Неспоредливо: Белгија е кралство, Македонија е република, Македонија е унитарна држава, Белгија не е / Фото: ЕПА

Повеќе од јасно е дека двата модела на кои работи експертот ангажиран од ДУИ се во насока како Македонија уште повеќе да се направи нефункционална држава, да се подели на региони и провинции со повеќе службени јазици, да се одземат централните ингеренции во тие области и да се овозможи целосно разбивање на унитарниот карактер на државата, по што многу полесно ќе се поведе алатката референдум за одвојување државни територии и нивна асоцијација со соседни држави

Американскиот соработник ангажиран од страна на ДУИ веќе разработил модели според кои ќе се преуреди државата на начин на кој политичкиот разгранок на вооруженото крило на ОНА треба да ја реализира првичната идеја за која ја почна војната – освојување територии и нивно припојување кон Албанија.
Во моментот меѓународните експерти работат на два модела според кои би требало да се преуреди Македонија, моделот на Белгија и моделот на Северна Ирска.
Територијата на Белгија е поделена на три региони, од кои два, фламанскиот и валонскиот регион, се поделени на провинции. Тие се поделени според јазиците. Третиот регион е Брисел-Капитал, кој не е ниту покраина ниту дел од провинција.
Северна Ирска е поинаква. Законот за Владата на Ирска донесен во 1920 година предвидува две делумни самоуправни единици во Ирска, јужниот и северниот дел. Северниот дел има шест области. Тие веќе не се користат за целите на локалната управа. Наместо тоа, има единаесет окрузи во Северна Ирска, кои беа создадени во 2015 година заменувајќи ги дваесет и шесте области што постоеја претходно.
Она што е воочливо на прв чекор, тоа е дека ниту Белгија ниту Северна Ирска не се функционални држави.
Имено, Кралството Белгија е културен крстопат меѓу германска и романска Европа. Во Белгија се зборуваат холандски (меѓу Фламанците), главно на север; француски, главно меѓу Валонците, претежно на југ, но и во центарот на земјата (во и околу главниот град Брисел); и германски, меѓу мал број жители на исток. Оваа културна и јазична разновидност се забележува и во комплицираните белгиски институции, како и во политичката историја на земјата, која сведочи за постојана институционална нефункционалност, земја што со години не може да формира влада, а главната причина зошто институциите на ЕУ се сместени таму е затоа што преку Европа всушност се чува Белгија од распаѓање.
Моделот на Северна Ирска е уште покомплициран и целосно неприменлив во Македонија бидејќи не соодветствува со реалноста на терен.
Веќе долго време постои конфликт помеѓу протестантските христијани на Северна Ирска и католичкото малцинство. Протестантите сакаат Северна Ирска да остане во унија со Велика Британија, а, пак, католиците сакаат Северна Ирска да се обедини со јужниот сосед, Република Ирска. Во минатиот век се оценува дека загинале 3.500 жители во врска со тероризмот во Северна Ирска од напади извршени од двете гореспоменати страни и имало околу 50.000 повредени. Како и да е, конфликтот стои замрзнат, а управата над Северна Ирска ја држи Обединетото Кралство.

Двата модела се всушност рецепт за растурање на Македонија

Повеќе од јасно е дека двата модела на кои работи експертот ангажиран од ДУИ се во насока како Македонија уште повеќе да се направи нефункционална држава, да се подели на региони и провинции со повеќе службени јазици, да се одземат централните ингеренции во тие области и да се овозможи целосно разбивање на унитарниот карактер на државата, по што многу полесно ќе се поведе алатката референдум за одвојување државни територии и нивна асоцијација со соседни држави.
Ако внимателно се анализираат некои од постапките што ги презема поранешниот шеф на дипломатијата, кој доаѓаше токму од редовите на ДУИ, може да се констатира дека сите биле во насока на реализација на плановите на кои сега работи Вилијамс, кого ДУИ го користи како параван за своите вистински намери – поделба на државата.
Првиот чекор беше промената на уставното име на земјата, за што ДУИ постојано притискаше и преземаше чекори и на своја рака, правејќи тајни состаноци со поранешното грчко раководство, со што широко се отворија вратите за бришење на македонскиот идентитет и негова замена со терминот граѓани.

Ако внимателно се анализираат некои од постапките што ги презема поранешниот шеф на дипломатијата, кој доаѓаше токму од редовите на ДУИ, може да се констатира дека сите биле во насока на реализација на плановите на кои сега работи Вилијамс, кого ДУИ го користи како параван за своите вистински намери – поделба на државата

Потоа на ред дојде дипломатската офанзива на бившиот шеф на дипломатијата од редовите на ДУИ во Бугарија, каде што повторно под нетранспарентен процес се преговараше со Бугарите за отстранување на бугарската блокада, за да се појави чуден „француски предлог“ во кој беа содржани сите бугарски барања и кој, благодарение токму на заканите на ДУИ дека ќе ја напушти владејачката коалиција, беше прифатен од владата, со што земјата сега е ставена во подредена улога кон Бугарија, која го контролира секој нејзин чекор.
Чудно коинцидира и однесувањето на поранешниот министер за надворешни работи на апелите на македонското малцинство во Албанија дека пред и за време на пописот бугарски емисари крстосуваат и ги поткупуваат и уценуваат припадниците на македонското малцинство во оваа земја да се попишат како Бугари. Тој не мрдна со малиот прст да ги спречи таквите активности. Неодамнешните резултати од пописот во Албанија потврдија дека има спрега меѓу бугарските активности во соседната земја и македонската неактивност по тоа прашање. Простата логика вели дека ако се избрише македонското малцинство во Албанија и на Косово, тогаш поделбата на Македонија врз основа на моделите што ги нуди ДУИ води кон поделба на земјата врз основа на границата од Втората светска војна, според која соседна држава на Бугарија е Албанија и логично е таму да има бугарско, а не македонско малцинство. Тука треба да се бараат причините за постојаното инсистирање за уставните измени од албанска страна, бидејќи ако се реализира оваа идеја, тогаш подоцна лесно ќе се активираат бугарските државјанства издадени на македонските граѓани и на тој начин во земјава ќе се создаде сериозна бугарска заедница на сметка на Македонците, исто онака како што тоа беше направено на пописот во Албанија.

Модели за растурање на државата

Некои од аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека моделите на кои работи американскиот експерт се по нарачка на ДУИ и се со јасни насоки за полесна дезинтеграција на земјата во следниот период.
– Двата модела на кои работи американскиот експерт всушност се насоките што му ги дало ДУИ, како полесно да се институционализира поделбата на државата. Ако треба за пример да се земаат Белгија и Северна Ирска, тоа значи дека интенцијата е во прв момент Македонија да стане целосно нефункционална држава, блокирана институционално, поделена по секоја основа, за на крајот да следува фазата на референдумско изјаснување за отцепување одделни региони и припојување кон други држави. Ниту Белгија ќе функционираше ако не беше ЕУ, ниту Северна Ирска ако не беше дел од Обединетото Кралство. Зад нас кој ќе застане како гарант на унитарноста? САД засега не се огласија околу овие идеи, така што прашање е дали унитарниот карактер на државата уште е во игра или се остава времето полека да го редефинира во некаков поинаков карактер на државата – посочуваат некои од аналитичарите со кои се консултиравме околу моделите за преуредување на државата што ги заговара ДУИ.
Според нив, има неколку цели во ова што сега го заговара ДУИ, а сето тоа не е нималку наивна работа.
– Има неколку цели што сакаат да ги постигнат интегративците откако веќе не се на власт. Прво, ова што сега го прави ДУИ е на некој начин да се заштити од некакви судски процеси ако се откријат корупција и криминал во нивното работење, па пораката што ја испраќаат до актуелната власт е дека се подготвени да одат докрај играјќи на картата на државно преуредување, односно поделба на државата, ако започнат некакви истражни постапки. Понатаму, ова што сега го предлагаат од Мала Речица всушност е класична официјализација на освојувањето територии, проект што го започнаа во 2001 година. Сведоци сме дека по конфликтот во 2001 година и новата територијална поделба, сите територии што од ДУИ ги сметаат за „воен плен“ ги означија со албански државни знамиња, го официјализираа албанскиот јазик, целосно ја исклучија централната власт од контрола во тие општини, таму не се наплаќаат даноци, нема фискализација, масовно се градат споменици, едноставно тие области во најголем дел функционираат како држава во држава. За тоа дека процесот е веќе тргнат говорат и постапките на челниците на ДУИ што беа на високи раководни места во државата. Ако го погледнеме однесувањето на ДУИ кон промената на името на државата, кон францускиот предлог, ќе ни стане јасно дека за нив приоритет се исклучиво интересите на Албанците и не ги интересира ништо друго. Тие говорат за етнички изборни победници, не за победници на ниво на цела држава. Сега ангажираат и американски експерт да им подготви модел што е всушност модел за поделба на државата, а не за средување на состојбите – посочуваат аналитичарите.
Поранешниот амбасадор и универзитетски професор Нано Ружин смета дека идејата за промена на моделот за регулирање на државата според белгискиот или ирскиот модел ќе се соочи со отпор кај народот, но и дека тоа не е нималку едноставна работа.
– Веројатно ќе дојде време, како резултат и на демократските процеси и на желбите на одредени сегменти на популација, етнички заедници итн., да има еден вид административна поделба. Сега за сега ние знаеме дека постои таа, условно кажано, поделба на осум региони во нашата држава, но сите се направени повеќе од економски аспект, а не од политички. Ова прашање останува отворено, дури и најдобрите експерти да се заложат за тоа, тоа не е толку едноставна работа – вели Ружин за ТВ 21. 


Молк на меѓународната заедница

Ако за многу побанални работи меѓународната заедница постојано реагира и упатува отворени пораки како некој да се постави кон одредено прашање, сега има целосен молк.
– Зачудува молкот од страна на меѓународниот фактор, кој ако ништо друго, можеше да излезе со јасна порака дека го поддржува унитарниот карактер на државата и се противи на какви било нови внатрешни преуредувања што би можеле да ја нарушат внатрешната стабилност. Во услови кога има безбедносни превирања на европско тло, несериозно е да се работи на дестабилизирање на државата одвнатре. Да излезеше некоја друга партија со ваков или сличен предлог за преуредување, тогаш веројатно многу брзо ќе стигнеа реакции од страна, но вака, кога станува збор за ДУИ, се чини дека сѐ уште се нивно милениче, кое го оставаат да прави што сака. Како и да е, клучно е државата да опстои на идејата за унитарност, да не подлегнува на никакви притисоци и уцени и да продолжи да работи на агендата што ја одбраа граѓаните – евроинтеграции, владеење на правото, борба со корупцијата и економски развој. Наместо да пресликаме модел што значи општествена кохезија, деетнизација и напредок во согласност со знаења и стручност, ние ќе се враќаме кон племенски поделби и територијални разграничувања. Намерата на ДУИ е јасна, да ја растури државата затоа што е подалеку од власта, односно од алатките што му овозможуваа богатење и контрола, но намерата на сите граѓани е уште појасна, да живеат во просперитетна и напредна држава, ослободена од секакви етнички стеги и поделби. Македонскиот модел во минатото покажал дека е многу пофункционален и поефикасен од кој било друг, затоа нема причина да увезуваме туѓи нефункционални модели – заклучуваат соговорниците. С.Т.