Пред 25 години никој не знаеше за системски инженери, софтвер-девелопери, менаџери на социјални мрежи, инфлуенсери, развивачи на апликации и многу други такви и слични работни места. Бидејќи не може да се предвиди какви работи ќе бидат потребни во иднина, фокусот треба да биде ставен на приспособливоста, флексибилноста, способноста за брзо учење, разбирањето на основните технички концепти (не нужно детално познавање), како и поседувањето меки вештини – добра комуникација, добри односи со луѓе, работни навики, креативност
Дигитализацијата, роботизацијата и вештачката интелигенција се главните светски трендови што креираат нови вработувања на пазарот на трудот
Пазарот на работна сила постојано се менува и еволуира. Најбараните работни квалификации се менуваат од година на година, а особено со развојот на технологијата. Некои сектори напредуваа и се развиваа, додека други стагнираа или се пред исчезнување. Кои се потребите на пазарот на трудот, какви промени треба да се направат, кои ќе бидат работните места на иднината во светот и кои работни позиции ќе доминираат во иднината и адекватно на тоа и состојбите во Македонија, се некои од прашањата на кои се обидовме да најдеме одговори од економски аналитичари.
Најголем дел од работите што ќе ги работат нашите деца уште не постојат…
Што се однесува на тоа какви се моменталните потреби на пазарот на трудот, според анкетите на Државниот завод за статистика, економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии вели дека најмногу недостигаат работници во преработувачката индустрија, трговијата и градежништвото. Тој додава дека, гледано по занимања, кај нас најмногу недостигаат работници во услужните дејности и продажбата, па потоа техничари и машински работници, но, во суштина, тоа се позиции што се полошо платени и имаат потешки работни услови, па затоа луѓето не сакаат да работат во нив.
– Она што, според мене, е многу поважно тука, тоа се долгорочните трендови, односно она што ќе биде потребно во наредните 20-30 години. Има една изрека што често се цитира од економистите во овој контекст – дека најголем дел од работите што ќе ги работат нашите деца уште не постојат. И навистина, пред 25 години никој не знаеше за системски инженери, софтвер-девелопери, менаџери на социјални мрежи, инфлуенсери, развивачи на апликации и многу други такви работи. Затоа, бидејќи не може да се предвиди какви работи ќе бидат потребни во иднина, фокусот треба да биде ставен на приспособливоста, способноста за брзо учење, разбирањето на основните технички концепти (не нужно и детално познавање), како и поседувањето меки вештини – добра комуникација, добри односи со луѓе, работни навики, креативност – потенцира Јовановиќ.
Истовремено, како што објаснува тој, важно е да се следат и главните глобални долгорочни трендови, а тоа се дигитализацијата, автоматизацијата, роботизацијата и вештачката интелигенција. Според него, тие работи ќе сменат многу нешта, ќе заменат многу работни позиции, но во исто време ќе отворат и нови.
Училиштата треба да учат работи што машините и компјутерите
нема да можат да ги работат
– Фокусот тука треба да биде на тоа луѓето да се научат да работат со овие нови работи, за да може да се искористи максимумот од нив. Конкретно, тоа значи поголем фокус на техничкото образование, но не во смисла сите да станеме програмери – со вештачката интелигенција тоа веќе нема да биде потребно – туку да знаеме како да работиме со вештачката интелигенција и роботите. Поинаку кажано, училиштата треба да учат работи што машините и компјутерите нема да можат да ги работат – посочува економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
Тој вели дека другиот долгорочен глобален тренд што е многу важен е стареењето на населението, животниот век станува подолг секаде во светот и луѓето живеат сѐ подолго во пензија, а тоа значи, како што споменува Јовановиќ, дека ќе бидат потребни повеќе луѓе што ќе работат во дејностите на нега и грижа, како и здравствени работници.
– Тие работи не можат лесно да се заменат со компјутери или со роботи, па ќе бидат потребни сѐ повеќе луѓе што ќе работат во нив. Импликациите од ова за Македонија се дека треба да се замени постојниот неплански и стихиен систем на образование со плански, во кој државата ќе има јасна стратегија и план за тоа како сака да се развива, на кои сектори да се заснова, и потоа и образованието и економските политики ќе бидат координирани и насочени кон истите цели. Во изминатите 30 години ние немавме развојна стратегија ниту за економијата ниту за образованието. Во економијата сѐ беше препуштено на пазарите, во образованието сѐ одеше по инерција, и затоа и дојдовме до оваа ситуација, да немаме никаков развој, ниски стапки на економски раст, висока сиромаштија, висока невработеност од една страна, а недостиг од одредени работници од друга, и континуирано пропаѓање на образованието. Мора да се сфати дека не може веќе така и конечно да почнат да се менуваат работите – укажува Јовановиќ.
Лицето и опачината на пазарот на трудот
Според Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, последниве години сѐ повеќе е истакнат проблемот на пазарот на трудот во вид на неадекватност на понудата и побарувачката на работна сила. Од една страна, на пазарот на трудот недостигаат сите видови производствени работници, угостители, работници во трговијата на мало, но исто така и ИТ-инженери, возачи на автобуси, металуршки и електроинженери, машински инженери и други висококвалификувани работници. А од друга страна, како што вели тој, во Агенцијата за вработување на Македонија има пријавено вкупно 151.204 невработени лица, од кои 117.049 активно бараат работа, а 47.873 не бараат работа, а се пријавени како невработени.
– Загрижувачки е податокот дека 21.246 невработени лица или 46,6 отсто од вкупниот број на невработени се без образование и со основно образование, 44,7 отсто се со тригодишно и четиригодишно образование и само 8,3 отсто или 3.774 лица со завршено вишо или високо образование. Дополнителен проблем е што лицата без образование или со основно образование не прифаќаат обуки и преквалификации што им се нудат од страна на Агенцијата. Вистината лежи во огромниот број вработени на црно и работници што веќе се заминати во странство – објаснува Димитров.
Како што вели тој, проблемот е во системот на образование, кој не продуцира кадри потребни на нашето стопанство, и во слабата контрола на сивата економија и социјалната заштита.
– Затоа, најпрвин мора да го исчистиме списокот на невработени од вработените на црно, лицата заминати во странство и сите оние што не прифаќаат преквалификации и вработување – додава Димитров.
Што се однесува на занимањата што ќе се бараат во иднина, тој споменува дека тие мора да го следат развојот на стопанството, дигитализацијата, роботизацијата, зелената трансформација и сѐ што носат новите технологии.
– Со развојот на вештачката интелигенција, во некои професии од администрацијата ќе се намали нивниот број или целосно ќе згаснат, но во индустријата и земјоделството ќе останат голем број професии што ќе функционираат и понатаму. Затоа, клучно е кариерното насочување на основците и средношколците, дуалното образование и акредитациите на факултетите да одговараат на општествениот интерес. Образованието нѐ чини многу пари и ако тоа само служи за да квалификува какви било кадри што ќе заминат во странство, тогаш на долг рок Македонија нема да може да го издржи ова – посочува Димитров.