Борис Нешовиќ - пример за постојано практикување на солидарноста / Фото: Приватна архива

ПО ПОВОД МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА СОЛИДАРНОСТА: ЧОВЕЧКАТА СОЛИДАРНОСТ – ЗАБОРАВЕНА ВРЕДНОСТ ВО ДЕНЕШНОТО МОДЕРНО ЖИВЕЕЊЕ?

  • Човечката солидарност е една од најважните вредности и потреби, особено во денешното модерно живеење во брз ритам, кога и се подзаборава на неа. По повод неодамнешниот Меѓународен ден на солидарноста, 20 декември, ја нагласуваме важноста и натаму да ја негуваме оваа особина што сите ја поседуваме
  • Пандемијата пред неколку години навистина покажа колку сме поврзани и колку ни е потребна солидарноста за да опстанеме какви што сме. Верувам дека ѝ даваме премалку внимание на секојдневната солидарност, во семејството, на работното место, па дури и во образованието. Кога помагаш, не го збогатуваш само другиот, туку и себеси, вели за „Нова Македонија“ Борис Нешовиќ, поранешен успешен кошаркар, подоцна и тренер, а сега професор

Човечката солидарност е една од најважните вредности и потреби на денешницата, веројатно и најмногу ценета покрај слободата, еднаквоста, толеранцијата… Следствено, во контекст на глобализацијата и предизвикот на растечката нееднаквост, неопходно е зајакнувањето на меѓународната солидарност. На 22 декември 2005 година Генералното собрание на ООН, убедено дека промоцијата на културата на солидарност и духот на споделување се важни за борбата против сиромаштијата, го прогласи 20 декември за Меѓународен ден на човечката солидарност. Ова претставува и повод да потсетиме на важноста и потребата постојано да ја практикуваме нашата солидарност кон другите луѓе и кон заедницата, односно да не дозволиме давањето помош да се случува главно кога ќе настанат некои природни непогоди, општествени или лични трагедии и проблеми. Помеѓу другото, овој ден е и поттик да се издигне јавната свест за важноста на солидарноста, како и да се поведат односно да се омасоват акции за поттикнување нови иницијативи за искоренување на сиромаштијата.
За жал, во современиот свет сѐ почести се отуѓеноста, самодоволноста, поделеноста, па и себичноста. И не само поради тоа, солидарноста е во суштината на нашето живеење, со неа не само што се разубавува животот на оние на кои им нудиме солидарност туку и се подобрува нашето постоење. Помеѓу другото, солидарноста подразбира и да се даде помош зад која не постојат услови или очекувања за возврат да се добие награда. Не е потребен голем напор за да му покажеме милост или да му направиме добро дело некому. Потребна е само желба да се обидеме, барем понекогаш, да бидеме солидарни кон другите. Она што за нас се мали гестови, мало внимание, мал дар, кај други ќе предизвика подобри чувства, среќа, па можеби и пресвртница кон поубав живот.
Солидарноста е посакувана не само во меѓучовечките туку и во меѓународните односи. А, највпечатливо влијание на современите изрази на меѓународна солидарност е нивното прифаќање на принципот на хуманост – барањето за заштита на животот и ублажување на човечкото страдање. Комбинацијата на овие два универзални принципа го нагласува приоритетот на исцрпување на механизмите за мирно решавање спорови пред употребата на сила, иако, за жал, ова премалку се практикува во меѓународните односи.
Македонија е еден од примерите, полињата, за искажување на човечката солидарност, за што, помеѓу неброените примери низ историјата, сведочи и помошта што по катастрофалниот земјотрес во 1963 година беше дадена од светот кон жителите на Скопје, по што нашиот главен град беше наречен град на солидарноста, како и внатрешната и надворешната помош наменета за повредените и семејствата на настраданите и на повредените од големата трагедија во Кочани во март годинава.
И не само кај нас туку и низ светот, особено во големиот број региони што се погодени од воени разурнувања или од природни катастрофи и непогоди, особено кај (дел од) напуштените, бегалците, сиромашните, бездомниците, старите луѓе…, многу луѓе, под различни околности, се почувствувале сами, оставени и беспомошни. А, тоа се состојби и чувства што раѓаат страв и разни видови на анксиозност. Не само на тие луѓе туку на сите, па и на најбогатите по материјални добра, им е потребна солидарност, било со дело, било збор или со мисла.

Нешовиќ во текот на кошаркарската кариера

А, солидарноста мошне се отсликува и во спортот, каде што сѐ се гледа на теренот. Типичен и позитивен пример за спортист и кошаркар што кон сите (соиграчите, противниците, тренерите, управите, навивачите, медиумите…) постојано ја практикуваше солидарноста во текот на неговата мошне успешна и трофејна кариера е поранешниот кошаркарски репрезентативец на Македонија Борис Нешовиќ (54 години). Тој од свое лично искуство потврдува дека кога човек помага, не го збогатува само другиот туку и себеси.
– Солидарноста за мене не е збор што го користиме само кога се наоѓаме во тешки периоди, туку е вредност што треба да ја живееме секој ден. Како спортист, научив дека никој не победува сам. Тимот, поддршката и меѓусебната грижа се клучни во ова прашање. Без нив, ние не би имале претстава што е всушност солидарноста. Пандемијата пред неколку години навистина покажа колку сме поврзани и колку ни е потребна солидарноста за да опстанеме какви што сме. Верувам дека ѝ даваме премалку внимание на секојдневната солидарност – во семејството, на работното место, па дури и во образованието. Кога помагаш, не го збогатуваш само другиот, туку и себеси. Таа, на некој начин, е подадена рака пред да се побара помош – вели Нешовиќ за „Нова Македонија“.
Нешовиќ тоа го вели од богатото искуство – кошаркарско, пред сѐ играчко и тренерско, но и како професор по физичко образование. Последниве 20 години, по завршувањето на играчката кариера, во најголем дел беше тренер во четири клуба од Скопје, а сега работи како професор по физичко воспитание во СУГС Гимназијата „Никола Карев“. Неговиот син Алексеј Нешовиќ (17) е мошне перспективен кошаркар, младински репрезентативец на Македонија во неколку возрасни категории, а се школува во средно училиште во САД. А под обрачите настапуваше и неговиот помлад брат Ненад Нешовиќ.
Солидарноста е во врвот на фундаменталните и универзални вредности наброени во рамките на првото поглавје, од вкупно осум, на Милениумската декларација на Организацијата на Обединетите нации (ООН), која датира од почетокот на 21 век. Човечката солидарност, помеѓу другото, е и едно од шесте поглавја на Повелбата за основните права на Европската Унија од 18 декември 2000 година, кои се наброени по следниот редослед: достоинство, слободи, еднаквост, солидарност, човекови права и правда. Иако човечката солидарност не се споменува во некои документи како што се Европската конвенција за човековите права или Универзалната декларација за човекови права на ООН, сепак, во суштина, солидарноста е едно од главните и неопходни нешта во животот на секој човек.

Живко Здравкоски