Илустрација: „Нова Македонија“

Однесувањето на актуелниот косовски премиер Албин Курти е токму во рамките на специфични, педантно испланирани, целисходни стратегии:
– Од одреден центар на моќ вештачки да се изгради и издигне култ на лидер што (фингирано) божем ќе им пркоси на сите што ги загрозуваат албанските интереси (и на Косово, но и во регионот). Таквиот пристап и сценарија однадвор ќе искреираат од него сеалбански лидер во еден поширок регионален контекст, што, од друга страна, им овозможува на центрите што го билдаат неговиот имиџ полесно да менаџираат политички со албанското прашање на Балканот (и да управуваат со албанските аспирации во поширок контекст), при што тие центри „би ја имале контролата спроведувајќи ги сопствените стратегии преку еден човек (во случајов Курти) наместо да се договараат со повеќемина“. Ова интересно размислување ни го откриваат познавачите на регионалните политички поместувања

Феноменот на „обликување лидери по точно одреден шнит“

Во времиња исполнети со предизвици од кои зависи иднината на државата, клучна улога секогаш одигруваат лидерите што се фактор на граѓанско (национално, народно итн.) мобилизирање, кои го збиваат одреденото и целно општествено ткиво и кои цврсто стојат во одбраната на одредени интереси.
Ако некогаш такви лидери се профилираа преку артикулација на нивните идеали, проекции, но и акции меѓу народот, денес на меѓународната политичка сцена речиси нема вистински лидери, туку вештачки се наметнува привид на некакво „големо“ лидерство во интерес на некои повисоки политики и интереси.
Однесувањето на актуелниот косовски премиер Албин Курти е токму во рамките на таквите западни стратегии, вештачки да се изгради култ на лидер што ќе им пркоси на сите што ги загрозуваат албанските интереси на Косово, но и во регионот. Таквиот пристап од него прави сеалбански лидер во еден поширок регионален контекст, што, од друга страна, им овозможува на центрите што го билдаат неговиот имиџ полесно да ја имаат контролата така што стратегиите ќе ги спроведуваат преку еден човек наместо да се договараат со повеќемина.

Вештачко билдање на култен лидер

Последните тензии околу отворањето на мостот на реката Ибар, кој го дели северниот дел на Митровица, населен со Срби, од јужниот, населен со мнозинско албанско население, уште еднаш јасно покажуваат дека основната намера е да се прикаже Курти како бескомпромисен борец за косовските интереси.
Имено, тој одби да имплементира веќе потпишан договор за воспоставување заедница на српски општини на северот на Косово, постигнат со посредство на ЕУ. Млаките притисоци, повеќе проформа, не дадоа плод, а Курти не само што не го спроведе договореното туку продолжува со политиките што наводно не се во согласност со меѓународните претставници. Тој ги трансформира безбедносните сили во армија, еднострано го укина српскиот динар и го воведе еврото, побара прием во Советот на Европа, ги укина регистарските таблички, односно ги презеде сите чекори со кои се заокружува суверенитетот на една држава. И сето тоа го направи со некакво фингирано противење и негодување на светските центри, кои не само што не презедоа никакви мерки против неговата непослушност туку дополнително го наградија Косово со визна либерализација, напредок во статусот кон членство во НАТО и други финансиски бенефиции.
Ваквите постапки се јасен показател дека намерата е од Курти да се направи култен лидер меѓу Албанците пошироко, за што му беше дадено зелено светло да отвори свои политички филијали на движењето „Самоопределување“ и во Албанија, но и во Македонија.
– Она што го прави Курти само покажува дека тој е одбран од западните центри како млад политичар што не ги извалкал рацете во војната, да се наметне како лидер на сите Албанци во регионот и да ги истисне поранешниот воени команданти од политичката сцена. Тоа му успеа затоа што ужива безрезервна поддршка од Западот, кој иако го укорува за многу други постапки што ги прави во меѓувреме, всушност му дава бланко поддршка да ја заокружи сеалбанската идеја. Затоа никој не му забележа што се меша во внатрешните политички односи во Македонија и Албанија. Она негово доаѓање во Скопје по апсењето на поранешниот припадник на УЧК Рамадани, беше само демонстрација за тоа кој е главен во регионот кога станува збор за албанските работи. Јасно е дека западните центри вештачки креираат лидер од него, оти ако беа искрени во противењето, Курти за 24 часа ќе беше сменет од премиерската функција – велат познавачите на регионалните состојби.


Амбициите на Курти ги разбиваат државните граници

Отворена битка за сеалбански лидер

Очигледната намера Албин Курти да се профилира како сеалбански лидер во регионот претставува закана за дел од политичките субјекти меѓу Албанците, кои се свесни дека на тој начин моќта и контролата се префрлаат само кај еден човек, а тие испаѓаат од игра.
Самоопределување на Курти веќе учествуваше на изборите во Албанија во обид и таму да се наметне на политичката сцена, особено меѓу младите Албанци, кои полека градат култ кон личноста на Курти како некорумпиран политичар, кој во секое време може да му каже „не“ дури и на моќниот Запад. Ако во прв момент партијата на косовскиот премиер не забележа посериозен изборен резултат во Албанија, сепак воспостави соодветна логистика преку која се подготвува за секој нов изборен циклус, привлекувајќи сѐ поголем број млади Албанци.
Истото тоа го прави и во Македонија, кога пред изборите ги собра во Приштина лидерите на македонските Албанци, со што уште еднаш се наметна како фигура што има намера да дејствува во регионален контекст и дека косовските граници се претесни за него. Затоа индиректно учествуваше и на македонските избори, така што прашање на време е кога и тука посериозно политички ќе се факторизира.

Загрозените демонстрираат отпор кон Курти

И додека Курти се обидува да се наметне како сеалбански лидер во регионот, со помош на вештачкото билдање на неговиот имиџ од страна на меѓународните партнери, сериозно расте отпорот против неговите политики како на Косово, така и во Македонија и во Албанија.
Актуелниот албански премиер Еди Рама, кој и самиот има амбиции да се наметне како сеалбански лидер, веќе влезе во отворен конфликт со косовскиот премиер, така што откако си разменија меѓусебни остри зборови, немаат остварено каква било меѓусебна средба.
Во Македонија, пак, отпор кон политиките на Курти покажа сега опозициската ДУИ, која е на иста линија со политиките на Рама и која е сериозно загрижена дека планот на Западот да се отараси од поранешните припадници на УЧК и ОНА би можел да се реализира и во Македонија директно преку Курти или преку неговите политички испостави.
Познавачите на состојбите се согласни дека од Курти се гради лидер, но предупредуваат дека сите негови противници во ист момент ќе се обединат со него ако станува збор за големоалбанската идеја, која косовскиот премиер гласно ја заговара. Сето ова е потврда дека косовскиот премиер и неговата партија Самоопределување од самиот почеток имаат поширока амбиција од независноста на Косово.
– Косовската независност беше само првиот чекор кон конечното решавање на албанското национално прашање, онака како што Курти го замислува тоа. Хомогена национална држава што ги вклучува сите Албанци е една од нескриените цели на Курти и Самоопределување – смета социологот Владимир Вулетиќ, потсетувајќи дека тоа е начинот на решавање на националното прашање како што се применуваше во 19 век.
Според него, сѐ додека е ваков меѓународниот поредок, ништо не може да се направи со тоа, но кога доаѓа моментот кога целиот глобален поредок е на испит, кога се случуваат тензии и судири во различни делови од светот, тоа сериозно би можело да ги подгрее тензиите во регионот.
– Тоа тогаш на извесен начин ги хомогенизира не само Албанците туку и сите оние што една таква политика на Курти би ги загрозила – нагласува Вулетиќ.
Тој додава дека обидот за дестабилизација на Македонија би бил јасен сигнал на другите влади во регионот и предупредување дека тоа не е крајот на амбициите на Курти. Исто така тој уште посочува дека Курти на овој начин се обидува да ја зајакне сопствената позиција во однос на Белград.
– Неговата порака е јасна, ако не ни дозволите или помогнете веднаш и сега да го решиме прашањето за независноста на Косово, тогаш ќе го запалиме целиот Балкан – истакнува Вулетиќ.
Понатаму тој предупредува дека проширувањето на албанското прашање на целиот Балкан би можело да влијае врз целиот регион. С.Т.