Белгискиот премиер го попречи планот на ЕУ за заем од 140 милијарди евра за вооружување на Украина
- Лидерите на Европската Унија го одложија прашањето за следниот самит откако не успеаја да го уверат белгискиот премиер дека „неговата земја нема да има најголема одговорност“!?
Заемот од 140 милијарди евра на Европската Унија за Украина останува под знак прашалник откако лидерот на осмата најголема земја во европскиот блок, Белгија, премиерот Барт де Вевер се побуни околу користењето на конфискуваните руски средства за да го плати заемот со кој е предвидено вооружување на Киев, известуваат светските медиуми. Донесувањето на одлуката е одложено за барем два месеца, што ги обнови сомнежите за посветеноста на европскиот блок кон Украина.
Белгиецот Барт де Вевер се испречи пред дубиозната шема за вооружување на Украина
Белгискиот Барт де Вевер, фламански суверенист, се најде под притисок од домашната јавност поради планот, бидејќи вели дека операцијата носи огромни финансиски и правни ризици за Белгија, каде што се чуваат повеќето руски средства. Шефовите на ЕУ порачуваат дека ја разбираат неговата загриженост – но не можеа да најдат начин да го уверат.
Американскиот претседател Доналд Трамп неделава ги санкционираше двете најголеми руски нафтени компании, со што се зголеми одговорноста врз Европа да ја зајакне својата поддршка кон Киев. Додека европските влади и Европската централна банка долго време го сметаа користењето руски средства за вооружување и обнова на Украина за незамисливо поради страв дека тоа ќе го прекрши меѓународното право, тоа се појави како реална перспектива во последните неколку месеци, со одолжувањето на војната.
ЕУ завчера се надеваше дека ќе ѝ овозможи на Европската комисија цврст мандат да даде правен предлог со кој ќе се дефинира заемот за Украина уште следната недела. Но, Де Вевер се погрижи да не се случи тоа.
Влоговите изгледаа превисоко за Де Вевер, со оглед на тоа што најголемиот дел од немобилизираните средства на Русија во Европа го држи финансиската фирма „Евроклиар“, која е регистрирана во Белгија, рекоа дипломатите. Тој постојано им кажуваше на своите колеги дека операцијата носи огромни финансиски и правни ризици за Белгија, рекоа тие.
Ако „Русија навистина може да ги побара парите од која било причина, готовината треба веднаш да биде таму“, рече Де Вевер, додавајќи дека „довербата во целиот финансиски систем на Европа“ би била во прашање со користење на замрзнатите руски средства за вооружување на Украина.
Де Вевер го отфрли компромисот во последен момент, кој би предвидел посилна формулација во корист на заемот, според четворица претставници на ЕУ.
Де Вевер вети дека „нема да ѝ застане на патот на Европската комисија“, но може да стави вето
Целодневните френетични преговори доведоа до прекин на разговорите без договор во еден момент – само за лидерите да се вратат подоцна вечерта откако нивните советници работеа на компромис. Де Вевер дозволи во конечната изјава на самитот да се каже дека нема да ѝ застане на патот на Комисијата во понатамошното истражување на идејата за конфискација на средства. Киев сигурно не посакуваше таков исход.
Тоа е „доволно избалансиран текст за да се дозволат толкувања што одговараат на сите потреби и сензибилитети, така што секој потоа ќе даде одредено толкување што е добро за себе“, рече дипломат од ЕУ информиран за дискусиите, кој зборуваше под услов да остане анонимен бидејќи разговорите беа приватни.
Бидејќи Белгија сигнализираше дека се чувствува непријатно за спроведувањето на планот, националните и дипломатите на ЕУ поминаа повеќе денови во пресрет на самитот, обидувајќи се да најдат правен јазик за да го уверат Де Вевер на согласност и да ѝ дадат на Комисијата упатства што ќе ѝ бидат потребни за да продолжи со идејата.
– Планот за средства не е закопан. Можевме да разговараме за техничките детали. Немаше други опции за финансирање на масата за помош на Украина – им рече на новинарите францускиот претседател Емануел Макрон.
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, им кажа на лидерите дека ризиците поврзани со заемот се „управливи“. Но, додека претходните нацрти на заедничката изјава експлицитно ги повикуваа официјалните лица да поднесат законски предлог, односно сигнал дека планот веројатно ќе стане реалност, формулацијата со која лидерите го завршија самитот, само „ја поканува Комисијата да презентира, што е можно поскоро, опции за финансиска поддршка“. Истовремено прашањето се префрла за следниот самит, кој е закажан за декември, но официјалните лица не исклучија можност и за претходен состанок.
Компромисот на ЕУ постигнат доцна во ноќта им овозможува на сите да го спасат образот и му остава на Де Вевер моќ да стави вето на какви било идни дејства ако не ги исполнат неговите барања.
Малкумина можеа да скријат дека исходот отвора нови прашања за кревката поддршка на ЕУ за Украина со конфликтот што се приближува кон неговата четиригодишна годишнина. Р.С.




































