Обидите за бришење на македонскиот идентитет се исти со делата за кои сведочат камен-обележјата во Треблинка

  • Евреите што биле депортирани во Треблинка во 1943 година не доаѓале од „Северна Македонија“, ниту, пак, од некаква административна формула создадена децении подоцна. Тие биле Евреи од Македонија, од Скопје, Битола и Штип, па така се идентификувал и просторот од кој биле одведени во смрт. Затоа обидите денес тоа име да се „коригира“ или целосно да се отстрани од меморијалниот простор претставуваат опасна форма на ревизија на историската меморија

Суптилни притисоци трпат полските власти од одредени европски земји да го отстранат името „Македонија“ од камен-обележјето поставено во меморијалниот простор во логорот Треблинка, а кое ги означува земјите од кои за време на Втората светска војна биле депортирани Евреите.
Според дипломатски извори во Европската Унија, кои посакаа да останат анонимни, некои внатрешни кругови во рамките на Унијата подолго време им сугерираат на полските власти на камен-обележјето да се стави новото име на државата „Северна Македонија“, додека има и такви што заговараат ова обележје целосно да се отстрани од меморијалниот простор.

Меморијалниот камен во Треблинка е историја на Македонија

Потврда дека има обиди да се промени текот на историјата и да се испише некаков нов историски наратив стига и од претседателот на еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви, кој за време на неодамнешниот говор по повод 83 години од депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта во Треблинка порача дека постојат обиди да се заборават возовите на смртта.
– Може да има многу политички мотивирани приказни, но постои само една историска вистина. Во меморијалниот простор во логорот Треблинка, каде што се ставени камен-обележја со имиња на земјите од кои биле донесени жртвите, има и камен со натпис Македонија. Денес се оспорува тој камен, се бара негово преименување или отстранување поради политички спорови и внесување дневна политика во масовна гробница. Сакам да порачам дека тој камен не е геополитичка формула, не е дипломатски став, тоа е историја на македонските Евреи, тоа е историја на Македонија. Тој камен е почит за 7.114 жртви што таму немаат гроб, освен тој камен – рече Леви.
Македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова од Меморијалниот и музејски комплекс „Треблинка“ во Полска порача дека нема да дозволиме историски ревизионизам и фалсификување на вистината за холокаустот на македонските Евреи.
– Нема да дозволиме болната и тешка меморија некој да ни ја избрише, бидејќи нашите Евреи ќе останат наши. Сеќавањето за нив ќе остане не само додека се живи нивните наследници, нивните роднини, туку додека има и Македонци, секогаш, бидејќи тоа е тоа братство што останува вечно – порача претседателката.

Историјата не смее да се приспособува на политички договори

Несомнено, истите сили што работат на бришење на македонскиот идентитет не избираат средства за да ги остварат своите цели, па одат дотаму што удираат и врз потврдените историски факти, само за да го избришат од лицето на земјата името Македонија.
Поразително е што истите тие кругови немаат ниту ронка почит кон огромната човечка жртва што ја дадоа Евреите за време на Втората светска војна, туку со своите постапки за бришење на името Македонија од спомен-каменот во меморијалниот простор на логорот Треблинка всушност се поистоветуваат со геноцидните политики на нацистите.
Она што секому треба да му е јасно, особено на негаторите на македонскиот идентитет, тоа е дека меморијалните простори не се обични паркови со камења и споменици. Тие се места на историска совест, каде што човештвото се соочува со сопствените злосторства и се обидува да извлече поука од трагедиите на минатото. Токму затоа секоја интервенција во таквите простори мора да биде историски чесна.
Случајот со камен-обележјето во меморијалниот комплекс на поранешниот нацистички логор Треблинка отвора едно многу подлабоко прашање од формалната дилема околу името на една држава. На тоа обележје стои името Македонија како земја од која биле депортирани Евреи во нацистичките логори на смртта. Тоа не е политичка декларација, туку историски факт потврден во сите светски историски документи.
Евреите што биле депортирани во Треблинка во 1943 година не доаѓале од „Северна Македонија“, ниту, пак, од некаква административна формула создадена децении подоцна. Тие биле Евреи од Македонија, од Скопје, Битола и Штип, па така се идентификувал и просторот од кој биле одведени во смрт.
Затоа обидите денес тоа име да се „коригира“ или целосно да се отстрани од меморијалниот простор претставуваат опасна форма на ревизија на историската меморија. Кога еднаш ќе почнеме да ја приспособуваме историјата според дневнополитички договори, тогаш веќе не зборуваме за сеќавање, туку за негово препишување.
Парадоксот е уште поголем ако се има предвид дека меморијалот во Треблинка постои токму за да нè потсетува на обидот на нацистичкиот режим да избрише цели народи и заедници од лицето на земјата. Бришењето имиња и идентитети беше суштински дел од таа идеологија, а сега некои темни сили внатре во ЕУ продолжуваат да го прават истото тоа, како ништо да не научиле од историјата.
Затоа, кога денес некој бара од меморијален простор да се отстрани или промени историско име Македонија, колку и да е мотивот формално дипломатски, неизбежно се отвора непријатна паралела. Секој обид да се избрише име од место посветено на жртвите на холокаустот неизбежно потсетува на истата логика на бришење што некогаш ја практикувале оние против кои тие меморијали сведочат.
Историјата не смее да се приспособува на политички договори, ниту меморијалните камења да се дотеруваат според актуелни дипломатски формулации. Тие стојат таму како неми сведоци на времето кога злото се обидело да избрише цели заедници од човечката историја. Затоа каменот во Треблинка треба да остане таков каков што е. Не како политичка порака, туку како историска вистина. Зашто кога еднаш ќе почнеме да ги бришеме имињата од камењата, следниот чекор е бришење на сеќавањето. А токму тоа е нешто што светот се заколна дека никогаш повеќе нема да го дозволи.