Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повод: Новинарски написи за изборите, новинарството меѓу вистината и манипулацијата

Во основата на секое вистинско новинарство има еден универзален императив – вистината. Тоа е суштината на професијата, нејзината морална вертикала. Новинарот не е активист, ниту партиски војник, ниту портпарол на некоја институција, ниту води нечиј сектор за односи со јавноста. Тој е стамен претставник на јавноста, на јавното мислење и јавниот интерес, кој работи според кодекс со утврдени принципи на новинарството: професионални, етички, морални.
А во последните години, особено во нашето општество, сведоци сме на постепено разградување на новинарската етика, каде што фактите се заменуваат со спинови, а објективноста со интерпретации со однапред поставена цел.

Новинарот мора да прави
јасна разлика помеѓу фактите и толкувањата, помеѓу
информирањето и уредничката процена/коментар

Кога медиумот ќе објави наслов како „апсолутна победа, но со недоверба“, тој не известува — тој коментира и сугерира емоција. Во светските медиумски стандарди ова се смета за прекршување на основното правило на разделување вест од мислење. Според Кодексот на новинарите на Европската федерација на новинари, новинарот мора да прави јасна разлика помеѓу фактите и толкувањата, помеѓу информирањето и уредничката процена. Веста е света, мислењето е право, но тие две не смеат да се мешаат заедно. Слично важи и за медиумските спинови, кои се кријат зад фрази како „според ОБСЕ, изборите не биле демократски“ – кога таков збор не постои во извештајот! Тоа не е интерпретација, тоа е измислување. Во светската пракса ваквото однесување се третира како дезинформација и носи тешки последици за кредибилитетот на медиумот. Во уредувачките упатства на Би-би-си, „Ројтерс“ и „Асошиејтед прес“ јасно е наведено: секој цитат мора да биде прецизен и проверлив, а секоја оценка што ја додава новинарот мора експлицитно да биде означена како став, а не како факт.

Новинарството носи на плеќи висока општествена одговорност

Во демократските општества новинарството има двојна одговорност: да ја информира јавноста и да ја заштити од манипулација. Кога медиумот станува само голо средство за наметнување ставови во јавноста, наместо нејзино информирање (или сестрано анализирање, истражување…), тогаш тоа веќе не е новинарство – тоа е пропаганда со новинарски алатки.
Затоа, горенаведениот новинарски кодекс (професионалниот и етичкиот) не е само формалност туку е граница на довербата меѓу јавноста и медиумите. Еднаш кога таа ќе се премине, довербата се губи неповратно. А без доверба, нема ниту јавен интерес ниту вистинска демократија.
Медиумот што ќе си дозволи да интерпретира наместо да известува не е чувар на вистината – тој станува нејзин уредник. А вистината не смее да има уредник.

Со поткуп или со закани се измести слободното новинарство

Новинарството низ историјата се сметало за четврта власт, чувар на демократијата и глас на јавноста. Но што се случува кога таа „четврта власт“ ќе почне да ја губи сопствената совест? Кога наместо да ја информира јавноста, почнува да ја обликува според некои однапред подготвени шаблони? Денес сме сведоци на процес во кој некои од медиумите го губат кредибилитетот, не затоа што немаат пристап до информации, туку затоа што свесно ја искривуваат вистината. Пред околу две години бевме сведоци дури и на настан во кој им се сугерираше на медиумите дека „сето она што ќе биде напишано во нив, а нема да се совпаѓа со мејнстрим либералните политики на владите на државите, ќе биде прогласено за ’лажна вест’, а медиумот и новинарот ќе бидат санкционирани“!?
Нескротливата желба да се има влијание и контрола врз медиумите постојано е присутна и не се избираат средства како да се оствари таквата цел, а тоа го прават дури и најголемите светски центри на моќ, со намера да ја пласираат исклучиво едната страна на приказната, и тоа нивната.
Додека од една страна себеси се сметаат за промотори на демократијата и го наметнуваат наративот за слобода на медиумите како највисок приоритет, подготвувајќи илјадници извештаи за сите земји во светот и оценувајќи ја медиумската слобода, самите настапуваат од позиција на авторитети, диктираат што може, а што не може да циркулира во медиумскиот простор и не полагаат сметки пред никого за тоа.
Несомнено, со таквиот настап сакаат да остварат некои свои тесни интереси, безобѕирно злоупотребувајќи ги медиумите за нивната пропаганда и задушувајќи секаков обид истите тие медиуми да го изнесат мислењето и на другата страна.
Во време кога граѓаните стануваат сѐ посвесни дека центрите на моќ сакаат да ги контролираат информациите и да им го пласираат само она што ним им одговара, медиумите се тие што треба да ги отфрлат таквите притисоци и обиди за влијанија така што ќе се стават исклучиво во служба на општествата, пласирајќи им ја секогаш вистината, ослободена од секакви притисоци и скриени намери на кои било центри.
Американскиот новинар Карлсон Такер, кој своевремено беше отпуштен од матичниот медиум затоа што одби да спроведува наметната владина агенда, смета дека во секое општество мора да постои демократска дискусија, а медиумите во ниту еден случај не смеат да бидат нечија пропагандна алатка што ќе ја опструира таквата дискусија и ќе наметнува некаков поинаков дискурс.
– Не можете да имате слободно општество ако на луѓето не им е дозволено да го кажат она што мислат дека е вистина. Говорот е основен предуслов за демократија. Затоа е вграден во првиот наш уставен амандман – вели Такер, кој беше првиот западен новинар што направи интервју со рускиот претседател од почетокот на руско-украинскиот воен судир, за што повторно беше на удар од дел од медиумите контролирани од Владата.
Според него, дел од вината за тоа што на граѓаните им се пласираат само одредени работи што се во прилог на некои либерални центри на моќ имаат и мејнстрим-медиумите, кои под превезот на некаква демократска дебата во јавноста протуркуваат најгруба анархолиберална пропаганда.
– Во најголем дел вестите што ги гледате доаѓаат од медиумски организации што и самите се слабо маскирани пропагандни места. Го гледате на кабелските вести и подоцна зборувате за тоа на социјалните мрежи. Резултатот може да изгледа како дебата, но всушност „вратарите“ сè уште се одговорни за тоа што ќе се пласира во јавноста. Мислиме дека тоа е лош систем. Знаеме точно како функционира тоа и ни се гади. Слободниот говор е главното право што го имаат граѓаните, без него немаат ништо – констатира Такер. Н.М.


Механизмот на спинот – современа алатка на манипулацијата

Во светската медиумска практика терминот „спин“ означува контролирано вртење на информацијата со цел да се насочи вниманието на јавноста кон одреден заклучок. Тоа не е отворена лага, туку полувистина вешто спакувана како одредена новинарска форма (на пример, вест). Наслови како „апсолутна победа, но со недоверба“ или „избори добро организирани, но не демократски“ не се резултат на аналитичка длабочина, туку на уредничка намера. Во суштина, тие создаваат емоционален контраст што треба да ја намали тежината на фактите и да ја пренасочи перцепцијата на читателот.
Во медиумската теорија ова се нарекува фрејминг (framing) – начин на кој медиумот ја „врамува“ реалноста за да ја интерпретира според сопствена агенда. Таквиот пристап е опасен бидејќи не ја менува само содржината туку и контекстот во кој јавноста ја перципира вистината. Така, победата станува сомнеж, успехот станува условен, а фактите се губат во реторика. Н.М.


Брзината на медиумското информирање стана поважна од вистината

Во ерата на социјални мрежи и брзи портали, брзината стана поважна од вистината. Но во трката за кликови, многумина ја изгубија најважната вредност – кредибилитетот. Дезинформацијата повеќе не доаѓа само од политички центри, туку често и од самите редакции, кои сакаат да бидат „први“, дури и по цена да не бидат точни.
Медиумот што ќе заклучи нешто што не е кажано – како на пример дека ОБСЕ рекло нешто што не рекло – не известува, туку создава нова реалност. А тоа е суштината на спинот: да направи јавноста да верува дека гледа факт, додека всушност гледа туѓа интерпретација. Без професионална самокритичност, спинот ќе продолжи да се продава како новинарство.
Во многу земји, особено во транзициските општества, медиумите често се користат како алатки на политичко позиционирање. Наместо да бидат контролори на власта, тие стануваат партнери во креирање наратив. Во такви услови, вистината се приспособува на моменталниот интерес. Токму тоа е најопасната форма на цензура — автоцензурата. Новинарот не мора да биде замолчен, доволно е да знае што се очекува од него и да го испорача тоа во форма на „вест“.
Според Институтот за новинарство на „Ројтерс“ во Оксфорд, повеќе од 60 отсто од граѓаните во Европа изјавуваат дека не им веруваат целосно на медиумите токму поради сензационализам, политички влијанија и манипулативни наслови. Светските примери покажуваат дека довербата може да се врати само кога медиумите се враќаат кон суштината – фактите.
Вистинскиот новинар не создава перцепции, туку ги расчистува. Тој не ја користи вистината за да ја ретушира или, пак, свежо да ја обои, туку за да ја осветли, онаква каква што е.
Во време кога јавноста е преплавена со информации, вистински храбар новинар не е оној што прв објавува, туку оној што одбива да манипулира. Н.М.


Професионалната етиката не е изгубен компас

Новинарските кодекси низ светот се засноваат на неколку универзални принципи: вистинитост, точност, независност и одговорност. Европската федерација на новинари, Би-би-си, „Ројтерс“, „Асошиејтед прес“ и УНЕСКО во своите етички прирачници јасно нагласуваат дека новинарот мора:
– да прави јасна разлика меѓу вест и коментар;
– да не користи сугестивни наслови што можат да го изопачат значењето на фактите;
– да не пренесува туѓи изјави со додавање сопствени толкувања што не се дел од оригиналниот цитат;
– да обезбеди проверливост на секој податок и извор.
Кога медиумот ќе го прекрши тоа, тој веќе не е дел од новинарството – туку дел од индустријата на влијание. Н.М.