Зошто се користи терминот „внатрешен круг“?! Затоа што токму тој термин пластично го опишува општествениот феномен за постоење на една ексклузивна група влијателни луѓе што контролираат или имаат сериозно влијание во општеството над (не)спроведувањето на законите или процедурите, мислењата, па и на обичаите, а сето тоа под покровителство и замисла на некој државнополитички вожд, кој е носител на функција како највисок државнополитички лидер… Внатрешниот круг ја претставува таа мала група луѓе што, на пример, се назначени да водат една институција (еве, на пример, Јавното обвинителство) или, пак, повеќе клучни институции и кои во текот на својот приватен живот и службена кариера изградиле блиски односи со највисокиот политички и државен лидер. Токму терминот „внатрешен круг“ се користи да се отсликаат блиските, интимните, ексклузивните, влијателните и централните фигури што се вклучени или се дел од организација, активност, напор итн. за „нештата да се развиваат токму по замислата на одредениот ’лидер‘ или општествената владејачка каста, и тоа: без оглед на законите, заобиколувајќи ги прописите, односно без оглед на владеењето на правото и правната држава“. Таквите индикатори во изминатиот мандат за релациите и (не)функционирањето на егзекутивната власт со другите столбови на власта, особено во правосудството, беа доволно препознатливи… и решително треба да се стави точка на тоа!
Крупни законски аномалии испливаа на површина со иницијативата за смена на јавниот обвинител
Сериозна полемика се отвори во јавноста по најавите од страна на Владата за смена на јавниот обвинител Љупчо Коцевски поради незадоволство од неговото досегашно работење, а како директен повод за ваквиот чекор беше посочено неодамнешното назначување раководител на Вишото јавно обвинителство – Скопје надвор од законските рамки.
И додека копјата се кршат околу тоа дали бил прекршен законот, дали јавниот обвинител ја оправдал довербата и дали вината за лошите состојби со корупцијата лежи токму во непостапувањето на јавниот обвинител, на површина почнуваат да испливуваат сите апсурдни акробации направени во законите само да се заштити судско-обвинителската фела.
Наместо инклузивен процес за избор на квалитетен јавен обвинител, заткулисни калкулации во Советот на обвинители
Имено, со измените на Законот за Јавно обвинителство од пред пет години се направени такви интервенции што оневозможуваат какво било назначување јавен обвинител што би бил надвор од затворениот круг што го контролира Советот на јавни обвинители. На тој начин тие суптилно воспоставиле целосна контрола за тоа кој ќе ги води обвинителствата во државата, вклучувајќи ја и челната позиција во ЈО.
Условите за избор на јавен обвинител од членот 61 од овој закон предвидуваат дека за јавен обвинител на Република С. Македонија може да биде именувано лице што има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право. Понатаму, во членот 63, став 2, уште се додава дека јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители на Република С. Македонија без ограничување на траење на мандатот под услови и во постапка утврдени со закон, додека во ставот 3 стои дека Советот на јавни обвинители дава мислење по предлогот на Владата за именување и разрешување на јавниот обвинител на Република С. Македонија.
Попластично кажано, дури и да се случи смената на Коцевски, ако не се направат сериозни зафати во Законот за Јавно обвинителство, односно не се врати состојбата пред измените, тогаш неговиот наследник повторно ќе дојде од редот на обвинителите, односно од оние што со години се познати по своето (не)работење и со тоа директно придонесоа за лошите состојби во борбата со корупцијата и криминалот. Ако законот не се промени, тогаш нема ништо да се смени, односно Советот на јавни обвинители ќе предложи кадар за јавен обвинител што е под негова контрола и на тој начин ќе продолжи праксата на непостапување по предметите.
Колку за споредба, претходното законско решение предвидуваше за јавен обвинител и заменик-јавен обвинител да може да биде именуван државјанин на Република Македонија што ги исполнува општите услови определени со закон за засновање работен однос во државен орган, дипломиран правник со соодветна насока со положен правосуден испит, кој ужива углед за вршење функција на јавен обвинител, односно заменик-јавен обвинител.
Потоа, за јавен обвинител и заменик-јавен обвинител на основно јавно обвинителство лицето треба да има и работно искуство со потврдени резултати по положениот правосуден испит на правни работи од три години, а седум години за јавен обвинител и заменик-јавен обвинител во вишо јавно обвинителство. За јавен обвинител и заменик-јавен обвинител лицето треба да биде истакнат правен стручњак и да има работно искуство со потврдени резултати на правни работи од дванаесет години. За јавен обвинител и заменик-јавен обвинител може да биде именуван и редовен или вонреден професор на правен факултет што држел настава по правен предмет во непрекинато траење од најмалку десет години во истото или во пониско наставничко звање.
Со измените на Законот за Јавно обвинителство од 16 февруари 2020 година е инсталирана системска аномалија со која јавен обвинител може да биде личност што ќе произлезе од мал затворен круг во кој никој друг не може да влезе. Место за квалитет и конкуренција нема, бидејќи Обвинителството не сака луѓе што се подготвени да загребат подлабоко под површината
Старите решенија покажуваат дека во конкуренција за избор на јавен обвинител влегуваа поширок круг луѓе, адвокати, истакнати правници, професори по право, што овозможуваше голем избор на квалитетен кадар, чија задача ќе биде неселективна борба со криминалот и корупцијата од секаков тип. Истовремено, тие луѓе во добар дел беа познати и во општеството и на тој начин ја градеа довербата и меѓу граѓаните, што е исклучително важно. Но со измените на Законот за Јавно обвинителство од 16 февруари 2020 година е инсталирана системска аномалија со која јавен обвинител може да биде личност што ќе произлезе од мал затворен круг во кој никој друг не може да влезе. Место за квалитет и конкуренција нема, бидејќи Обвинителството не сака луѓе што се подготвени да загребат подлабоко под површината.
Потребно е враќање на Законот за Јавно обвинителство во претходната состојба
Добри познавачи на состојбите во македонското судство коментираат дека тоа е свесно направено за да се задржи контролата врз предметите по кои ќе се постапува, односно што диригирано ќе се оставаат да застарат.
– Тоа што вакви законски измени се направени пред пет години, говори дека постои судско-обвинителска спрега што е добро координирана и која точно знае кои предмети да ги држи во фиока. Кога на тоа ќе се придодаде и пасивен јавен обвинител, сликата е комплетна. Затоа се направени измените. Со тие измени, за да бидеш јавен обвинител во Македонија единствен услов е претходно да бидеш избран јавен обвинител, што значи дека е оформен еден вид затворен круг на избор на републички јавен обвинител. Тоа е направено токму со последните измени пред пет години, кога се отстранети претходните законски решенија, односно кандидатот да може да биде адвокат, истакнат правник или професор по право. Сега ова е затворено друштво во кое никој не може да влезе. Селекцијата е ограничена, изборот е ограничен, а Советот на јавни обвинители го има главниот збор – велат познавачите.
Според нив, клучно е Министерството за правда да иницира враќање на Законот за Јавно обвинителство во претходната состојба ако целта е Македонија да добие квалитетно Јавно обвинителство.
Имено, со измените на Законот за Јавно обвинителство од пред пет години се направени такви интервенции што оневозможуваат какво било назначување јавен обвинител што би бил надвор од затворениот круг што го контролира Советот на јавни обвинители. На тој начин тие суптилно воспоставиле целосна контрола за тоа кој ќе ги води обвинителствата во државата, вклучувајќи ја и челната позиција во ЈО
– Претходно имаше закон со кој за јавен обвинител за основно јавно обвинителство можеше да се избере адвокат што има пет години искуство, за апелација или вишо јавно обвинителство со 10 години искуство, за републички јавен обвинител 15 години искуство. Јавното обвинителство мора да се отвори за да конкурираат најквалитетни кадри, кои, секако, ги имаме. Не може да се одлучува и понудата да биде само од еден мал контролиран круг на обвинители. Тоа ја влече државата назад. Хипотетички, еве, и да го разрешат Коцевски, за негов наследник треба да се избира од редовите на сегашните обвинители, оние што и сега се во тој затворен круг и кои постојано продуцираат скандали. Со други зборови, ништо не сме направиле. Попусто нешто ќе градиме, ако тие однатре го уриваат системот. Зборуваме за луѓе што имаат доживотен мандат и доживотен имунитет. Па замислете, пратениците што се избрани од граѓаните имаат мандат од четири години, а судиите и обвинителите доживотен. Кога некој ќе ги притисне за нивното неработење, се жалат на политички притисок. Треба да разберат дека ова е општествен притисок, не политички, бидејќи граѓаните не се задоволни од нивното работење – брифираат познавачите на состојбите во ЈО. С.Т.