Краток пресек на клучните глобални политички настани од минатата година што продолжуваат да се развиваат и во 2025 година
Во 2024 година, светската јавност беше сведок на екстреми: и воени и климатски. На војните во Украина и на Блискиот Исток не им се гледа крајот, иако сите со нетрпение го очекуваме мирот. Војната во Европа продолжува и во новата година, со надеж дека големите сили токму годинава ќе го затворат тоа бојно поле. И воениот судир на Израел во Газа не е запрен, конфликтот на Израел со Хезболах ескалира.
Во изминатата година, американските избори беа најочекуваниот настан на годината. Американците го избраа Доналд Трамп, а неговото инаугурирање со нетрпение се очекува на почетокот на 2025 година.
На Стариот Континент, владите во Париз и Берлин паднаа. Нов премиер се досели на Даунинг стрит 10 во Лондон, а водечките позиции како носители на највисоките функции во ЕУ беа заземени од некои стари и познати личности, како и од некои нови.
Потсетување на некои политички и безбедносни премрежиња во 2024 година
1. Иако анкетите предвидуваа „најнеизвесни избори во американската историја“, Доналд Трамп убедливо ја победи Камала Харис на 5 ноември. За издвојување е дека Трамп во текот на претседателската кампања преживеа два обида за атентат. Еден на митинг во Пенсилванија во јули кога куршум му го пронижа десното уво, а другиот на Флорида во близината на неговиот терен за голф. На изборите Трамп освои 312 електори од потребните 270, вклучувајќи ја и победата во сите седум клучни држави (во кои еднакви шанси за победа имаат и републиканскиот и демократскиот кандидат, па затоа токму тие се цел на предизборните кампањи) – Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Северна Каролина, Пенсилванија и Висконсин. Досегашниот претседател на САД, Бајден, го прими својот наследник во Белата куќа и вети мирен трансфер на власта. Џо Бајден вети дека ќе присуствува на инаугурацијата на Трамп на 20 јануари и ќе ја продолжи традицијата. Трамп, вторпат претседател на САД и вторпат личност на годината според магазинот „Тајм“, ќе биде најстариот претседател во историјата на САД кога ќе ја преземе функцијата. Спроведувањето на неговите идеи и политики би требало да биде олеснето со тоа што републиканците на парламентарните избори го освоија мнозинството во Претставничкиот дом и Сенатот. Трамп, во чија администрација Елон Маск ќе игра важна улога, веќе најави нови царински политики и воопшто нови политики во многу области, што ќе има глобална рефлексија, почнувајќи од 2025 година.
2. Во воената кампања во Газа загинаа повеќе од 44.000 луѓе, повеќето цивили, покажуваат податоците на Министерството за здравство во Појасот Газа под управа на Хамас, кои Обединетите нации (ОН) ги сметаат за точни, па затоа и нив ги издвојуваме. Десетици заложници, од околу 250 заробени во ненадејниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, кој беше поттик за војната, сè уште се во заробеништво во Газа. Во септември 2024 година, конфликтот на Израел со либанскиот Хезболах, сојузник на Хамас, кој рече дека дејствува како солидарност со Палестинците во Газа, ескалира. Пејџерите и воки-токи уредите на припадниците на Хезболах експлодираа во Либан во рок од 24 часа во септември, при што загинаа најмалку 37 луѓе, а повеќе од 3.000 беа повредени, што Израел го нарече „почеток на нова фаза во војната“. Во септември минатата 2024 година, Хезболах го загуби својот долгогодишен водач Хасан Насрала, кој беше физички ликвидиран во израелски воздушен напад врз Бејрут. Сојузникот на Хезболах, Иран, лансираше проектили кон Израел во октомври како одмазда за копнениот напад на израелските сили во јужен Либан. Израел возврати со напад на воени цели во и околу Техеран. Примирјето со посредство на САД меѓу Израел и Хезболах стапи во сила на крајот на ноември, но тоа е кревко и двете страни меѓусебно се обвинуваат за негово прекршување.
3. Руската војна во Украина ќе влезе и во својата четврта година. Ако се прашува Трамп, нема. Како и да е, се очекува промена на американската политика кон војната во Украина, па администрацијата на Бајден се обидуваше што повеќе да го зајакне Киев на самиот крај на мандатот. Вашингтон му дозволи на Киев да користи американско оружје со долг дострел против цели на руска територија, потег што веднаш беше следен од Велика Британија и Франција. САД ѝ испратија на Украина контингент со оружје во вредност од 725 милиони долари, а Министерството за финансии одделно префрлило 20 милијарди долари од фондот на Светска банка (СБ) за поддршка на Украина како дел од заемот на групата Г7. И покрај ненадејната офанзива на Киев во руската област Курск во август 2024 година, Украина не успеа да ги спречи руските сили да напредуваат во длабочината на украинската држава, кон запад. Таканаречениот „План за победа“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го претстави на турнеја низ сојузничките земји, брзо падна во втор план и сега сите погледи се насочени кон американскиот претседател Трамп и неговиот план за ставање крај на војната во Украина во 2025 година. Киев и Москва сѐ повеќе покажуваат подготвеност да преговараат, но Украина постојано ги повикува своите сојузници да ја зајакнат пред да започнат преговорите. Зеленски накратко се сретна со Трамп во Париз во ноември минатата година и побара безбедносни гаранции за Украина во случај на каков било договор со Русија. Во меѓувреме, Русија ја продолжува својата офанзива и ги остварува најбрзите воени пробиви на фронтот во источна Украина од почетокот на војната во февруари 2022 година. Рускиот претседател Владимир Путин го обезбеди својот петти шестгодишен мандат во март со рекордни 88 отсто поддршка.
4. Сирискиот претседател Башар ал Асад е сменет. Неговите сојузници, Русија, Иран и либанскиот Хезболах, беа оптоварени со нивните сопствени конфликти, кои бунтовничката алијанса предводена од исламистичкото движење Хајат Тахрир ал Шам (ХТС), поранешен огранок на Ал каеда, ги искористи за да започне ненадејна, но успешна офанзива, која се одвиваше кон крајот на ноември во 2024 година. Асад и неговото семејство добија азил во Москва, а Мухамед ал Башир ќе биде премиер на преодната сириска влада до 1 март 2025 година. Таа состојба создаде последици, па Турција мораше да прими околу три милиони сириски мигранти и бегалци. Анкара најави дека ќе им овозможи безбедно и доброволно враќање на Сиријците во нивните домови. Европските земји исто така беа позитивно расположени за примање на сириските бегалци, но многу брзо почнаа да ги запираат барањата за азил за Сиријците. Иран, САД, Франција и Германија беа меѓу првите што бараа начини да комуницираат со новото сириско раководство.
5. На 7 март, Шведска официјално влезе во НАТО како 32. членка на Алијансата, отфрлајќи ја нејзината двестегодишна политика на неутралност.
6. Во јуни се одржаа избори за Европскиот парламент, кои заедно со изборите во некои земји членки донесоа „промена кон десно“ во односот на силите на политичките субјекти. На изборите за Европскиот парламент (ЕП), партиите од десниот центар собрани во Европската народна партија (ЕПП) дополнително ја зацврстија својата водечка позиција, партиите од левиот центар (социјалисти и демократи) успеаја да го зачуваат претходниот број на претставници, додека либералите (Обнови) и Зелените беа големи губитници. Екстремно десничарските партии (Патриоти за Европа) и Европските конзервативци и демократи (ЕЦР) ги турнаа либералите од третото на петтото место по сила. Урсула фон дер Лајен уште пет години ќе биде на чело на Европската комисија (ЕК), а Португалецот Антонио Коста е нов претседател на Европскиот совет (ЕС). Поранешниот холандски премиер Марк Руте, пак, ја презеде функцијата генерален секретар на НАТО.
7. Кир Стармер стана премиер на Велика Британија, неговата Лабуристичка партија убедливо победи на парламентарните избори во јули, ставајќи крај на 14-годишното владеење на конзервативците.
8. Во ноември се распадна семафор-коалицијата во Германија, а во декември ѝ беше изгласана недоверба на малцинската влада на канцеларот Олаф Шолц, па Германците ќе одат на избори следната година.
9. Минатата 2024 година падна уште една европска влада – француската влада на Мишел Барние формирана по предвремените избори во Франција во јуни минатата година. Екстремната десница и левица се обединија во декември за да му изгласаат недоверба на Барние, премиерот со најкраток стаж во модерната француска историја.
10. Во Романија, пак, Уставниот суд го откажа првиот круг од претседателските избори поради наводно „руско мешање“, во кој на изненадување на сите победи прорускиот десничар Калин Георгеску.
11. Во Грузија со недели, пред крајот на 2024 година, имаше протести откако владејачката проруска партија Грузиски сон го запре процесот на земјата кон членство во Европската Унија. Н.М.
„Коперник“, програма за следење на климатските промени на Европската Унија, проценува дека 2024 година е најтоплата година досега и прва со температури над 1,5 степен над досегашните просечни нивоа
Изминатава година беше најтопла во модерната историја
На 21 јули 2024 година (недела), светот достигна највисока просечна површинска температура од 17,09 степени, идентификуваат податоците на „Коперник“. Земјите во развој и побогатите земји го презентираа ова сознание на годинашниот Самит за климата – КОП29. Самитот за климата се одржа во ноември во Азербејџан. Самитот падна и во сенка поради заканата на Трамп да ги повлече САД од Парискиот климатски договор. Финансирањето на борбата против климатските промени беше главната точка на преговорите. Договорено е да се издвојат 300 милијарди долари годишно до 2035 година за да им се помогне на посиромашните земји да се справат со влијанијата на климатските промени, што е зголемување од претходната заложба на развиените земји да обезбедуваат 100 милијарди долари годишно. Посиромашните земји и климатските организации сметаат дека тоа е недоволно и се надеваат на подобар договор следната година во Белем, Бразил.
– Разорни поплави ја погодија Валенсија, Шпанија, на 29 октомври 2024 година. За неколку часа падна толку атмосферски воден талог (дожд), колку што обично паѓа цела година. Над 200 луѓе ги загубија животите, а жителите излегоа на улица и побараа одговорност од надлежните затоа што не ги предупредиле навреме за опасност од надоаѓачкото невреме.
– Бурата Борис ги зафати Централна и Источна Европа во септември 2024 година и однесе повеќе од 20 животи. Романија, Полска, Австрија, Чешка и Словачка беа најтешко погодени од последиците од тоа невреме. Жителите на Виетнам беа најголеми жртви на тајфунот Јаги, најсилната годинашна бура во Азија на почетокот на септември, во која загинаа стотици луѓе.
– И Босна и Херцеговина во годината што измина беше погодена од поројни поплави, на 4 октомври. Загинаа 27 лица, најмногу во селото Јабланица, а штетата се проценува на повеќе од 125 милиони евра.
– Низ светот, жртви и штети претрпеа и Кина, Тајланд, Мјанмар, Лаос и Филипините. Ураганот Хелена, кој мина низ југоисточниот дел на САД на крајот на септември, усмрти повеќе од 200 луѓе. Кон крајот на годината, циклонот Чидо уби стотици, а според бројот на исчезнатите, се претпоставува дека бројката на жртвите ќе достигне и над илјадници луѓе во францускиот архипелаг Мајот во Индиски Океан. Н.М.
Познати светски личности што нѐ напуштија во 2024 година
– Иконата со ангелско лице на француската кинематографија Ален Делон почина во август. Делон, харизматичен, талентиран и убав, беше едно од најпрепознатливите лица на европската кинематографија.
– Добитникот на Нобеловата награда и познат физичар Питер Хигс (94) почина во април во својот дом во Единбург. Хигс го предвидел постоењето на нова честичка позната како „божја честичка“ или Хигсов бозон.
– Книжевниот свет годинава остана без нобеловката Алис Мунро и без најпознатиот албански писател Исмаил Кадаре.
– На 91-годишна возраст почина американскиот продуцент, композитор и текстописец Квинси Џонс. Мултиталентираниот музички експерт го продуцираше, меѓу другото, култниот албум на Мајкл Џексон, „Thriller“, најпродаваниот во историјата.
– Поранешната ѕвезда на американскиот фудбал О.Џ. Симпсон, кој беше ослободен од обвинението за убиството на неговата сопруга и нејзината пријателка во 1995 година во случај што предизвика огромен интерес во американската и светската јавност, почина на 76-годишна возраст по битка со ракот.
– Шенон Доерти, Бренда од популарната тинејџерска серија Беверли Хилс, почина по долгогодишна борба со ракот на дојката. Таа имаше 53 години.
– Во февруари во Франција почина поранешниот француски министер за правда Роберт Бадентер, човекот што го прогласи крајот на Југославија, го измисли „Бадентеровото мнозинство“, а во својата татковина е најпознат по укинувањето на смртната казна во 1981 година.
– Најжестокиот критичар на Путин и лидер на руската опозиција, Алексеј Навални, почина во февруари во казнена колонија на Арктикот на 47-годишна возраст. Тој беше погребан на 1 март во Москва со песната „My Way“ од Френк Синатра.
– Помладата генерација беше шокирана од трагичната смрт на поранешниот пејач на „Уан дајрекшн“, Лиам Пејн, во Аргентина. Н.М.