Фото: „Нова Македонија“

Почеток на падот на комисијата: Со 15-та редовна средба беа нарушени договорените принципи за консензуално носење на одлуките

Според проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, поранешен член на комисијата, на 15-та редовна средба на комисијата биле нарушени договорените принципи, односно консензуалното носење на одлуките. На оваа средба, под влијание на двајца македонски членови на комисијата, имало отстапки за средновековниот владетел Самуил. Македонските членови на комисијата испратиле две пораки до бугарските колеги, а тие пораки биле причината за напуштање на работата на комисијата од страна на Ѓорѓиев.
– На некој начин насилно. Имавме интензивна дебата и реков дека не се согласувам со тоа. Меѓутоа пораките беа разменети – посочи Ѓорѓиев.
Според него, препораките од страна на македонските членови на комисијата до нивните бугарски колеги беа прекршување на македонските „црвени линии“. При мешаната комисија од страна на двете министерства има технички секретари, кои се грижат за организација на комисијата и кои не учествуваат во нејзината работата. За време на работата на комисијата, тој ден, внатре бил висок функционер на Министерството за надворешни работи. Човек кому не му е местото тука. На некој начин тој беше тука да дава инструкции – вели Ѓорѓиев.
За политичката димензија и работата на комисијата, Ѓорѓиев вели дека токму тогаш, меѓу двата изборни круга, некој го избрал моментот за да ги прекрши македонските „црвени линии“, да отстапи од сето она што дотогаш било разговарано.
– Тоа е лесно докажливо ако се разгледаат записниците пред една година како течеле. Какви препораки сме нуделе – нагласи Ѓорѓиев.
Од нашите отстапки, направени поради политичко влијание над македонскиот дел од комисијата во врска со прашањата за цар Самуил, беа прекршени основните принципи на работењето на комисијата, засновано врз историско-научниот принцип. Наедно, принципот дека комисијата требаше да биде ослободена од политичките притисоци и стеги, исто така беше прекршен. Со тоа, работата на македонскиот дел од комисијата целосно беше компромитиран. Продолжувањето на работата по таков преседан, би можело да оди само во корист на нашата штета. А, секако, во корист на бугарските хегемони цели, нагласи своевремено професорот Ѓорѓиев.

Негирања на македонскиот идентитет од дел од бугарските членови

Еден подолг период експертите посочуваа дека една од главните пречки за напредок во работата на комисијата за историски прашања е токму ирационалниот став на еден дел од бугарските членови, односно од нивното непризнавање на македонскиот идентитет, јазик и нација. Дека токму непризнавањето на македонскиот идентитет е еден од главните проблеми беше потврдено по одржувањето на двете средби во Софија помеѓу членовите на комисијата, средби за кои бугарските медиуми информираа дека поминале во напната атмосфера, нешто што беше потврдено од македонските членови.
Дополнително, неуважување на македонскиот идентитет во комисијата беше образложено и од некои од бугарски историчари, кои укажаа и за одредени замешателства во работата на комисијата од страна на некои од бугарските политички партии, со што се доведува во прашање кредибилитетот на бугарските членови. Ова беше потврдено и од страна на д-р Љупчо Ристески, етнолог и член на комисијата, според кого, ниедна од досегашните седници на комисијата не поминувала без одреден тип тензии. Според Ристески, на последната средба тензиите не произлегле од природата на дискусијата за Гоце Делчев.
– Произлегоа повеќе, за нас сѐ уште на големо зачудување, кај дел од членовите на комисијата, на целосно игнорантско однесување спрема постоењето на современиот македонски народ, современата македонска нација и современиот македонски јазик. Оттука, неколкумина од нас реагиравме дека во академски кругови, во денешно време, да не се прифати и да не се препознае реалноста на современиот македонски јазик, нација и идентитет, во најмала рака е несфатливо и непоимливо – нагласи д-р Љупчо Ристески.
Во оваа конотација, бугарскиот историчар Димитар Атанасов потврди дека еден дел од бугарските историчари, како и некои од бугарските членови во комисијата, го негираат македонскиот идентитет. Според Атанасов, голем дел од бугарскиот наратив за Македонија почива на ненаучни основи. Тоа е поврзано со пропагандата од крајот на 19 и првата половина на 20 век, според која, Македонија треба да се распарчи меѓу одредени балкански земји, меѓу кои како главна се гледа Бугарија. Но сега ситуацијата е многу поинаква, многу одамна помина тоа време и ништо не најавува дека тоа ќе се врати, вели историчарот Димитар Атанасов. Тој исто така посочува и на одредени политички влијанија и замешателства во работата на комисијата, односно дека историските прашања ѝ се дадени „под концесија“ на бугарската партија ВМРО-БНД од „Пиротска 5“ во Софија. Димитар Атанасов, едно од главните лица во таа комисија е „практично партиски пропагандист“. Д.Ст.


Зошто беше формирана заедничката експертска комисија за историски
и образовни прашања?

Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања беше формирана врз основа на членот 8 од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година, на паритетна основа, и треба да придонесе „за објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историски извори кои се базирани на докази“, со цел продлабочување на заемната доверба.
Македонија и Бугарија со договорот се обврзаа и да организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности. Правилникот, односно начелата и методологијата за нејзината работа, двете страни заеднички го усвоија на првата средба на комисијата во јули 2018 година, заснован на принципите за заемно разбирање и академска заснованост и на позитивни европски искуства.


Учебниците по историја и надлежностите на комисијата

Во надлежноста на историската комисија се и образовните прашања, односно содржината на историските учебници. Комисијата може да даде препораки врз основа на кои македонската влада ќе изготви методолошки упатства и учебници, како и други учебни материјали. Во овој контекст се наметнува и прашањето за мултиперспективноста, бидејќи во учебниците и другите материјали треба да бидат посочени и оригиналите на соодветните извори и литературни текстови и тие да бидат користени и презентирани од соодветните образовни институции. Тука се наметна проблемот за двете верзии за историјата, односно македонската и бугарската историографија и соодветните историски извори што се користат од двете страни. Повеќемина познавачи посочија дека нема реципроцитет за историските учебници и на овој начин македонското образование може да се доведе во потчинета положба, бидејќи само во македонските историски учебници ќе бидат посочени историските извори и литература што се користат од бугарската историографија. Додека, пак, во бугарските учебници нема да биде претставени историските извори, документи и сведоштва на македонската историографија, воопшто видувањата на македонските историчари.