување на „Турски тек“ ја намалува енергетската моќ на Русија во Европа. Второ, интерес од прекин на „Турски тек“ би можеле да имаат и „регионални политички актери“. Овој интерес се совпаѓа со образложението дека „евентуалната настаната криза би можела да се искористи за внатрешни политички цели, особено во изборни периоди“… Трето, постојат и трети страни или недржавни актери, групи или организации што дејствуваат во сенка со свои мотиви, кои допрва низ истрагата треба да бидат расветлени. Можеби случајот „Кањижа“е некаква хибридна операција, односно како неизвршен акт на диверзија или саботажа, истиот тој да биде резултат на „комбинација од дезинформации, заплашување и ограничени акции со цел создавање несигурност“ – велат нашите соговорници.
Тие изведуваат повеќе можни претпоставки во врска со „Турски тек“.
– Во моментот, при дефицит од конкретни информации, има повеќе прашања отколку одговори – заклучуваат нашите соговорници, додавајќи дека „едно е сигурно: гасоводите денес не се само обична линиска енергетска инфраструктура, туку тие стануваат буквално – линии на конфликт. Р.Б.


„Турски тек“: Стратешки енергетски коридор меѓу Истокот и Европа

Гасоводот што ја редефинира енергетската мапа на регионот и отвори нови геополитички и економски перспективи

Гасоводот „Турски тек“ претставува еден од најзначајните енергетски инфраструктурни проекти во последната деценија, со клучна улога во снабдувањето со природен гас на Југоисточна Европа. Проектот, кој директно ги поврзува Русија и Турција преку Црно Море, има цел да обезбеди сигурен и континуиран доток на гас, заобиколувајќи ги традиционалните транзитни рути.
„Турски тек“ се состои од две паралелни линии, секоја со капацитет од околу 15,75 милијарди кубни метри гас годишно. Првата линија е наменета за турскиот пазар, додека втората продолжува кон земјите од Југоисточна и Централна Европа, вклучувајќи ги Бугарија, Србија и Унгарија.
Една од главните одлики на гасоводот е неговата подморска траса, која се протега на повеќе од 900 километри низ Црно Море, што го прави еден од најдлабоките и технички најкомплексни гасоводи во светот. Со оваа рута се минимизираат ризиците од политички и транзитни нестабилности во копнените делови.
Проектот има значајни геополитички импликации. Од една страна, тој ја зацврстува енергетската соработка меѓу Русија и Турција, додека од друга страна ја менува динамиката на енергетската зависност во Европа. Некои од аналитичарите сметаат дека „Турски тек“ ја зголемува енергетската сигурност преку диверзификација на рутите, додека други предупредуваат на зголемена зависност од еден снабдувач.
За земјите од регионот, гасоводот претставува можност за стабилно снабдување со природен гас, но и потенцијал за економски бенефити преку транзитни такси и развој на енергетска инфраструктура. Во исто време, тој отвора прашања за усогласување со европските енергетски политики и стремежите за зелена транзиција.
Во услови на глобални енергетски предизвици, „Турски тек“ останува важен фактор во обликувањето на енергетската иднина на Европа, со влијание што ќе се чувствува и во наредните децении. Р.Б.